Игор Џамбазов не рекламира производ за брзо слабеење

Игор Џамбазов Фото: Aleksandar Ristovski1, CC0, via Wikimedia Commons

Објавата во која актерот Игор Џамбазов рекламира препарат за слабеење е лажна. Во написот има фотографии од Џамбазов, кои според Гугл и алатката Hive се креирани со помош на вештачка интелигенција.

Објавата во која актерот Игор Џамбазов рекламира препарат за слабеење е лажна. Во написот има фотографии од Џамбазов, кои според Гугл и алатката Hive се креирани со помош на вештачка интелигенција

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Актер Игор Џамбазов зборуваше за тајната на своето слабеење: „Пријател ми ја препорача оваа метода, решив да ја испробам — и сега сум полесен за 20 килограми!“.

Еве го неговиот рецепт.

Во склоп на објавата има фотографија од актерот и шоумен Игор Џамбазов на која тој е видно ослабен.

Објавата е доста вирална и во моментот на нашата анализа има 437 допаѓања и 7 споделувања.

Кога ќе ја стиснете објавата таа ве води на надворешен линк на кој се појавува логото на телевизија Сител, односно ќе најдете напис, интервју кој изгледа како да го објавила Телевизија Сител.

Според прикажаното, написот е со датум од 27 јануари 2026 година.

Напис со ваков наслов на официјалната веб-страница на Телевизија Сител нема.

Очигледно е дека станува збор за лажна објава, а од она што може да се прочита во написот сe работи за промоција и продажба на средство за слабеење.

Во написот има фотографии од Игор Џамбазов, кои според Гугл и алатката Hive се креирани со помош на вештачка интелигенција.

Вметнати се и наводни изјави од Џамбазов за неговото искуство од користењето на препаратот.

Но, јазикот на кој се напишани овие изјави, а и целиот текст е полн со грешки, што очигледно е дека е пишуван со помош на Гугл транслејт.

Дополнително има и изјави од наводно познатата албанска нутриционистка Анис Хоџа, но ние ваква нутриционистка од Албанија не успеавме да најдеме.

Препаратот за слабеење којшто се рекламира го нема во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

Целиот напис на дополнителниот линк е измислица и создаден е со цел невистинитиот маркетинг да предизвика граѓаните да нарачуваат од суплементот кој се претставува како делотворен и тоа по цена од 2.400 денари.

Фото: Принтскрин

Како дел од стратегијата на овој невистинит и манипулативен маркетинг се и фабрикуваните коментари под самиот текст, каде што се оставаат наводни „позитивни рецензии“ за производот. Сите потекнуваат од измислени и непостоечки „клиенти“ кои не можат да се верификуваат.

Злоупотребата на познати јавни личности за да се промовираат во нивно име препарати зад кои тие не стојат, е манипулативна невистинита и неетичка пракса сè поприсутна на социјалните мрежи, особено со појавата на вештачката интелигенција која се злоупотребува на таков начин.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција