И по десет години ВМРО-ДПМНЕ повторно ги ветува „Неготино“, „Чебрен“, „Галиште“

ТЕЦ Неготино уште долго ќе остане „ладна резерва“. Фото: веб страна на ТЕЦ Неготино

 

Заложбата на ВМРО ДПМНЕ за „Енергетска независност за нашата земја и долгорочен развој на енергетскиот сектор е нашата врвна цел“ , има декларативен призвук. Само еден краток преглед на ветувањата за трите големи потенцијални извори на електрична енергија – „Неготино“, „Чебрен“, „Галиште“ во изминатите 10 години,  упатува на заклучок дека споменатото ветување е далеку од реалноста.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во секоја програма на владејачката партија од 2006 г. досега – 2016 г., во делот за енергетика се наведува дека визијата на оваа партија е „Македонија да стане енергетски независна земја“, а некаде може да се прочита, и „од увозник на струја да стане извозник на струја“.

Покрај, „срамежливо“ најавениот план за изградба на нуклеарна централа во Мариово (во 2009 година), кој според повеќе индикатори е веќе напуштен, главни енергетски постројки на кои се надеваше оваа партија во изминатите 10 години беа ветените термоелектраната Неготино и хидроелектраните Чебрен и Галиште. Според предвидувањата, додека не се изградеа овие објекти т.е. трансформација и изградба на нов во Неготино и сосема нови брани на Црна Река, производството требаше да се потпира на ТЕЦ Битола, ТЕЦ Осломеј и на хидропотенцијалот, вклучувајќи ја новата хидроцентрала Св. Петка – која беше започната уште во времето на СДСМ, а довршена во времето на ВМРО ДПМНЕ.

Но, иако се вложија огромни пари во ревитализација на битолските централи, над 100 милиони евра, иако постојните хидроцентрали, кои исто така беа ревитализирани и работат солидно, сепак, праксата во изминатите години покажа дека Македонија сè помалку произведува домашна енергија, а сè повеќе зависи од увоз. Според последниот Годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2015 година, државата, без приватните произведувачи произвела безмалку 60 отсто од потребната енергија за потрошувачите, додека 33, 6 отсто е енергија добиена од увоз. Од овој Извештај, исто така, може да се види дека во ТЕЦ Битола, производството на електрична енергија е паднато на рекордно ниско ниво од постоењето на овие централи, на околу 2, 9 GW/h (две милијарди и деветсто милиони киловат часови).

 

ТЕЦ НЕГОТИНО САМО ПУСТА ЖЕЛБА

Термолектраната Неготино, како најголема термоцентрала во Македонија по инсталирана моќност после блоковите во Битола, сè уште не работи бидејќи се третира како „ладна резерва“ на системот, a нејзиното вклучување би чинело многу скапо, бидејќи работи на мазут. ВМРО ДПМНЕ за судбината на оваа централа во Програмата 2006 г. има запишано:

Оваа електрана со својата постојна инфраструктура овозможува инсталирање нови производни капацитети со моќност од преку 600 MW и годишно производство од преку 4 000 GWh. На тој начин, Македонија од нето-увозник на електрична енергија може да премине во нето-извозник. ВМРО-ДПМНЕ веднаш по освојувањето на власта, ќе пристапи кон сериозно барање на коинвеститор во овој мошне значаен енергетски капацитет во државата. Се оценува дека вредноста на проектот ќе изнесува околу 250 милиони евра, додека краен рок за негова целосна реализација е 2010 година.

Но, веднаш по изборите, прво не ја прифатија понудата на ЕВН да ја купат, а потоа во 2007 распишаа тенедер кој мораа да го раскинат затоа што беше скандалозен и затоа што наместо подобрата понуда на една американска компанија, беше избрана бугарско-канадска компанија. И оттогаш – мрак. За тоа како се одвивале предизборните понуди сè до 2014 година и што сè се случувало до почетокот на 2016 г., можете да прочитате во анализата на ветувањето на Вистиномер објавена во февруари годинава.

И наместо нешто поконкретно, во новата програма на ВМРО ДПМНЕ за 2017-2020, „Реално“, само кратко се ветува дека одново ќе се разгледаат сите опции и сè уште не е јасно дали ќе се решава за опцијата производство на гас или на јаглен.

Имајќи ги предвид напорите на Владата на Република Македонија за изградба и развој на гасната мрежа и предвидениот крак кон ТЕЦ Неготино, ќе се изработат соодветни студии и анализи за можноста за користење на природниот гас. Во исто време ќе ја разгледаме и можноста за користење на јагленот како погонско гориво. За реализацијата на овој проект ќе се разгледа можноста за давање под концесија или јавно – приватно партнерство. РОК: 2017-2020 ГОДИНА (стр.113).

Она што збунува, е дека десетина страници подолу во Програмата, ВМРО ДПМНЕ најавува конкретен датум за поврзување на централата со гасоводниот систем во изградба:

Со изградбата на гасоводот во должина од 4,5 километри и поврзување на ТЕЦ Неготино ќе се овозможи производство на електрична енергија со природен гас. Изградбата ќе започне во 2018 година, а ќе заврши во 2019 година. Буџет: 2 милиони евра РОК: 2018-2019 ГОДИНА  (стр. 126)

Значи ќе ја поврзуваат со гас, ама во исто време ќе ја разгледаат и можноста за производство со јаглен!? За да им стане појасно на читателите, независно дали се работи за производство на електрична енергија со природен гас или со јаглен, треба да се гради нова постројка која ќе овозможи користење на капацитетите на сегашната централа, а во која било опција, целосниот рок за завршување е околу седум години. Тоа значи,  дека откако ќе се разгледа која опција ќе биде подобра (а се разгледува од 2006 г.), дури тогаш може да пристапи кон реализација. Затоа цениме дека трансформацијата на ТЕЦ Неготино и нејзиното активно вклучување во електроенргетскиот систем, е сè уште само пуст сон.

 

„ГАЛИШТЕ“ ПАК МУ СЕ ПРИКЛУЧИ НА „ЧЕБРЕН“

Генерации и генерации граѓани на Република Македонија  во изминатите децении ги слушаа ветувањата за две огромни хидроелектрични централи на Црна Река, Чебрен и Галиште. Најпрво, овие енергетски капациотети беа дел од некогашниот проект  на поранешната Југославија, „Вардарска долина“, а посериозно во поново време почна да ги експлоатира ВМРО – ДПМНЕ, уште во својата предизборна програма од 2006 година. Оттогаш до денес, ВМРО – ДПМНЕ не ги испушта овие централи како ветувања, без оглед што досега се распишани и пропаднати десетина тендери. Во голем дел тендерите пропаѓаа затоа што едната од централите требаше да има исклучително висока брана – близу 200 метри, затоа што и крајната цел на двете хидроцентрали беше обезбедување вршна енергија, но и доволно голем резервоар на акумулирана вода за ладење на замислена идна нуклеарна централа.

Само во 2014 година Чебрен беше понуден на тендер без Галиште, но и тој тендер пропадна. За досегашниот тек можете да прочитате во анализираното ветување што „Вистиномер“ го објави на почетокот на годинава.

Гледајќи го ветувањето на ВМРО – ДПМНЕ за периодот 2017-2020 година, станува јасно дека сè уште сме далеку од изградбата на овие две најголеми хидроелектрани во Македонија. Имено, ВМРО – ДПМНЕ насловувајќи го ветувањето како „Барање концесионер за изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште“, всушност најавува дека допрва ќе се бара моделот.

Прво моделот на изградба, односно техничко-економски решенија што ќе го понудат заинтересирани концесионери, па дури потоа, во зависност од моделот што ќе биде најприфатлив, ќе се избира помеѓу јавно-приватно партнерство, во кое една од страните ќе биде ЕЛЕМ или пак ќе се изнајде концесионер.

Владата на Република Македонија, преку Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со ЕЛЕМ, објави повик за пројавување на интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, што предвидува изработка на техничко-економски решенија за изградба на хидроелектрични централи. Врз основа на предложените техничко–технолошки и комерцијални концепти од страна на заинтересираните компании како и дополнителните решенија предложени од ЕЛЕМ, ќе се започне со изработка на тендерска документација и објавување на тендер според принципот на ДБОТ (DBOT (Design, Build, Operate and Transfer), или јавно-приватно партнерство и/или избор на концесионер/приватен партнер. (стр. 120 од новата програма на ВМРО ДПМНЕ).

Од погоре наведените ветувања на владејачката партија за наредниот мандат, а имајќи ги предвид досегашните случувања околу пренамената и активирањето на ТЕЦ Неготино, како и активностите за реализација на изградбата на хидорцентралите Чебрен и Галиште, може да се заклучи дека се речиси исклучени шансите Македонија во наредните седум години да добие нов голем производител на електрична енергија од домашен извор.

Оттука, декларативната заложба на ВМРО ДПМНЕЕнергетска независност за нашата земја и долгорочен развој на енергетскиот сектор е нашата врвна цел“ – делува како ветување далеку од реалноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција