ИКС: Сител, Канал 5, Алфа и ТВ Нова се пропагандистички телевизии

Јавниот интерес во вестите на телевизиите се меша со интересот на партиите. Фото: Вистиномер

 

Скопје, 24.03.2017 Мониторингот на телевизиските вести спроведен од септември 2016 г. до февруари 2017 г. покажа дека во медиумскиот простор постојат четири комерцијални телевизии кои можат да се наречат пропагандистички, беше речено на денешната конференција организирана од страна на Институтот за комуникациски студии во Скопје.

Станува збор за телевизиите Сител, Канал 5, Алфа и ТВ Нова, чии вести во целиот мониториран период биле помалаку или повеќе фаворизирачки кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, а со негативен или често демонизирачки став кон политиките на опозициската СДСМ, рече Игор Мицевски, презентирајќи ги заклучоците од од мониторингот спроведен во рамките на проектот МОДЕМ, кој беше поддржан од Холандската амбасада.

Наспроти ова, во вестите на телевизиите 24 Вести, Телма, Алсат М и ТВ 21, од кои последните две емитуваат двојазично, мониторингот покажал дека постои избалансираност, незаземање на страна, почитување на јавниот интерес или дека критичката опсервација кон едната или другата партија биле сеопфатно аргументирани, со изнесување на повеќе страни.

Многу често, во пропагандистичките телевизии станува збор за известување според теоријата на врамување на информацијата, односно со однапред дефиниран проблем, изнесување на оценка, со наоѓање виновници, морална осуда и насока како да размислува гледачот, при што информацијата е на последно место, беше речено на конференцијата.

Презентацијата на мониторингот беше дополнета со специфична анализа на мониторирање на две теми кај споменатите телевизии. Тоа се темата за двојазичноста и активностите на Специјалното јавно обвинителство. Притоа, кај телевизиите што беа означени како пропагандистички, во одредени временски интервали во изминатите шест месеци е забележано како се засилува и пренагласува опасноста од двојазичноста, а во исто време, се минимизира или во негативен контекст се врамувааат активностите на СЈО. Сосема е поинаква сликата кај другата група телевизии.

Вкупно биле мониторирани 12 телевизии, вклучувајќи го и јавниот сервис, и тоа програмите со вестите и на македонски и на албански јазик.

Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Ваутер Пломп, изразувајќи задоволството од проектот, изјави дека јавноста мора да е свесна за големиот импакт на медиумите, вклучувајќи ги и социјалните, особено во ширењето говор на омраза и навредливиот говор.

Таквиот тип на говор не е она што се нарекува постоење на плурализам во медиумите и на слобода на изразување, рече амбасадорот Пломп.

На конференцијата свои излагања имаа и д-р Марина Тунева од Советот за етика во Медиумите во Македонија, Зоран Трајчевски, Директор на Агенцијата за медиуми, Жан Франсоа Фурнемон, експерт за медиумска политика, како и новинарите Санта Аргирова и Шќељзен Акифи, а дебатата ја водеше, д-р Снежана Трпевска, истражувач од ИКС.

Трпевска во воведното излагање потсети дека медиумите беа дел од препоракит во Извештајот на германскиот дипломат Рајнхард Прибе и дел од Пржинскиот договор кој не се реши сеопфатно

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција