Името на Венко Филипче злоупотребено за промовирање непостоечки лек за дијабетес
Преку лажно и монтирано видео се злоупотребува името на Филипче за да се промовира непостоечки лек против дијабетес
Станува збор за лажно и монтирано видео во кое се злоупотребува името на Филипче за да се промовира непостоечки лек против дијабетес. Не постои единствен „волшебен лек“ за дијабетес, а потпирањето на непроверени препарати не само што може да биде неефикасно туку и опасно по здравјето
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се тврди:
Македонија дискутира за огромен скандал! Венко Филипче жестоко ги нападна фармацевтите во живо, откако беше забранет лек кој му го стабилизирал нивото на шеќер во крвта.
А илјадници Македонци кои го пробале овој метод веќе пријавија:
— не бара придржување кон диета
— нема несакани ефекти
— ги активира природните процеси во организмот
Објавата споделува и видео од наводна изјава на неврохирургот д-р Венко Филипче во која тој наводно зборува за некаков чудотворен лек против дијабетес.
Видеото почнува со наводна најава на вести во кое е злоупотребен ликот на водител на вести на Сител телевизија во која тој вели дека Филипче демонстрирал трик во кујната кој го намалувал нивото на шеќер три пати побрзо од се што е достапно на пазарот. Имено, според наводните зборови на новинарот, со овој „трик во кујната“ за само 10 секунди нивото на шеќер се намалувало до нормала без да се зема инсулин или метформин.
По ова следувала бурна реакција на фармацевтските компании кои почнале да го бришат видеото од интернет за да ги заштитат своите милијарди профити од продажба на лекови против дијабетес. Дури и Илон Маск го потврдил ова изјавувајќи дека овој трик го користеле астронаутите на Спејс икс во вселената за да го одржат нивото на шеќер.
По ова следи видео од наводна изјава на Филипче во која тој наводно зборува за чудотворниот лек, нагласувајќи дека во јануари 2025 година заедно со научници од Копенхаген направиле вистински пробив.
По некое време на видеото во делот кај што зборува наводно Филипче, се пушта гласот од почетокот на видеото, односно од водителот на вестите.
По ова, се појавува фотографија од калкулатор со испишани бројки, која стои до крајот на видеото кое трае 18 минути.
Кога ќе го погледнете внимателно видеото, ќе забележите дека тоа е фабрикувано и лажно, односно д-р Венко Филипче никогаш и никаде не промовирал никаков „чудотворен лек“ против дијабетес. Прво, видеото од водителот на вести е злоупотребено. Оригиналното видео е од 22.09.2025 година, и во него новинарот никаде на спомнува никаков лек што го измисли Филипче.
Понатаму, д-р Венко Филипче е неврохирург и тој нема никаква врска со лекување дијабетес, што спаѓа во сосема друга медицинска гранка. Ако навистина тој открил некаков чудотворен лек, тоа ќе беше број еден вест во сите светски научни списанија, а таква вест Вистиномер не успеа да најде во ниту еден релевантен медиум.
Понатаму, да биде уште посмешно, во видеото се спомнува и милијардерот Илон Маск, односно се спомнува негово наводно признание за успешноста на лекот. Илон Маск никаде на дал таква изјава.
Видеото е направено со помош на Гугл транслејт, односно во говорот и на новинарот и на Филипче има доста грешки.
Она што е најинтересно е што во видеото никаде не е прикажан „чудотворниот лек“, тој само се смомнува, но рецептот за „трикот во кујната“ никаде го нема.
Очигледно е дека станува збор за лажно и монтирано видео во кое се злоупотребува името на Филипче за да се промовира непостоечки лек против дијабетес.
Ова не е првпат името на Филипче да биде злоупотребено за промоција на лажни лекови.
На социјалните мрежи и претходно се промовирале некакви природно и чудотворни лекови против дијабетес, за што Вистиномер има пишувано и истите ги има разобличено.
Дијабетот е хронично метаболно заболување кое се карактеризира со покачено ниво на глукоза во крвта, поради недостаток или нарушена секреција на инсулин од панкреасот. Покаченото ниво на шеќерот во крв доведува до сериозно оштетување на срцето, крвните садови, бубрезите, очите и нервите. На веб-страницата на Центар за превенција и контрола на болести во САД јасно е наведено дека лек за дијабетес сè уште нема, иако јасно стои дека оваа болест може да се контролира.
Сè уште нема лек за дијабетес, но слабеењето, јадењето здрава храна и активниот живот може да помогнат. Земањето лекови по потреба, едукацијата и поддршката за само-менаџирање со дијабетесот и посетите на лекар може да го намалат влијанието на дијабетесот врз вашиот живот, пишува на веб-страницата на Центарот за превенција и контрола на болести во САД.
И на веб-страницата на Институтот за јавно здравје на Северна Македонија не пишува за никаков можен лек за дијабетес, туку само за пристапот и начинот на третирање на ова хронично заболување.
Оваа објава може да предизвика огромна штета, бидејќи се работи за чувствителна тема, а се манипулира со чувствата на луѓето кои навистина имаат потреба да се излечат од оваа болест.
Третирањето на дијабетесот бара повеќеслоен пристап кој вклучува промени во животниот стил, лекови коишто ги препишуваат здравствените работници, а понекогаш и инсулинска терапија. Не постои единствен „волшебен лек“ за дијабетес, а потпирањето на непроверени препарати не само што може да биде неефикасно туку и опасно по здравјето. Секогаш консултирајте се со проверени медицински извори или здравствени работници за точни информации и упатства за лекување особено за сериозни болести како дијабетес.
Поради сите наброени манипулации и невистини, оваа објава ја оценуваме како како измамничка и манипулативна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар