ИКС – Јавната сфера сè уште во „пранги“

Медиумите се уште натежнуваат врз демократскиот дискурс во земјава. Фото: Benjamin Harrison

Еден од посериозните наоди, кои докажуваат дека реформите во медиумската сфера не се ни помрднати од место, е и последната анализа на Институтот за комуникациски студии, кој во последните месеци преку т.н. проект МОДЕМ, врши квалитативна анализа на содржините во информативниот простор во позначајните медиуми. Резимето на Институтот за јавната сфера во Македонија и за јавните политики во оваа област е поразителен во однос на прашањето за слободата на медиумите.

 

Еден од посериозните наоди, кои докажуваат дека реформите во медиумската сфера не се ни помрднати од место, е и последната анализа на Институтот за комуникациски студии, кој во последните месеци преку т.н. проект МОДЕМ, врши квалитативна анализа на содржините во информативниот простор во позначајните медиуми. Резимето на Институтот за јавната сфера во Македонија и за јавните политики во оваа област е поразителен во однос на прашањето за слободата на медиумите.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Кога Европската унија (ЕУ) и САД во неделата (21.02.2016) излегоа со нивната оценка дека не се исполнети условите за изборите, која пред да ја споделат со јавноста му ја предадода на премиерот Емил Димитриев, меѓу набројаните елементи кои не се исполнети беа наведени и медиумите:

Нашата оценка е дека согласно работата на Државната изборна комисија и заклучоците на сите релевантни експерти моментално не постојат услови за организирање на кредибилни избори на 24 април, иако е постигнат извесен напредок. Исто така се уште не е се договорени медиумските реформи со кои ќе се обезбеди фер натпревар. Ја изразуваме и нашата загриженост за извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица.

Медиумите и реформата во оваа сфера се ставени во договорот од Пржино врз основа на минатогодишниот експертски извештај на групата експерти ангажирана од ЕУ, а предводена од Рајнхард Прибе. Собранието и Владата на РМ го прифати тој извештај, па дури и одржа посебни седници на кои беа подолени задачи до разни министерства и други органи да спроведат мерки за подобрување на состојбата во тие области. А, во извештајот на Прибе, за медиумите, меѓу другото беше препорачано (стр.19):

  • Сите медиуми треба да бидат ослободени од политички притисоци, без какво било мешање или заплашување.
  • Медиумите треба да се дистанцираат од политиките на партиите и не треба да им бидат на услуга на политичарите и на политичките партии.
  • Јавниот сервис треба да се труди да биде целосно непартиски и независен од политички, финансиски и други влијанија и идеологии и да продонесе во информирање на граѓаните.

Извештајот беше прифатен и усвоен од највисоките државни органи, значи валидноста на оценките официјално беше потврдена, а оттогаш, во рамките на преговарачкиот процес за спроведување на договорт од Пржино, (божем) траат напори за реформи во медиумската сфера.

Policy Brief 15.02.2016 - 002-crop

Како што може да се увери јавноста, ова прашање стана едно од најтешките и сè уште не може да биде решено како предмет на заедничка согласност на четирите најголеми партии, а една од причините секако дека е круцијалната улога на медиумите и во поглед на пропагандата и во поглед на демократските процеси. Според оценката на преговарачот Питер Ванхојте дадена за „Вистиномер“, македонските политчки партии не се согласни да ги гледаат медиумите во втората насока, туку сè уште сакаат да ги гледаат како средство за контрола.

 

ИКС – ОТКАКО СЕ СОГЛАСИЈА ЗА ИЗБОРИ, СОСТОЈБАТА СЕ ВЛОШИ

Институтот во својата анализа на состојбата со медиумите во поглед на препораките на Прибе, кои потоа влегоа во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија, оценува дека ништо од препорачаното не е исполнето.

Најголемиот дел од медиумите на национално и регионално ниво во земјата (особено највлијателните телевизии) сè уште се под директно влијание од Владата и ВМРО-ДПМНЕ...Од септември 2015 година, веднаш откако политичките партии се согласија дека Македонија може да оди на предвремени избори доколку се исполнат одредени критериуми, се интензивираше пропагандистичкото известување на Јавниот радиодифузен сервис (МТВ1, МТВ2), како и на највлијателните приватни телевизии (Сител, Канал 5 и Алфа). Извештаите од МОДЕМ за медиумското покривање на политичките процеси и актери потврдуваат дека од ноември 2015 година про-ВМРО медиумите влегоа во агресивна пропагандасе вели во анализата.

ИКС нагласува дека наодот е важечки, дури и земајќи ги предвид гостувањата на опозициските политичари во централните информативни емисии во последните месеци.

Критичката анализа на интервјуата укажува дека, иако поканети, претставниците на опозициските партии беа предмет на хајка и малтретирање во текот на интервјуата.

Во анализата се споменува и терминот на „уредничка конвергенција“. Станува збор за нешто што јавноста од поодамна го има забележано, а критичките новинари и опозицијата го нарекува уредување на вестите од ист центар. Кога еден ист текст, тема, прилог, извештај или што било друго, јавноста „новинарскиот“ материјал го гледа во ист ден, во ист термин, дури и со исти зборови пренесен како „екслузивен“ во  информативни емисии на различни телевизии.

Показателите од анализата на врамувањето спроведена во рамки на МОДЕМ, го потврдуваат постоењето на уредувачка конвергенција помеѓу овие медиуми. МТВ1, Сител, Канал 5 и Алфа изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ: тие секогаш ги ставаат истите теми на агендата, често ги цитираат истите извори, често користат исти формулации во прилозите и користат идентично врамување на политичките актери. Интерпретативните рамки кои ги користат провладините телевизии во нивното известување се совпаѓаат со интерпретативните рамки конструирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Користат иста логика на аргументација во врамувањето на политичките настани и актери.

Анализиран е и медиумскиот наратив кај влијателните телевизии во однос на прашањето за работата на Специјалното јавно обвинителство, по што уште еднаш се доаѓа до врската на овие медиуми со една партија, во случајот владејачката:

Еден од посилните медиумски наративи во последните неколку недели е наводниот „криминалитет“, „незаконитост“ и „непатриотско однесување“ на Специјалниот јавен обвинител. Со оглед на фактот дека СЈО е надлежно за судското гонење за кривични дела наводно извршени од страна на високи функционери на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, овие медиуми постојано репродуцираа демонизирачки рамки против СЈО во согласност со интерпретативните рамки на партијата – се наведува во анализата и се заклучува дека, овие наоди укажуваат на тоа дека највлијателните медиуми во Македонија не се дистанцираат од ВМРО- ДПМНЕ. Поради тоа, во периодот од ноември 2015 година, деградирано е почитувањето на принципот за политички плурализам во известувањето.

Институтот врз основа на прецизните мерења ја анализирал и улогата на МРТ, која и согласно законот и согласно позицијата во општеството има посебна улога и надлежности. Критичките зборови за известувањето на Јавниот сервис во споменатиот набљудуваниот период се идетични како и за приватните телевизии.

Позицијата на Јавниот радиодифузен сервис (двата програмски сервиси МТВ1 и МТВ2) остана непроменета од отпочнувањето на процесот на политички преговори пред 4 месеци... Анализата на известувањето на МТВ во последниот месец, пак, покажува пропагандистички дискурси и координираност со уредувачката политика на комерцијалните провладините телевизии и со интерпретативните рамки на ВМРО- ДПМНЕ. Јавниот радиодифузен сервис им служи на владејачките структури, наместо на јавниот интерес. Програмскиот совет на МРТ не презема ниту еден чекор за спроведување на Насоките.

Последниот збор се однесува на Насоките за „Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање на изборните процеси“, за кои „Вистиномер“ пишуваше во два наврати. ИКС констатира дека иако овие насоки се однесуваат за изборните процеси, во нив, сепак, се содржани принципи и стандарди до кои треба да се придржува Јавниот сервис во текот на целото свое известување, а според ИКС, „Програмскиот совет…не презема ниту еден чекот за спроведување на Насоките“.

 

ИТНИ ПРОМЕНИ ВО АВМУ И МРТ

Институтот врз основа на досегашните наоди од неколку месечно следење на медиумската реалност заклучува дека јавната сфера во Македонија не е слободна сфера. Поради тоа ИКС смета дека нема услови за одржување на фер и демократски избори, имјќи ја предвид улогата на медиумите во демократиите.

Policy Brief 15.02.2016- 001- crop

ИКС не се задржува само на заклучоци, туку дава и многу прецизни препораки за промена на ваквата состојба. Тие најмногу се однесуваат на двата клучни играчи во медиумската сфера во Македонија – регулаторот и јавниот сервис, но има и други прашања кои се опфатени:

 

  • Одложување на изборите во Македонија сè додека не се направат итни и сериозни промени во медиумскиот сектор, вклучувајќи деполитизација на регулаторното тело (АВМУ); ослободување на Јавниот радиодифузен сервис (МРТВ) од политички притисок; и обезбедување на повисоко ниво на политички плурализам кај приватните радиодифузери.
  • Неопходна е итна измена на Законот за АВМУ во однос на промена на системот за именување на членови на Советот на Агенцијата и промена во структурата на надлежности и на начинот на донесување одлуки во регулаторното тело. Овие измени треба веднаш да се спроведат. Треба да се даде доволно време за зајакнување на капацитетот на новиот состав на Советот. Измените треба да се дадат на расправа и да ги прифатат невладините организации, експертите и професионалните организации.
  • Ослободување на Јавниот радиодифузен сервис (МРТВ) од притисок. Неопходни се соодветни измени на Законот за АВМУ во однос на составот и именувањето на членовите на Советот на МРТ и наоѓање прифатливо решение за стабилно и долгорочно финансирање на МРТВ.
  • Политичкиот плурализам треба да биде заштитен и загарантиран и надвор од изборниот период со одредби пропишани во Законот за АВМУ.
  • Потребен е детален акциски план за да се обезбеди соодветна примена на измените во Законот и другите дејства. За акцискиот план треба да има расправа и да го прифатат сите засегнати страни, особено релевантните професионални организации и експерти.

Анализата на Институтот е напишана со зборови, како и секоја друга анализа. Таа, меѓутоа, се заснова на бројките произлезени од мониторирањето на медиумите во Македонија, кои се егзактни показатели. Оттука, анализата е вредна за внимание и проценување, а како таква сигурно се нашла и при оценката на гаранторите на Договрот од Пржино, ЕУ и САД, кои донесоа проценка каква што донесоа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар