Интернет измами – локалните уникатности на регионалниот проблем
Секоја држава има уникатни и локализирани типови на измами, но во речиси сите има и такви измами што се пресликуваат и се направени по ист образец. Но, за справување со нив не треба само реактивно да се одговара на проблемот, односно да се „ловат“ откога ќе се откријат, туку треба да се работи и на превенција – кревање на свесноста за потребата од медиумска и дигитална писменост кај сите возрасни групи
Дигиталните измами и рекламирањето на лажни лекови претставуваат сериозна закана за безбедноста, здравјето и довербата на граѓаните. Најчесто се рекламираат разни производи, со бомбастични понуди од „еден денар“ преку кои се злоупотребуваат лични податоци и/или предизвикуваат економска штета на интернет корисниците. А лажните лекови, покрај тоа што прават финансиската штета, можат да имаат сериозни здравствени последици.
Кои се соодветните одговори на ваков тип на закан? Што можат државните институции, а што граѓанскиот сектор може да направи да ги заштити граѓаните ова ваквите измами?

Ова беа некои од темите коишто беа дискутирани на сесијата „Измами во дигиталната ера: предизвици за граѓаните и институциите“ која се одржа во рамките на 21 издание на конференцијата е-Општество.мк, организирана од Фондацијата Метаморфозис. Панелот беше модериран од Деспина Ковачевска, експертката за медиа мониторинг.
Владимир Петрески: 2025та е годината кога технолошките фирми ги „прифатија фалсификатите“

Владимир Петрески, главен и одговорен уредник на Сервисот за проверка на факти Вистиномер, се осврна како на глобалните, така и на локалните трендови.
Според неколку анализи, некои 10% од вкупните годишни приходи, или 16 милијарди долари доаѓаат од промовирање и рекламирање на разно разни измами на нивните платформи. А, најчесто ваквите типови на дигитални измами потекнуваат од посиромашни држави, како Мјанмар, Камбоџа, Тајланд. Зошто се битно овие држави? Зашто ги таргетираат и државите од Балканот и С. Македонија? Кога ќе се види во која држава се менаџерите на Фејсбук страниците, или барем во која држава биле создадени, може да се види дека најчесто се надвор од државата, вели Петрески.
Тој се осврна и на тоа како дигиталните измами полека еволуираат не само заради самите платформи, туку и заради заради проверувачите на факти што ги раскринкуваат. Според него, се креираат различни типови на сензационалистички наслови на објави и генерички слики и поставуваат линкови до „веста“ што, всушност, се референтни линкови до Алиекспрес, преку кои собираат кликови и добиваат пари.
Роберт ван дер Ноорда: Справувањето со дезинформации со софтверски решенија

Како еден од менаџерите на Тролрензикс, компанија која развива софтвер за следење на дезинформации и кампањи за хибридно војување, Роберт ван дер Ноорда се осврна повеќе на тоа како може се анализа на мрежи и корисници преку квантификување на т.н. „тврди“ податоци може да се разоткријат дезинформациските мрежи на интернетот. Тој објасни дека во Тролрензикс тие се специјализираат во темите за ФИМИ или надворешно мешање, конкретно преку собирање на голема база на податоци од корисници, нивното однесување, навики, поврзаност преку самите сметки итн., главно фокусирани на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер). Тој беше директен во своето излагање:
Може да дебанкирате колку сакате, но ако не најдете од каде потекнуваат фармите на тролови, кои ги создава овие мрежи, ќе биде многу тешко да се справите со проблемот. Никој не гарантира дека ако затворите една мрежа со класично раскринкување потоа истиот човек нема да направи нова компанија со која ќе продолжи да го прави истото. Нашата работа е малку поразлична од дебанкирање, ама баш заради тоа имавме можност да соработуваме со други организации и владини институции и да им помогнеме со нашите знаење, вештини и алатки, Ван дер Ноорда го сподели неговото искуство.
Тој вели дека во 6 години има избришано над 28 милијарди тролови или сомнителни кориснички сметки на Фејсбук, што значи три пати повеќе од моменталната светска популација. Ван дер Ноорда посочи дека според нивните проценки, во речиси секој момент на социјалните медиуми има околу 15 до 17 отсто од вештачки, ботовски или трол акаунти.
Хирије Мехмети: Подемот на ВИ значи еволуција на измамите

Како истражувачка во косовскиот Сервис за проверка на факти Хибрид, Хирије Мехмети зборуваше за некои од начините на накои измамите во Косово и регионот се менуваат со тоа што алатките за вештачка интелигенција стануваат се подобри и пософистицирани. Мехмети спомена дека сè повеќе и повеќе виралните видеа што циркулираат се поубедливи и почнуваат да ги менуваат и самите содржини:
Нашите податоци од 2025та г. покажуваат дека измамите стануваат сè пософистицирани бидејќи се користат генеративните алатки втемелени на ВИ. Но, не само тоа, туку и самите теми на измамите се менуваат. Во последно време гледаме дека се поврзани со хуманитарна работа, односно со донирање на парични средства за некоја личност која страда од ретка болест. И, не само што самите објави се емотивно напишани, туку и детално опишуваат каква последица има болната личност од истата. И, така граѓаните од желба да помогнат, ќе се излажат и ќе донираат пари и потоа не може да се ги вратат истите, опиша Мехмети.
Мехмети вели дека од ноември има нов бран на лажни вести генерирани со ВИ кои прикажуваат божемни „новинари“ како прават интервјуа на аеродром во Приштина со лицата кои се пристигнале таму, прашувајќи ги „зошто дојдовте на Косово?“, а лицата од авионот одговараат дека дошле за да гласаат за некој политичар. Но, предупредува Мехмети, ако ги знаете логоата на политичките партии веднаш може да се препознаат видеата дека се лажни.
Ова значи дека дури ни основните работи не можат да ги погодат, а сепак, незанемарлив дел од корисниците веруваат во истите, посочи Мехмети.
Невила Ѓата: Со полна пареа во борбата против дезинформациите

Главната уредничка на сервисот за проверка на факти Фактоје од Албанија, Невила Ѓата, зборуваше општо за борбата со дезинформации изминатата година. Покрај редовното раскринкување на дезинформации, нивниот фокус главно беше на идентификување, следење и разоткривање на дигиталните измами и лажни онлајн понуди во Албанија, слични како и во другите земји.
Таа посочи на циркулацијата на реклами за лажни лекови и нерегулирани здравствени производи и суплементи, промовирани преку социјалните мрежи, истакнувајќи ги и економските загуби и сериозните ризици за јавното здравје. Особено, како што спомна Ѓата, затоа што овие лекарства најчесто ги користат повозрасните лица кои најчесто потпаѓаат на ваквите измами, затоа што е поверојатно тие да немаат највисоко ниво на медиумска и дигитална писменост.
Токму затоа и Ѓата спомена за напорите на Фактоје на подигање на свеста кај граѓаните, поточно за зајакнување на медиумската писменост и поддршка на институциите преку известување засновано на докази. Целта е да придонесат за поширок напор насочен кон превенција, едукација и заштита од вакви закани.
Албанските институции треба да ги поддржат независните проверувачи на факти. Со информирани граѓани и координирани институции, можеме да се спротивставиме на интернет измамите и дезинформациите, сподели Ѓата.
Амар Караѓуз: Поголема улога на обвинителството и регулаторните институции

Слично како и другите панелисти, Амар Караѓуз е проверувач на факти од Сервисот за проверка на факти „Раскринкавање/Зошто не?“ од Босна и Херцеговина. Спомена дека за разлика од другите држави, во БиХ нема толку многу политички измами, но, слично како во Албанија, и Р.С. Македонија изобилува од измами поврзани со лекарства, направени речиси по истиот „метод“ со дипфејк видеа од добро познати доктори.
Имаме и божемни награди игри каде корисниците ги оставаат своите лични и/или банкарски податоци кои понатаму се злоупотребуваат и им се крадат огромни суми на пари. А, целна група на овие измами се возрасни луѓе и оние кои се посиромашни, кои ќе се залажат мислејќи дека е прилика за брза заработка на пари, рече Караѓуз.
Одговорот тој го бара повеќе во обвинителство и регулаторни институции, особено за измамите кои се направени од „домашни“ крадци, потенцирајќи дека се потребни повеќе лица во одделите за сајбер криминал.
Кога реално тие се презафатени со справување со детска порнографија и слични тешки тематики, тие функционално немаат време ниту дополнителни капацитети да се справат и со ваквиот тип на криминал, вели Караѓуз.
Сите панелисти се согласија дека не треба само реактивно да се одговара на проблемот со измамите, односно да се „ловат“ откога ќе се откријат. Потребно е да се работи и на превенција, преку кревање на свесноста за потребата од медиумска и дигитална писменост кај сите возрасни групи, затоа што препознавањето дека нешто е „премногу добро да биде вистинито“ е првиот чекор за градење отпорност кон ваквиот вид на измами.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар