Инсулинот за дијабетичарите во земјава е бесплатен

Kлетките на панкреасот што произведуваат инсулин Фото: Manu5, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Инсулинот во Северна Македонија е бесплатен за самите пациенти, во смисла на тоа дека тие одат во инсулинските аптеки и го подигнуваат инсулинот и не го плаќаат директно.

Министерството за здравство спроведува набавки согласно Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за 2025 година, преку придржување до Законот за здравствената заштита во делот за дијабетес мелитус и препораките и заклучоците на Националната комисија за дијабетес

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ако вакцините се бесплатни затоа што „спасуваат животи”, зошто Инсулинот и другите лекарства не се бесплатни?

Иако не е наведено за кои конкретно вакцини се мисли, точно е дека има вакцини кои се бесплатни за граѓаните поради фактот што се набавуваат преку посебни програми за имунизација на Владата и на Министерството за здравство. Тоа значи дека самото Министерство за здравство ги набавува вакцините на тендер, а потоа тие се бесплатни за граѓаните, но далеку од тоа дека не се платени. Тие се платени од буџетски средства кои пак се добиваат од даноците.

Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија обезбедува универзален пристап до имунизација, заштитувајќи ги поединците и заедниците преку спречување на ширење на вакцино-превентабилните заболувања. Основна цел на Програмата е зголемување и постигнување на опфат над 95% на национално и регионално, и над 90 отсто на локално ниво со сите вакцини, согласно Календарот за имунизација во 2025 година.

Имунизацијата против одредени заразни болести се спроведува како: Задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Инсулинот пак, наспроти изнесеното во објавата, во С. Македонија е бесплатен за сите лица со дијабетес и не се наплаќа за нив. Во 2025 година бројот на регистрирани лица со дијабетес кои се на инсулинска терапија е 42.000 од кои 4.700 се лица со тип 1 дијабетес и 38.000 со тип 2. Овој број секоја година расте. Согласно податоците од Интернационалната дијабетолошка федерација, вкупната преваленца на дијабетесот (дијагностициран и недијагностициран) изнесува 9.8 отсто од населението на возраст од 25-70 години. Во јавните здравствени установи постојат Кабинети за дијабетес (вкупно 42). Кабинетите за дијабетес се во состав на универзитетските клиники, клиничките болници, општите болници, општите болници со проширена дејност и здравствените домови.

Основна цел на Програмата за обезбедување на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за 2025 година е обезбедување на најсовремена терапија за пациенти со дијабетес мелитус тип 1 и дијабетес мелитус тип 2, односно инсулинска терапија, глукагон, антидијабетична терапија, инсулински игли, ленти за мерење гликемија, инсулински пумпи со потрошен материјал, сензори за контиуирано мерење на гликемија. Министерството за здравство во 2025 година ќе спроведе јавна набавка согласно Програмата за обезбедување на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за 2025 година, преку придржување до Законот за здравствената заштита во делот за дијабетес мелитус и препораките и заклучоците на Националната комисија за дијабетес.

Вкупните средства за реализација на оваа програма изнесуваат 860.000.000,00 денари, кои се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година. Со програмата се предвидува и исплата на неизмирени обврски по основ на остварени права согласно Програмата за обезбедување на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за 2024 година, се наведува во програмата.

Така, инсулинот во С. Македонија е бесплатен за самите пациенти, во смисла на тоа дека тие одат во инсулинските аптеки и го подигнуваат инсулинот и не го плаќаат директно. Министерството за здравство спроведува набавки согласно Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за 2025 година, преку придржување до Законот за здравствената заштита во делот за дијабетес мелитус и препораките и заклучоците на Националната комисија за дијабетес.

Терапија за лицата болни од дијабетес мелитус, како и останатите медицински средства, предвидени согласно оваа програма, Министерството за здравство ги дистрибуира до јавните здравствени установи во кои има инсулинска аптека. Јавните здравствени установи, односно инсулинските аптеки кои се извршители на активностите, водат евиденција за пациентите и евиденција на издадената терапија во Националниот систем за електронско здравство „Мој Термин”, согласно процедурата за дистрибуција и издавање на лекови/терапија, утврдена од страна на Министерството за здравство по предлог на Комисијата за дијабетес, како стручно советодавно тело на министерот за здравство. Издавањето на терапијата на пациентите од страна на инсулинските аптеки кои се извршители на активностите се врши за период од еден (1) месец, а за пациентите кои патуваат во странство, согласно донесен протокол од страна на Комисијата за дијабетес, најмногу за три (3) месеци еднаш во годината.

Јавните здравствените установи во кои има инсулински аптеки се извршители на оваа програма и истите доставуваат месечни извештаи до Министерството за здравство за бројот на пациентите, количина на потрошени лекови и моментална залиха на истите.

Вистиномер го дебанкираше делот дека вакцините наводно (како што иронично е наведено во објавата) не биле спасоносни. Тие спасуваат милиони животи ширум светот и помагаат да се одржи вакциналниот имунитет и следствено да се искоренат болестите или истите да не се причинител на тешки состојби и да се одржи колективниот имунитет.

Инсулинот за лицата со дијабетес во земјава е бесплатен и се дава според националната програма. Што се однесува до делот од објавата каде се споменуваат другите лекови, секој друг лек во земјава е предмет на регулација на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се купува или на рецепт или приватно, зависно од неговиот режим на препишување и истиот се плаќа различна сума зависно од тоа дали е купен приватно или на рецепт.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција