Идентитетот, стравот и атрофираната политичка и интелектуална мисла

Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (1): Бар код тетоважа. Фото: Gareth, 2005
Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (1): Бар код тетоважа. Фото: Gareth, 2005

Политичко-медиумската идентитетска шашма ги урниса националните евроатлански надежи. Македонската политичка, интелектуална и медиумска мисла по оваа тема се целосно атрофирани. Нам не ни е проблем идентитетот, туку дефицитот на лидерство, на политичка храброст.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Идентитет не е прашање за полемика. Тоа не е некаков документ, лист хартија со државен печат. Идентитет не е тоа што пишува на пасошот или на кредитната картичка. Тоа се само практични документи за дневно административна идентификација. Идентитет е тоа што е веќе кодирано во секој одделно. Етничкиот, националниот или верскиот идентитет сеедно, не се предмет за кој има некаква посебна потреба да се зборува. Уште помалку, како што тоа сега кај нас во бранови се случува, од тоа да се прави фетиш.

Идентитетот е историја, традиција, култура, чувство, заедништво, припадност.

Тоа е неизбришливиот порив што индивидуата ја врзува со групата и обратно. Поистоветувањето, пак, на идентитетот со идентификација е грубата манипулација на политиката. А, таа овде кај нас постојано игра на картата на стравот, избегнувајќи да ги објасни историските факти дека идентитетот се создава спонтано, ненасилно во поблиското или во подалечното минато по разни основи,  влијанија и околности. Кај едни или, воопшто, кај повеќето народи според географските именки, кај други според некои симболи прифатени како идентитетски белези, кај некои дури и според бајки, митови. Во сите случаи идентитетот традиционално историски и генерациски како  наследна  категорија обединува поголема група луѓе политиколошки именувана како народ, нација. И таа, не по правило, ами по исклучок, има нешто идентитетски заедничко со државите и особено со имињата на државите. Во светот има мал милион идентитети на народи, на нации, на групи луѓе, а само едвај двесте идентификувани држави во регистарот на светската асамблеја.

Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (1): Напредокот на технологијата и идентитетската криза – ова беше само телефонска говорница. Фото: Steven Feather, 2014
Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (2): Напредокот на технологијата и идентитетската криза – ова беше само телефонска говорница. Фото: Steven Feather, 2014

„Нема да прифатиме промена на уставот заради промена на уставното име и нема да прифатиме решение што ќе го загрози нашиот идентитет“. Ова тврдење запишана во изборните програми на владејачката партија и многупати, па и во последниот инагурациски говор, повторено и од нејзиниот претседател и македонски премиер и веќе втемелено и како државна стратегија. Тоа е македонската црвена линија по прашањето за спорот за името и за анулирање на грчките блокади врз нашите евроатлански интеграции. Оваа ригидна порака потпомогната со силната медиумска кампања на некој начин ја неутрализираше, ја замолчи македонската јавност, ги елиминираше иницијативите и обидите за изнаоѓање решение. Исто онака како што со години се забетонирани грчките црвени линии, така некако идентично, еве уште малку па деценија, се бетонирани и македонските лимити. Страните сега се толку оддалечени една од друга што на повидок нема никаков сигнал дека е можен било каков напредок кој би водел до некаков компромис. Тука веќе не помага ниту  меѓународен авторитет. Дури и терминот „компромис“ кој со помош на меѓународната медијација беше носечката дипломатска насока во репликите на темите за спорот, речиси е веќе исфрлен од реториката на аналитичарите.

 

ПРОПАГАНДНА МАШИНЕРИЈА ШТО НАМЕТНУВА ПСИХОЗИ

Владината политичка и пропагандна машинерија многу силно на македонската јавност ѝ ја наметна психозата од наводното губење на националниот идентитет. Толку ја фрустрираше, толку силно ги исплаши новинарите, професорите, колумнистите, аналитичарите, уметниците и сите оние на кои јавната професија им дава можност, а личниот интегритет и кредибилитет, да бидат корективот на политичките процеси.

Поради стравот пропагандната машинерија на власта да не ги депортира во „логорот на предавниците“, оние од кои се очекува за најсуштествената државна тема да бидат најактивни учесници во креирањето на општествениот амбиент, едноставно замолчеа.

Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (3): Диссоцијативна индентитетска болест. Фото: hunnnterrr, 2009
Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (3): Диссоцијативна индентитетска болест. Фото: hunnnterrr, 2009

Опозицијата, пак, е приказна за себе. По ова прашање, во потрага по изборните гласови, на оваа жешка тема таа е уште понеутрализирана од кој и да е друг во државава. Уште позакопана, најдлабоко во безизлезниот тунел на македонските европски и атлантски интеграции. Очигледно од истиот страв да не биде етикетирана за предавство од страна на пропагандната машинерија и во обид и таа, спротивно од нејзината стратегиска матрица, изборно да кокетира со граѓаните, со плагијат се залепи на ставот на владејачката партија. Со дизајн на лоша патриотска копија што како популистички аргумент ја вметна во нејзината програма, таа, наместо да ги разобличува идентитетските манипулации, наместо да укажува на несоборливите историски факти дека националната припадност, идентитетот на нацијата генерално немаат или не мора по секоја цена да имаат нешто посебно заедничко меѓу идентитетот и името на државата, особено она за надвор, каков што е примерот со не така мал број и европски држави, по ова прашање таа остана без гориво. Па, наместо да наметне јавни полемики за најсуштественото државно прашање од осамостојувањето до денес, со тезата за референдумот и со отсуството на идеи и се понагласениот молк и од нејзина страна по ова прашање, таа стана соучесник во запрените процеси за решавање на спорот и со тоа и на перспективите за интеграциите. Поради стравот ова прашање да не ѝ се врати како изборен бумеранг, таа не само што си ги врза рацете, туку дистанцирајќи се од жешкото, но примарно децениско политичко прашање, премолчувајќи ги своите аргументите по темата за спорот со името, самата си ја одзеде политичката флексибилност.

 

ДОМИНАЦИЈА НА МОЛЧЕЛИВОСТ

Проблемот е голем, прашањето за името на државата и на нацијата суптилно, ама не и необјасниво, па и нерешливо. На политиката, меѓутоа, ѝ оди во прилог луѓето да ги држи во заблуди за да се послушни, да се кротки и особено да се исплашени. Таквиот тонус во земјава веќе го достигна својот зенит и сега се манифестира во отсуство на дијалог, на дебати, во доминација на молчеливост. Од себични партиски причини, како и поради отсуство на автономна македонска политичка и социолошка мисла, уште никој од науката, факултетите, институтите, катедрите, не се нафати на најшироката јавност да ѝ објасни дека идентитетот не е категорија која може да се загрози со правни декрети. Националниот идентитет не е и не може да биде ниту чин, ниту предмет, ниту, пак, тема на домашен, а камо ли на меѓународен терен. Македонската политичка, интелектуална и медиумска мисла по оваа тема целосно атрофира. Идентитетските дилеми им ги остави на политичарите како нивна алатка за масовна манипулација. Особено заблудеа новинарите, грст експонирани неприкосновени политички медиумски владетели. Со апологетските постапки во името на партиските нарачатели, во името на партиските ментори. Така, во отсуство на гласот на науката, ваквата политичко-медиумска идентитетска шашма ги урниса националните евроатлански надежи.

Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (4): Корпоративен индетитет и брендинг. Фото: Rayz Ong, 2012
Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (4): Корпоративен индетитет и брендинг. Фото: Rayz Ong, 2012

На македонската политичка сцена идентификациските прашања се подметнуваат како идентитетски. Тоа се поими што треба да се разграничат и да се објаснат, а не да се промовираат како главната кочница за НАТО и ЕУ. Идентитетот стана конјуктурна партиска алатка. Таа е популистичка, па оттука и посакувана тема за политичките актери. Власта манипулира со чувствата и ги распламтува стравовите за неговата наводна загрозеност. Затоа, ова со идентитетот е уште една обична политичка магла. Демагогија форсирана за промовирање и наметнување патерналистичка патриотска идеологија, терен за продуцирање домашни предавници и меѓународни заговори. Арсенал орудија со кои се маскира некадарноста да се стори нешто повеќе за просперитетот на својата држава. Темата е адекватна за одвлекување на вниманието од социјалната стварност и убаво купување време за потребите на партиски и лични бизниси, за корупциски дејанија во кои, според сè повидливите индикатори, државава заглибува сè подлабоко.

 

НЕ Е ПРОБЛЕМ ИДЕНТИТЕТОТ, ТУКУ НЕДОСТИГОТ НА ЛИДЕРСТВО

Се разбира, несфатлива, необјаснива е за овој век фашизоидната грчка политика. Таа, не само идентитетот, ни ја негира и државата сосе нас во неа. Неправдата што во континуитет ни ја приредува е непримерна. Но, тоа повеќе не може да биде изговор за нашето балканско вкопување. Ако таа состојба објективно е ненадминлива, врз решавањето на спорот останува да се атакува со други решенија. Ама, попатно, сепак некој овде треба да се одважи и да покаже со прст, онака школски како на табла. Да посочи за Англичаните, Шкотите, Ирците, Велшаните, на пример, или за Каталонците, Баскијците, или, пак, за Ромите, Власите ако сакате, или дури и за Палестинците, Курдите, дека и тие и ние, во унија или без неа, во сопствена држава или и без неа, знаеме: таму каде што се, колку и да се – идентитетски национално си остануваат тоа што се. Тогаш зошто и како тоа само ние Македонците би биле исклучокот? Нам не ни е проблем идентитетот, туку дефицитот на лидерство. Невозможно е да нема никакви решенија. Не може да нема понуди за политичка прагма. Не може да нема енергија, стратегија која со политичка храброст и прагма ќе ги разобличи дневно политичките манипулации за наводната загрозеност на идентитетот.

Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (5): Личниот идентитет на интернет и на социјалните мрежи. Фото: Luc Legay, 2007
Идентитетски прашања на 21-иот, не на 19-иот век (5): Личниот идентитет на интернет и на социјалните мрежи. Фото: Luc Legay, 2007

За Република Македонија НАТО и ЕУ и натаму се безалтернативни. Тие уште, колку тоа и да добива дефетистички призвук понекогаш, се нашиот единствен избор или нужда, сеедно. Оттука, на македонското политичко и социјално општество, токму во името на обезбедувањето иднина на идентитетот на нацијата и на државата, како веќе историски освоен институционален услов за тоа, најитно би му била добродојдена или нова политичка идеја за радикално различна перспектива како алтернатива за блокираните евроатлански интеграции, или сурова политичка прагма што земјава ќе ја втурне во НАТО и во ЕУ. Но, ниту едната ниту другата солуција очигледно уште не можат да бидат изнедрени од безидејните македонски партиски и интелектуални капацитети.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција