Индустриската зона „Караслари“ е во функција
Проект: Изградба на нова индустриска зона во село Караслари
Опис: Изградба на индустриско-развојна зона на магистралниот пат М1 (Гевгелија – Скопје), која е поврзана со автопатот Е75 (Скопје – Гевгелија) и е оддалечена од Велес осум километри. Површината на која е предвидено да се изгради зоната е 24 хектари со намена производство, дистрибуција и сервиси. Во првата фаза зоната ќе се уреди инфраструктурно со комунална и сообраќајна инфраструктура, со што ќе се овозможат услови за парцелите да се понудат на потенцијални инвеститори.
Средства: 4.000.000 ден. (425.000 денари за изработка на потребната документација)
Извори на финансирање: Буџет на Општина Велес
Рок: 2015 година
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Славчо Чадиев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Велес во својата изборна програма (стр. 18) со која ја бараше довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година, вети и изградба на нова индустриска зона во селото Караслари, на површина од 24 хектари. Тој нагласи дека изградбата на зоната ќе се реализира од буџетот на општината, односно како нејзин проект, до крајот на 2015 година. Со оглед на состојбите, ова ветување на Чадиев може да се смета за исполнето.
Првите информации дека се работи на реализацијата на ова ветување на Славчо Чадиев, кое беше ставено на листата на приоритетни проекти од неговата изборна програма, се од крајот на јули 2013 година. Се работело на геомеханички испитувања на теренот, а веќе биле нарачани канализациски и одводни системи за зоната.
На 19 ноември 2013 година бил изработен документ за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за таа локација. На 10 декември истата година читаме дека на локалните бизнисмени им биле презентирани парцелите. На 8 април 2014 година почнала реализацијата на најголемата инвестиција во оваа зона, односно изградбата на фабриката на германската компанија за автомобилски компоненти „Маркарт“. Фабриката е отворена на 7 октомври 2015 година.
Во отчетот на општина Велес за 2015 година се претставени неколку реализирани работи во индустриската зона Караслари – отворањето на фабриката Маркарт (стр. 4), асфалтирањето на влезната улица во зоната (стр. 7), како и изградбата на водоснабдителен систем со резервоар (стр. 14).
На 17 мај годинава на прес-конференција, велешкиот градоначалник информира дека привршува инфаструктурното уредување, а покрај фабриката на Маркарт има уште два објекти, од кој едниот е во завршна фаза, а едниот почнува да се гради.
По трасирањето на улиците ќе се стават странично и канделабрите, а со тоа ќе ја завршиме целокупната инфраструктурна изградба во ИЗ Караслари која е многу значајна за просперитетот на Општина Велес, а потоа ќе започнеме и со инфраструктурно уредување на ИЗ Мамутчево, најави Чадиев.
Според она што го покажаа проверките, ветувањето на Чадиев е исполнето во рамките на рокот, односно крајот на 2015 година, бидејќи првиот капацитет, фабриката на Маркарт, почнала со работа на почетокот на октомври 2015 година.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Славчо Чадиев – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Велес“ (стр. 18) [Пристапено: 11.07.2016]
- (30.07.2013) Вечер – Во Велес ќе никне трета ТИРЗ Караслари [Пристапено: 11.07.2016]
- (19.11.2013) Лисица – Општината ќе гради нова индустриска зона кај село Караслари. Готов е документот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина [Пристапено: 11.07.2016]
- (10.12. 2013) МРТ – Локалните бизнисмени заинтересирани за купување на парцели во индустриска зона Караслари [Пристапено: 11.07.2016]
- (08.04.2014) Билд – Се гради нова фабрика кај Велес, вложување вредно 35 милиони евра [Пристапено: 11.07.2016]
- (07.10.2015) Нетпрес – Вработување за 600 лица, германски „Маркарт“ ја отвори фабриката во Велес [Пристапено: 11.07.2016]
- (2015) Отчет на општина Велес за 2015 година [Пристапено: 11.07.2016]
- (17.05.2016) Сител Привршува уредувањето на Индустриската зона Караслари во Општина Велес [Пристапено: 11.07.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар