И за време на пандемија можен е успешен изборен ден

Фото: Принтскрин колаж (pxfuel.com - meta.mk)

 

Дека избори се возможни и за време на пандемија покажува храбриот потег на Јужна Кореа која  го реализираше изборниот процес, иако на денот на гласањето бележеше 10.600 заразени лица и 220 мртви. Но, на крајот имаше успешен изборен ден, пред сè поради фактот што спороведе екстремни мерки на заштита и што е најважно, истите беа почитувани од гласачите

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Најмалку 47 земји во светот ги одложија изборите поради пандемијата на корона вирусот. Од регионот, покрај во нашата земја каде што изборите требаа да се одржат на 12 април, тука е и Република Србија, чии избори, исто така, беа закажани за истиот месец. Во Европа беа одложени гласањата за уставните измени во Русија, и бројот за намалување на пратениците во италјанскиот парламент, додека во светот беа одложени локалните и парламентарни избори во повеќе земји како Боливија, Сирија, Шри Ланка, Етиопија, Иран…

По  стивнувањето на пандемијата ретки се земјите кои прогласија победа над коронавирусот. Поголемиот дел од нив сè уште го регистрираат Ковид -19, но со намален број на заболени. Оттука, Владите на неколку земји во Европа и светот веќе размислуваат за одржување на избори, но со значајни измени, односно со посебни протоколи.

И кај нас политичките елити сериозно размислуваат за одржување на изборите и покрај тоа што во послединте две недели има зголемување на бројот на заболени од коронавирусот. Како можен датум се споменува петти јули, но не е исклучено релевантните политички субјекти да се договорат и за друг датум, се разбира доколу најдат заедничко решение. Засега владејачките СДСМ и ДУИ инсистираат изборите да бидат на петти јули, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека зголемениот број на заразени од Ковид-19 не дава простор за одржување на изборите. Преговорите меѓу нив мораат да се случат што е можно поскоро, сеедно дали истите ќе бидат со посредство на претседателот на државата или, пак, со меѓународниот фактор. Решение ќе мора да се најде.

Вицепремиерот Бујар Османи верува дека на петти јули се можни фер, демократски и инклузивни избори, притоа земајќи ја  предвид состојбата со пандемијата од коронавирусот, нешто на што повика деновиве и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по разговорите со лидерите на двете најголеми партии во земјава. За Османи медијацијата на Вархеји во утврдувањето датум за избори не е проблематична, бидејќи, како што вели со добивањето одлука за почеток на преговори со ЕУ земјава веќе станува внатрешно прашање на Унијата.

Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние веќе сме дел од семејството. Тоа е како некој внатре во државата да посредува меѓу одредени политички партии или институциите. Така ја разбирам и улогата на комесарот Вархеји кој е комесар на Унија каде ние веќе полека стануваме дел. Тој вид на медијација е добредојден и се надевам дека политичките партии ќе смогнат сили да постигнеме консензус. Се согласувам апсолутно со неговиот твит дека се потребни фер демократски  и инклузивни избори имајќи ги предвид сите околности во врска со пандемијата, вели Османи.

 

ИЗБОРНИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ГЛАСАЊЕ

Во меѓувреме политичките партии свесни за фактот дека пандемијата на коронавирус во нашава земја не стивнува, започнаа да даваат предлози за тоа како може да се организира изборниот ден. Така според Артан Груби од ДУИ гласањето би можело да се одвива неколку дена.

Јас сум убеден дека било кој термин да го определиме за одржување на избори, сите партии ќе учествуваат, зошто не може да си го дозволат луксузот да не учествуваат на избори, кои се признаени од сите институции и од меѓународната заедница и со мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР. Можно е да се направи измена на Изборниот законик, со што би се озвозможило да се гласа неколку дена. Еден ден би гласале пензионерите, еден ден тие што се во изолација, а останатите во третиот, вели  Груби.

Тој за евентуален бојкот на опозицијата посочува дека истиот не би донел успех на ниту една политичка партија. „За да има бојкот, треба да има силна причина. Не може да се натпреваруваме. Не може ниту Мицкоски, ниту Заев или, пак  Ахмети да се натпреварува за тоа кој повеќе се грижи за јавното здравје,“ додава Груби.

Дека избори треба да има на петти јули се согласува и СДСМ. Потпретседателската на Владата, Мила Царовска вели дека дека сите засегнати страни треба да учествуваат на изборите.

Барањето за предврени избори доаѓаше токму од опозицијата, тие учествуваа во целиот процес  и се во техничката и пржинската влада и имаат бројче за изборното ливче, што значи дека се учесници во изборите. Искрено се надевам дека ќе донесат одлука за учество на изборите. вели Царовска.

Таа смета дека е важно да се одржат изборите зошто новото живеење предвидува да се штитиме себеси и тие околу нас, и да ги почитуваме мерките за заштита и протоколите, а за тоа треба да гарантира Изборната комисија и МВР.

Единствени кои засега сметаат дека додека не се заврши пандемијата, односно намали бројот на заболени, не треба да се размислува за избори се опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како може ние во состојба со растечки број на заболени да испланираме точен датум за избори? Не велам дека не е можно, но не знам кој ќе биде кредибилитетот на овие избори. Ние се уште не го знаеме врвот на ситуацијата и дали ќе расте бројот. Тврдењето дека бранот ќе падне е неиздржано , вели Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

 

УСПЕШЕНИ ПРИМЕРИ 

Дека избори се возможни и за време на пандемија покажува храбриот потег на Јужна Кореа. Оваа земја  го реализираше изборниот процес, иако на денот на гласањето бележеше 10.600 заразени лица и 220 мртви. Но, на крајот имаше успешен изборен ден, пред сè поради фактот што спороведе екстремни мерки на заштита и што е најважно, истите беа почитувани од гласачите. Екстремните мерки опфаќаа најнапред гласачите да дојдат во таканаречената „санитарна станица“, каде им се мери телесна температура. Доколку температурата е под 37,5 степени, гласачот треба да направи дезинфекција на рацете, по што му се даваат ракавици со кои се упатува кон гласачкото место, каде гласа. По завршувањето, специјални лица го упатуваат кон местото каде треба да ги остави ракавиците и да излезе надвор од просторијата за гласање. Раздалеченост меѓу гласачите беше одредена на еден метар, со задолжително чекање во ред.   Но, доколку температурата на гласачот надминува 37,5 степени, истиот се испраќа во специјален дел каде има можност да ја изврши својата гласачка должност, по што веднаш се тестира од Ковид-19. За време на изборниот ден, исто така, посебни мерки беа превземени и за лицата кои за време на изборниот ден се наоѓаа во карантин. Имено за нив беше одреден посебен термин за гласање, односно од шест до седум наутро, во придружба на полицијата.

Пандемијата од корона вирусот ја промени и  кампањата за време на изборите во Јужна Кореја. Не можеа да се видат јавни собири, ниту, пак, некој од кандидатите се обиде да направи каква било редба со гласачите. Напротив целата кампања се водеше онлајн, односно преку социјалните мрежи, а некои од нив како кандидатот за пратеник Џонг-Хо, успеа да сними и рап песна. Примерот на Јужна Кореа е потврда дека избори можат да се одржат и за време на пандемија, но се разбира со строго утврден протокол и гласачи кои ќе го почитуваат истиот.

Во оваа насока размислува и Република Хрватска, каде сериозно се разменуваат предлози за тоа како да се реализира изборниот ден. Предлозите опфаќаат комуникација исклучиво да се реализира по пат на интернет, потоа задолжителна дезинфекција на гласачките места, вклуќувајќи ги и пенкалата со кои ќе се заокружува гласачкото ливче, додека на лицата кои се во изолација ќе им се овозможи да гласаат од дома.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција