Имало пожар во близина на Зелен пазар во Скопје, ама пред два месеца
Објавата не нуди никаква информација туку класична кликбејт содржина чијашто цел е да ја зголеми интеракцијата и видливоста на фејсбук страницата.
Станува збор за лажна вест – пожар во близина на Зелен пазар во Скопје имало, но пред два месеца, а не сега, како што тоа сака да го прикаже оваа објава. Таа не нуди никаква информација туку класична кликбејт содржина чијашто цел е да ја зголеми интеракцијата и видливоста на фејсбук страницата
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
НАЈНОВА ВЕСТ: Страшен пожар се шири кај Зелен Пазар, се слушаат и експлозии (ВИДЕО) – ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ ВО КОМЕНТАР…
Во склоп на објавата е споделена фотографија на која се гледа пожар во близина на згради. Објавата нуди и линк за „повеќе информации“. Но, кога ќе го отворите линкот, ќе видите дека тој не води кон веродостоен сајт, ниту кон веродостојна информативна содржина (вест), туку е кликбејт кој води на надворешна страница,односно извесен украински блог.

„Вистиномер“ по вторпат го провери линкот, но овојпат бевме пренасочени на друга страница со видеа за возрасни.

Имено, со секој нов клик на линкот до наводната „вест“ и најава за некаков пожар, наместо кон најавената содржина, ве води кон нови линкови кои се менуваат, што претставува кликбејт содржина.
Кликбејт е вид на онлајн содржина, линк до содржина или фотографија која е дизајнирана да го привлече вашето внимание и да ве натера да кликнете на неа, честопати користејќи претеран, погрешен или сензационален јазик. Целта е да се привлечат кликови, а не да се информира точно, и содржината внатре честопати не го исполнува ветувањето во насловот.
Кликбејт најчесто се користи за зголемување на сообраќајот на веб-страницата или зголемување на сообраќајот на социјалните мрежи (лајкови, споделувања, коментари). Ваквите содржини ги доведуваат во заблуда читателите, ја намалуваат довербата во содржината или издавачот и им даваат приоритет на емоциите и шокот – пред вистината.
Во конкретниот случај „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата која е искористена за кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија пред два месеца е објавена на веб-страницата Гладијатор на 24 септември 2025 година.
Во написот се информира за пожар во близина на Зелен пазар во Скопје.
Вечерва избувна голем пожар во близина на Зелениот пазар. На терен се присутни противпожарни екипи кои веќе некое време активно се борат со огнените јазици и работат на негово целосно локализирање.
Веста е всушност преземена од Инстаграм профилот на порталот Скопје1 каде што има објавено и видео од пожарот.
Вечерва изби голем пожар кај Зелен пазар. Според првичните информации на „Скопје1“, се запалил автомобилот, па пожарот се проширил на друго возило, за потоа да се запали и магацин од маркет. Противпожарни екипи веќе подолг временски период работат на гаснење на пожарот. Засега не е познато дали станува за подметнат пожар. Информациите се дека пожарот е локализиран, но се работи на негово целосно гаснење, информира Скопје1.
Од сето ова можеме да заклучиме дека станува збор за лажна вест, односно, пожар во близина на Зелен пазар имало, но пред два месеца, а не сега, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Објавата не нуди никаква информација туку класична кликбејт содржина чијашто цел е да ја зголеми интеракцијата и видливоста на фејсбук страницата.
Поради тоа објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар