И Пјонгјанг поцрвене од фалбите искажани во негово име

ВИДЕО  Нецензуриранa снимка од Северна Кореја  ќе останете без зборови-crop-resize

[Рецензија: ВИДЕО: Нецензуриранa снимка од Северна Кореја- ќе останете без зборови]

Веќе, се стаписавме од што останавме без зборови. Толку многу занемевме и толку многу сме вчудовидени што, еве, мене ми се здрвија прстите и едвај пишувам на тастатурава, да ви кажам „најискрено“.

Станува збор за текст на кој не може да му се најде „ни глава ни опашка“, што би се рекло. Од една страна се кажува дека станува збор за „земја каде што сексуалното злоупотребување на децата од страна на луѓе вработени во државни институции било секојдневно“, а од друга страна се вели дека „со ова нецензурирано видео се прикажува една сосема поинаква слика за Северна Кореја“, зашто облакодерите го имале „задржано строгиот стил, но сепак се ултра модерни и до сега невидени.

Проблемот е само што во рецензираниов напис, покрај оригиналниот видео клип, снимен во Пјонгјанг со камера поставена на шофершајбна на возило, има и новинарски прилог изработен од новинар на азиското биро на познатиот деловен дневник Вол Стрит Џурнал (ВСЏ), во кој е разговарано со сингапурскиот фотограф, Арам Пам, кој го снимил клипот во северно-корејскиот главен град. Ниту новинарот на ВСЏ, ниту фотографот не велат дека останале без зборови, ниту пак, нешто многу, многу се воодушевиле од „ултра модерните“ облакодери. Напротив, и двајцата говорат за познатите проблеми на оваа диктаторска земја, кои не можат да се пребришат со неколку широки улици и исто толку облакодери.

ВИДЕО  Нецензуриранa снимка од Северна Кореја  ќе останете без зборовиЛинк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Нецензуриранa снимка од Северна Кореја- ќе останете без зборови

Датум и време на објавување: 04.09.2014 12:11

Датум на рецензирање: 09.09.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Рецензираниов текст содржи сосема спротивни и поинакви впечатоци и наводи од новинарскиот видео прилог направен по повод снимањето на клипот во Пјонгјанг:

„Сепак, она што тој го снимил (фотографот – н.з.) е интересно зашто ги покажува чудните улици во и околу главниот град Пјонгјанг. Навистина може да се забележи оти има многу малку луѓе и многу малку автомобили, како и дека има многу малку интеракции меѓу луѓето, како и малку од вообичаените активности.“

Широките улици се празни, ја нема нормалната мешаница вообичаена за големите градови каков што е и Пјонгјанг, нема автомобили, а ја нема ни вообичаената комерцијална активност која е насекаде присутна во нормалниот свет.

 

ЛУЃЕ, ОСТАНЕТЕ БЕЗ ЗБОРОВИ – ВО ПЈОНГ ЈАНГ ИМАЛО БАЗЕН

Веднаш се појаснува и дека снимањето било ограничено на подрачја кои се строго контролирани од четирите лица кои го следеле фотографот. За да се видела некоја комерцијална и трговска активност, која во големите градови ширум светот ја има на секој чекор, овде морало да се отиде на саем. Во оваа вест се фали и снимениот „модерен базен изграден во еден трговски центар“, но не се спомнува изјавата на фотографот, каде што тој вели дека едно од лицата кои постојано биле со него, прв отишол кај базенот за да ги извести пливачите дека ќе бидат посетени од странски фотограф, кој ќе ги снима, а не е ни наведена изјавата дека тој ги преплашил пливачите со својата камера, која ја употребувал додека пливал зашто тие не виделе камера што може да снима во вода или можеби се плашат од било какво снимање со оглед на природата на режимот под кој живеат.

Потоа, нејасна е фасцинацијата со постоењето на самиот базен и трговскиот центар, односно со фактот што, ете, во овој град имало и модерен трговски центар со базен. Исто е чудна и фасцинацијата со облакодерите во центарот на градот. Она што треба да се истакне е фактот што Пјонгјанг, иако е главен град на тоталитарна држава, сепак има дури 3,5 милиони жители во држава со 25 милиони жители и тоа во 21-иот век. Тешко денеска може да се најде главен град со 3,5 милиони жители кој НЕМА трговски центар со јавен базен, па истото важи и за Пјонгјанг. Нешто слично вели и самиот новинар во прилогот, кој истакнува дека „водениот парк е сличен на бројните такви во секој поголем град“. Она што, исто така, треба да се знае за Пјонгјанг е дека тој е „град за покажување“, или тнр. “showcase capital“ и негова цел е да ги залаже посетителите за тоа каква е државата – тие да си речат штом главниот град вака добро изгледа, целата држава не може да биде полоша. Но, вистината е сосема поинаква. Целата држава е далеку полоша и има стотици илјади луѓе во работни логори, вклучувајќи ги и нивните семејства сосе децата, кои таму се цел живот на „превоспитување“. Конечно, ако веќе се сакало да се покаже Пјонгјанг во најубаво светло, можело да се искористи ова видео:

Enter Pyongyang from JT Singh on Vimeo.

кое е направено од професионалци и кое покажува уште поубава слика за градот. Но, сето тоа паѓа во вода кога и ваквото пропагандно видео ќе се спореди со ова од Шангај (од истите професионалци):

This is Shanghai from Rob Whitworth on Vimeo.

каде што динамизмот се гледа на секој чекор наместо мртвилото и недостигот на автомобили во северно-корејскиот главен град.

Насловот е посебна приказна. Како може да се каже дека станува збор за „нецензурирана снимка“, кога фотографот е постојано следен од четворица луѓе (шофер, преведувач, пропагандист и телохранител) и морал да се движи по строго одредена маршрута. Од кога тоа претставува „нецензурирана снимка“? „Нецензурирана снимка“ е кога новинарот може да се движи каде сака и без лица кои го демнат секој негов чекор. Исто така, се вели дека „нецензурираната снимка“ била од Северна Кореја, а всушност, се што гледаме е центарот на главниот град. И тоа не ни поширокиот центар, туку само строгиот центар.

Кога се сака да се протолкува видео клип, кој претставува град во далечна земја, треба да се знае поширокиот контекст – колкав е тој град, каква е државата и слично. И не треба да се потпаѓа под импресија на еден јавен базен во еден трговски центар и неколку облакодери. Тоа денеска го има во секој милионски град. Новинарот секогаш треба да се издигне над пропагандата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција