Имало историско ракување меѓу лидерите на Северна и Јужна Кореја, но во 2018 година
Ракувањето меѓу лидерите на двете Кореи од 2018 е реален и историски настан. Но денес, осум години подоцна, односите се повторно напнати и нестабилни.
Ракувањето меѓу лидерите на двете Кореи од 2018 е реален и историски настан. Но денес, осум години подоцна, односите се повторно напнати и нестабилни. Дијалогот е речиси запрен, а воената и нуклеарната тензија расте
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Историско ракување меѓу двете Кореи. За прв пат во историјата лидерот на Јужна Кореја пријателски се ракуваше со лидерот на Северна Кореја. Двајцата заедно ја поминаа границата.
Да, точно е дека имало историско ракување меѓу двете Кореи, како што наведува објавата, но тој настан се случил во 2018 година, а не сега.
Станува збор за средбата на 27 април 2018 година, кога лидерите на Северна и Јужна Кореја, Ким Јонг-Ун и Мун Џе-Ин се сретнаа во демилитаризираната зона (DMZ).Средбата се одржа во Панмунџом — симболично место на границата.
Ким Јонг-Ун ја премина границата и стана првиот севернокорејски лидер што стапнал на јужнокорејска територија од крајот на Корејската војна. Двајцата лидери се ракуваа пред светските медиуми. Во еден момент, Мун Џе-Ин исто така кратко зачекори во Северна Кореја заедно со Ким – силен симбол на помирување.
Лидерите потпишаа декларација за намалување на тензиите, стремеж кон денуклеаризација и формално завршување на војната (која технички сè уште не е завршена со мировен договор). Овој настан беше сметан за огромен чекор напред во односите меѓу двете Кореи, иако подоцна односите повторно се влошија.
Односите меѓу двете земји сега се повторно влошени. Северна Кореја официјално ја нарекува Јужна Кореја „непријателска држава“. Лидерот Ким Јонг-Ун дури предупреди за можен воен конфликт. Пјонгјанг значително ја зголемува способноста за производство на нуклеарно оружје.Се проценува дека има десетици нуклеарни боеви глави и капацитет за уште.
Дијалогот меѓу двете земји е речиси замрзнат. Северна Кореја сè повеќе се дистанцира од разговори со Јужна Кореја и САД. Наместо тоа, ги зајакнува врските со Русија и Кина.
Значи, ракувањето од 2018 е реален и историски настан. Но денес, осум години подоцна, односите се повторно напнати и нестабилни. Дијалогот е речиси запрен, а воената и нуклеарната тензија расте.
Според тоа, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар