Имплементацијата на Законот за јазиците нема само симболична цена без оглед на стандардите на Груби

 

По кои стандарди Груби оценува дека функционирање на правната држава, недостапноста до брза и фер правда или тешката имплементацијата на Законот за употреба на јазиците во здравството, на пример, има симболична цена?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Артан Груби, пратеник од ДУИ даде изјава во која оценуваме дека има спин:

Цената на мирот, на еднаквоста и меѓуетничките односи е неспоредлива со симболичната цена на имплементација на еден закон.

[Извор:Дојче Веле – Законот за јазици повторно …датум: 08.10.2019]

 

Контраспин: Пратеникот и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, во врска со мислењето на групата експерти од Венецијанската комисија, која го оценуваше Законот за употреба на јазиците, даде изјава во која има две извртување на вистината, т.е. спин. (поширок дел од изјавата види тука).

 

МИРОТ НЕ (ТРЕБА ДА) ЗАВИСИ ОД ЗАКОН

Спинот најпрво се гледа во делот од изјавата кој е дискутабилен и во кој цената на војната и мирот зависи, според Груби, од еден закон, т.е. неговата имплементација. Тука нема што посебно да се дебатира дали е ова извртување на вистината, зашто аксиома е дека мирот нема цена, вклучувајќи го тука постоењето на еден закон т.е. имплементацијата на законот. Секое барање за нешто што друг го смета за негово основно човеково право може и треба да се реализира или да не се реализира исклучиво преку демократски средства и стандарди – расправа, јавна расправа, собрание, влада, судство, почитување на процедури и други мирни средства преку кои ќе се овозможи едниот да го слушне другиот и да се обидат да се разберат. Тоа важи како за поединци, така и за народи и етникуми во повеќеетничко општество какво што е државата Република Северна Македонија.

Зошто овој елемент спаѓа во групата дискутабилни? Затоа што праксата во светот, често и кај нас, не е баш таква, а поединци или политички елити лесно посегнуваат по јазикот на заканите, јазикот на насилството или јазикот на нетолеранцијата и омразата. За среќа, праксата е добра учителка, па може да се генерализира дека меѓуетничката толеранција е сè подоминантен процес за разлика, на пример, од интеретничката, која во последните години се зголемуваше и достигна нетоолератна и непријатна состојба.

И токму затоа, прво со промените на Уставот во 2001 година, па со првиот закон за употреба на јазиците од 2008 година, па со измените и дополнувањата од 2011 година, државата стигна легално, преку Собранието да добие сосема нов закон во 2018 година, овој за кој сега повторно се отвора дебата. Тука на јавноста треба да ѝ се појасни дека не се отвора дебата за потребата од постоење на ваков закон, туку за дел од правните решенија вградени во него, а кои беа донесени – факт е – без поширока расправа на стручни луѓе или институции и во една скратена постапка во Собранието, која правно е тешко оддржлива да се објасни, а тоа е носењето на закон со европско знаменце, во Комисијата со која претседава токму Груби (голем дел од собраниска постапка и стенографските забелешки од расправатта во Комисијата за европски прашања, како и текстот на законот може да се види на следниот линк).

 

ШТО Е СИМБОЛИЧНО ВО ПРИМЕНАТА ВО СУДСТВОТО ИЛИ ЗДРАВСТВОТО?

Она што е дискутабилно е вториот елемент од изјавата на Груби – дека имплементацијата на споменатиот закон бара или за нејзе се плаќа симболична цена.

Симболична цена може да се каже дека единствно важи за проценетите 1,7 милиони евра колку што годишно за почеток се издвојуваат од буџетот на државата за имплементација на законот, со кои најверојатно се опфатени државната Агенција за примена на Законот и Инспекторат што ќе се грижи за употребата на јазиците.

Ништо друго не е симболично. Од двојазичните (или некаде повеќејазичните), табли низ државата, од двојазичните униформи, преку примената на двојазичноста во училиштата, армијата, полицијата, пожарникарите, брзата помош, до нотаријатите и на крај судовите.

Секој од овие елементи, ако се анализира одделно, ќе покаже дека имплементацијата на законот, како што е предвидено во неговите членови, особено Член 2, став 3 и Член 8, кои веќе биле анализирани од „Вистиномер“, исто така, не е симболичен.

Сега во јавноста се дебатира само за една примена на законот која според експертите на Венецијанската комисија, барем од она што е пренесено во јавноста, е исклучително сложена, a тоа е примената во судството:

Во заклучокот број 100 се оценува: „Како и да е, според мислењето на Венецијанската комисија, во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена. Високо огромни и скапи обврски што законот ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон во текот на постапката претставува основа за враќање на судската одлука (член 9 (5). Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права.“ (извор:Плус Инфо)

Овие проблеми околу имплементацијата произлегуваат од Член 9 од законот, а непримената е опишана во ставот 5 во кој се вели дека непримената значи суштинска повреда на постапката, по што ништо дотогаш преземено не важи.

Целиот наод и стручно мислење на Комисијата јавноста ќе го има на увид или за помалку од десет дена или за некој месец (две различни тврдења). Тогаш ќе може да се види во целост дали она што го кажува Комисијата е симболично или не, да се послужиме со речникот на Груби. Ова се однесува и на една друга многу важна работа од животот на секој граѓанин, а која не е детално разработена во членовите од законот, а тоа е неговата примена во сите здравствени институции.

Дали цената на загубен човечки живот или нарушено здравје во некоја здравствена институција е симболична, а произлегла од (не)имплементацијата? Дали тоа што, да речеме, болницата во Кочани нема да успее да вработи лица што го познаваат јазикот на заедницата што го зборуваат над 20 отсто во државата, а што е законска обврска на болницата во Кочани, ќе биде суштинска пречка за одбивање за примање медицинска помош или вооопшто за заедничко разбирање на релацијата лекар-пациент во критичен момент? Или обратно, да се претпостави, дали во медицинскиот центар во Тетово ќе биде проблем ако не се применува Член 1, став еден од законот и поради тоа дојде до несакани последици по животот или здравјето на некој граѓанин?

Сето ова се суштински и не така симболични дилеми или цена во имплементацијата на законот, што би рекол Груби. Вклучувајќи го тука и ставот на Комисијата дека одредени делови од законот не се најјасни на која етничка група и јазици се однесуваат, зашто, да не заборавиме, државата ни е мултиетничка, а не биетничка, а согласно тоа, секој граѓанин има право да очекува исполнување на неговите основни човекови права.

Сето ова е особено важно кога се даваат изјави од типот дека експертите направиле грешка во пристапот (голема храброст е да се каже ваква оценка) или дека ќе се види што ќе се преиспитува, без оглед што Комисијата тоа го препорачува и навела дека ќе биде присутна да даде стручна помош во евентуална натамошна постапка што ја предлага.

Поради погоре изнесените аргументи и оценката и од домашни правни експерти уште додека се носеше овој закон, дека одредени решенија ќе бидат тешко применлии во пракса, оценуваме дека изјавата на Груби содржи извртување на вистината, т.е. спинување, особено во делот дека цената на имплементација на законот е симболична.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција