Има разлика меѓу фрлените лопати и отворените погони во ТИРЗ-овите

Инвестиции или враќање на долгот. Фото: скриншот

Меѓу низата настани, ленти и камен – темелници, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најчесто може да се види како промовира „поволни“ мерки за младите и најавува нови индустриски зони кои ќе донесат неколку илјади вработувања

 

Меѓу низата настани, ленти и камен – темелници, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најчесто може да се види како промовира „поволни“ мерки за младите и најавува нови индустриски зони кои ќе донесат неколку илјади вработувања

 

Пишува: Александра Денковска

 

Предизборните ѕвона веќе неколку недели силно одѕвонуваат, се сечат ленти, се фрлаат лопати и се ветуваат мед и млеко насекаде. Поранешниот премиер Никола Груевски, како претседател на владејачката партија присуствува на секој настан, кој може да обезбеди барем и најмало медиумско внимание. Јавноста има впечаток дека Груевски сега е поприсутен во медиумите, отколку кога беше премиер.

Меѓу низата настани, ленти и камен–темелници, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најчесто може да се види како промовира „поволни“ мерки за младите и најавува нови индустриски зони кои ќе донесат неколку илјади вработувања.

Економскиот аналитичар, Слободан Најдовски, смета дека е смешно тоа што претседател на партија, а не премиер, отвора фабрики и најавува инвестиции, но дека тоа е составен дел од секоја предизборна кампања на владата и на Никола Груевски.

Според мене, отворањето на индустриски зони и фабрики има за цел да покаже дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се посветени на економијата, а со тоа да покажат дека другите теми, како што се криминалот, корупцијата, слободните медиуми, финансиската состојба на државата, задолжувањата и слично не се толку важни. Со отворање фабрики тие покажуваат дека му помагат на народот и отвораат нови работни места – ни изјави Најдовски.

ВТОРИТЕ ПОГОНИ СЕ ВРАЌАЊЕ НА ДОЛГОТ

Најновите странски инвестиции кои ќе му донесат „благосостојба“ на нашиот народ, а кои ги најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, се вторите погони на „Витоло“, „Џонсон Контролс“, на „Акомпласт“ во Прилеп, „Икстрејд“ и „Џерман електро-мехатроник систем“ и тие треба да донесат околу пет илјади вработувања.

Нови, втори фабрики минатата недела најавија и компаниите Џонсон Контролс и Ван Хол во кои ќе се вработат околу 2.000 лица. Ако се земат предвид и инвестициите најавени само во изминатите два месеца на Акомпласт во Прилеп, Икстрејд и Џерман електро-мехатроник систем, домашните Технопласт и Хајтек, Капкон… бројот на нови работни места ќе се искачи на 5.000, а вкупните инвестиции ќе надминат 160 милиони евра , рече Пешевски.

Експертите коментираат дека јавноста најлесно се манипулира со нови странски инвестиции и нови вработувања. Исто така, велат дека тоа е одличен пи-ар потег.

Сметам дека со изградбата на вторите погони на некои фабрики кои деновиве ги промовираше Груевски, како „Ван Хол“ или „Технизе“, сопственицие му враќаат, односно му се оддолжуваат на Груевски за се она што го добиле како државна помош – рече Најдовски.

Политикологот Петар Арсовски ни изјави дека развојните индустриски зони не е се лоши како мерка, но мора да се има холистички пристап, за да знаеме колку тие и се исплатат на држжавата, односно колку се успешни.

Ние никогаш нема да знаеме колку овие странски инвеститори всушност се успешни, затоа што договорите за помошта која тие ја добиле од државата е тајна. Сигурен сум дека власта не би криела нешто што им оди во прилог – вели Петар Арсовски.

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ И ФАНТОМСКИТЕ ВРАБОТУВАЊА

Но, што на крајот станува од слободните економски и индустриски зони и странски компании кои се користат за добивање предизборни поени? Опозициската СДСМ кон крајот на минатата година објави неколку фотографии од тоа како по некое време изгледаат индустриските зони на кои Груевски свечено, пред десетици камери, удрил камен – темелник на новата инвестиција која ќе донесе нови вработувања.

На пример, за индустриската зона близу месноста Милково брдо во Делчево , од СДСМ велат дека е уште една лажна виртуелна инвестиција.

Уште во 2013 година, Никола Груевски ја најави изградбата на оваа технолошко-индустриска зона, но таа не почна со години. Во 2015 година, Никола Груевски направи уште една манипулација и за истата индустриска зона фрлаше лопата. И толку! Денес, по цели три години од најавата за изградба, наместо индустриска зона, зјае празна ливада. Освен дупката од фрлената лопата на манипулаторот Никола Груевски, нема ништо друго, ниту индустриска зона, ниту фабрики, ниту нови работни места. Оваа празна ливада е уште еден симбол на лажните, неостварени, виртуелни инвестиции на Груевски и на неговите „дил ориентед“ политики – вели Љупчо Николовски, заменик-министер во министерството за земјоделство и водостопанство.

Николовски рече дека досега, според најавените странски инвестиции од страна на Груевски, вкупно се ветени, а нереализирани, вработувања на 34.695 граѓани.

Нема индустриска зона во Берово, празна ливада е индустриската зона во Гевгелија, ја нема ниту индустриската зона во Крушево, ниту индустриската зона Мауцкер во Охрид, којашто остана депонија. Нема ниту фабрика за печурки во Свети Николе, ниту фабрика за ветерници во Тетовско. Корупцијата во изминатите години однесе многу работни места и избрка многу странски инвестиции, изјави Николовски.

Од опозициската партија преку соопштение обвинија дека Груевски во август 2014 година, фрли лопата и најави изградба на нова индустриска зона во Радовиш. Денеска, по цели 15 месеци, наместо индустриска зона во Радовиш стои празно земјиште со по некоја прокопана дупка.

Од опозицијата велат дека потврда за фиктивните странски инвестиции на Груевски, е и извештајот на Народна банка за третиот квартал од минатата година.

Во Република Македонија влегле само 8,5 милиони евра странски инвестиции. Со објавувањето на овој најнов податок, Народна банка и официјално ги потврди виртуелните странски инвестиции на Никола Груевски, со кои виртуелно се расфрла пред заминување – напишаа од СДСМ.

Најдовски вели дека ако се погледне од 2008 година па наваму, ќе се види дека отворањето на индустриските зони и фабрики се интензивира пред избори, а никој не знае каков е економскиот ефект за државата од тие инвестиции.

Страшно е и тоа што државата не соопштува колку пари дала како помош за овие странски компании. Тие договори се прогласени за тајна. Во ниту една демократија тоа не е можно. Јавноста мора да знае колку пари дала државата. Да знаеме дали со сопствени пари ги плаќаме тие странци. Ако продолжиме вака ќе поставиме светски рекорд за плаќање по работно место. Погледнете ја индустриската зона Жабени, таму неколку пати се ставаше камен-темелник, а тие фабрики досега не се изградени – смета Најдовски.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција