Интернет измамите станаа сè почести и пософистицирани

Фото: Колаж направен во Canva

Минатата година изобилуваше со различните типови на на интернет измами кои особено се намножија на социјалната мрежа Фејсбук. Тие не само што стануваат сè почести, туку и еволуираат во нивната софистицираност.

Минатата година изобилуваше со различни типови на интернет измами кои особено се намножија на социјалната мрежа Фејсбук. Тие не само што станаа сè почести, туку и еволуираа во нивната софистицираност, па затоа е битно да се направи преглед за најчесто користените типови на измами, бидејќи заштитата од нив е оставена главно на корисниците

 

Во 2025 година тимот на Вистиномер рецензираше над 100 различни измами што целат да ги „олеснат“ паричниците на своите (потенцијални) жртви. Воочливо е дека сите користат речиси идентичен образец, односно имаат ист модус операнди, што пак, го олеснува нивното „ловење“.

„Медицински“ производи промовирани од познати личности со дипфејк технологија

Овој тип на измама има прилично едноставна равенка: Во видео направено со помош на алатки базирани на вештачка интелигенција, позната личност (најчесто познат доктор) сведочи дека некаков „медицински препарат“ нуди магично отстранување на болести или справување со некакви чести заболувања, третман на хронични заболувања или други здравствени проблеми. Мамката е следна: Волшебниот лек што се промовира наводно е забранет од фармацевтската индустрија, бидејќи е премногу ефекасен, па затоа сакаат да ги „замолчат“ личностите – докторите што го промовираат. Но, и покрај притисоците од фармацевтската индустрија, тие успеваат да ја споделат оваа „тајна“. 

Ваквиот начин на врамување на измамата прави корисниците да се чувствуваат како да се во „ексклузивен клуб“, односно да добиваат пристап до „лек“ што не е достапен за сите други. Создавањето на фиктивна припадност кон одредена група која е децидно наспроти моќната индустрија, или своевиден „Давид наспроти Голијат“ наратив, е моќна психолошка алатка, што како јадица, ги лови жртвите и ги припојува кон новата група. Токму ова го покажуваат некои истражувања, според кои ниската доверба во институциите е поврзана со повисока стапка на верување во заговори, што помага да се објасни зошто луѓето веруваат во вакви „скриени вистини“. А, бидејќи според фактичката состојба на нашето здравство е таква што тоа е меѓу најлошите во Европа, до некаде е и разбирливо зошто луѓето бараат решение во вакви „магични“ препарати.

Во измамничката објава најчесто се споделува линк од одредена страница каде што може да се купат овие „лекарства“. Содржината на страницата може да содржи некакво интервју или сведоштва на наводни корисници на овие препарати кои секогаш укажуваат на ефикасноста на овие производи. Ваквите содржини најчесто се преведувани од некој друг јазик и изобилуваат од синтаксички грешки, несоодветно членување на зборови, погрешно користење на синоними… 

Последната „техника“, што е своевиден лајтмотив во скоро сите измами, е што на самата страница е ставена штоперица што одбројува од неколку минути до неколку часа во кои ќе може да се купи производот по исклучистелно поволна цена или со огромен попуст. Најчесто производите се намалени за 80 или повеќе отсто. Така, се прави т.н. психолошки притисок врз жртвите, односно се цели да се направи мала „паника“ да не се пропушти ваков невиден попуст. Под ваквиот притисок дека шансата за попуст може да се испушти, најчесто луѓето не ги приметуваат некои од очигледните детали на страницата што може да им навестат дека се работи за измамничка страница. 

Меѓу личностите злоупотребени во ваквите измами беа: д-р Жан Митрев (тука, тука, тука, тука, тука и тука), д-р Никола Пановски, д-р Драган Даниловски, д-р Александар Петличковски, д-р Александар Митов, д-р Злате Мехмедовиќ, д-р Билјана Тодорова, актерите Тони Михајловски и Игор Џамбазов, пејачките Андријана Јанева и Сузана Спасовска. А, препаратите најчесто „ветуваат“ лекување на дијабет, артрит и остеопороза, средства за отстранување на паразити, за „враќање на младоста“, потоа разни чаеви за слабеење, маст за зглобови, простатит, дури и целосно враќање на видот. 

Политичари и инвестициски апликации

Не многу поразлично, изминатата година имаше и серија на измами коишто го искористуваат ликот на повеќе познати политичари, министри, па дури и премиерот Христијан Мицковски. Но, за разлика од претходната категорија, овие измами не содржеа видеа креирани со алатки базирани на ВИ. 

Формулата за овој тип на измама е следна: Во рекламата се вели дека има некаква нова владина регулатива, закон или платформа преку која може да се вратат средствата на граѓаните (на пример, поврат на данок). И, иако имаше различни верзии на измамничките реклами, сите беа проследени со фотографија од некој познат политичар или политичарка, како, на пример, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, како и премиерот Мицковски

Во самите објави има и линк што води до веб-страница каде што има измислено интервју. 

Фото: Скриншот од измамничката страница

Во сите случаи фотографиите се преземени од вистински интервјуа, па затоа е тешко да се примети дали станува за измама или не. На пример, сликите од премиерот се преземени од ова интервју направено за балканскиот канал на Ал Џезира:


Понатаму, на страницата се навестува дека станува збор за некаква инвестициска платформа во која се бара од корисниците да инвестираат голема сума на пари, при што се тврди и дека тие може да очекуваат милионски суми назад.

Слична ваква шема видовме минатата година со пирамидалната шема „Конти“. 

Различни типови на дигитална измама

Следните неколку категории се прилично слични една на друга – целат корисниците на социјалните медиуми да купат некој производ што е на неверојатен попуст, или да учествуваат во наградна игра во која ќе добијат пакет на производи. Сè што треба да направат е да ги остават своите лични податоци, или да уплатат некоја симболична сума на пари. Потоа, штом измамниците веќе ги имаат податоците може да ги злоупотребат истите на најразличен начин. 

На пример, еден тип на ваква измама се лажните животни приказни или сведоштва на навидум вистински лица кои наводно откако биле отпуштени од работа од некоја позната фирма, на социјалните мрежи откриваат некаква „тајна“. Во овие измами се бара да се пополни кратка анкета за наводно да се добие некој производ, ако се плати само симболична поштарина од 145 денари. Ваквите измами ги имаат злоупотребено брендовите на „Европа“, „Сетек“, „Спорт Вижн“ и „Норд Фејс“

Следниот тип на измама, исто така злоупотребува познати брендови, но овојпат се работи за некакви промоции, акции или ексклузивни понуди. Во самите објави се споделуваат производи по багателни цени, при што се прикажува фотографија од пакет со производи – овие фотографии најчесто се преземени од вистинските брендови кои се имитираат. 

Како што претходно Вистиномер пишуваше во деталната анализа на ваквите измами, во самите објави две работи отскокнуваат: Името на страницата најчесто е многу слично, но, сепак, погрешно напишано во споредба со оригиналната страница на брендот; Коментарите под објавата најчесто се „сведоштва“ од Фејсбук корисници кои не се од С. Македонија, т.е. немаат македонски имиња. Сето ова треба да го одвлече вниманието на корисниците и да создаде лажна слика дека се работи за вистинска акција, а не  за дигитална кражба.

Некои од брендовите коишто беа мета на вакви измами се : „Schatze“, „Tinex“, „Dove“, „Lenor“, „Pet Centar“, „Nivea“.

По речиси ист образец, следната варијација на ваквата измама се т.н. „наградни игри“. Но, од овој тип на измама „подароците“ се малку „помрсни“: мистериозни пакети, голема сума на пари, мебел, бела техника, автомобили (тука, тука и тука), дури и цела куќа! 

По речиси ист терк,  во следните измами се нудеше огромен попуст на одредени атрактивни технолошки производи како мобилните телефони Ајфон и Самсунг. И, повторно, се злоупотребуваат добро познати брендови кај нас: „Техномаркет“ кои „нудат“ лаптоп за 120 денари, „Сетек“ „нудат“ Ајфон за 120 ден., потоа „ДМ“, „Кам маркет“, „А1“, „Нептун“ (тука, тука и тука), „Тапервер“ и „Анхоч“.

Изгубени пакети, празнење на магацини

Доколку изминативе години сте го гледале телевизискиот канал „Дискавери“, во еден момент сигурно сте виделе реклама или сте ја гледале емисијата „Baggage Battles“. Во оваа емисија на големите аеродроми често се забораваат или губат куфери коишто, по одредено време доколку сопствениците не ги подигнат, се продаваат на аукција односно можат да се купат. 

Претпоследниот тип на измама што често ја наоѓаме на социјалните мрежи е базирана на споменатата емисија „Baggage Battles“, но е преработена божем се однесува на меѓународниот аеродром Скопје. Само наместо наддавање за куферите, од аеродромот наводно организираат „хуманитарна распродажба“, па затоа се продаваат куферите по симболична цена. 

Варијации на оваа измама има и со брендот на онлајн продавницата „Тему“, којашто минатата година стана популарна во државата, потоа со „Македонска пошта“, „Зара“, „Ваикики“, „Манго“ и слично. Во сите се тврди дека магацините се преполни, се затвораат, или се наведува некоја друга лажна причина зошто пакети со производи би се продавале за 120, 123 или 125 денари.

Сензационалистички и кликбејт содржини

Последниот тип на измама што стана популарен во изминативе неколку месеци се објави кои ги користат најсензационалистички и кликбејт тактики да ги намамат корисниците да реагираат со нивната содржина. Поточно, тие користат генерички или украдени фотографии од сообраќајни несреќи или некои други немили настани, а во објавите на Фејсбук има наслов како:

Трагичен ден за Србија загина познатата пејачка Цеца  во собраќајна несреќа (Видео) – ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ ВО КОМЕНТАР

или

(ФОТО+ВИДЕО)-ШОК-Уапсен Познатиот Пејач Аца Лукас на лице место водел љубов со Малолетничка ќерката на (ФОТО+ВИДЕО) – Погледни повеќе во коментар

Ваква ноторна невистина може да се потврди многу лесно, бидејќи доколку беше вистинит настан тоа ќе беше објавено на сите можни медиуми на Балканот. Најчесто се пишува за некои целосно измислени настани (како смрт на познати лица од Балканот) или вистински настани, но извадени од контекст, преувеличени, настани кои се случиле во минатото или кои воопшто не се случиле во државата, види тука, тука, тука, тука, тука и тука.

Линкот што се споделува во коментарите под овие објави најчесто води до некакви партнерските линкови (анг. „аffiliate links“), т.е. уникатни URL- адреси што содржат идентификациски информации на партнерот што ги споделува, преку кои следат кликови и продажби и преку кои можат соодветно да бидат компензирани истите. Овие партнерски линкови водат до страници како Алиекспрес, платформи за онлајн тргување и други видеоплатформи. 

За разлика од претходните измами, тука не им се празнат паричниците на корисниците. Но, сепак, измамниците заради лична финансиска придобивка им го трошат времето на самите корисници со содржини кои ги кршат сите етички начела на новинарството. 

Како да се заштитиме од измамите

Најчесто кога се зборува за заштита или превенирање на ваквите измами, се изоставува фактот што тие се појавуваат кога најмалку очекуваме или сме подготвени, односно кога ги користиме овие платформи за разонода или работа. Објавите се испреплетени со автентични објави од различни страници и корисници и тоа ги прави измамите да делуваат како и тие да се автентични и вистинити. А, измамниците се свесни за ова, па ги прават нивните мамки да изгледаат што поверодостојни, ги менуваат своите тактики и ги менуваат векторите преку кои ги мамат своите жртви. 

Затоа, битно е да се потсетиме на некои препораки за тоа како да ги заштитиме нашите финансии, личните податоци и слично. Тимот на Вистиномер имаше прилика да разговара со експертот за сајбер безбедност Божидар Спировски:

На социјалните медиуми, или што било што ќе ви стаса неочекувано, што ќе ви го тутнат пред нос да го видите и тоа ви предизвикува емоционална реакција, каква сака нека е сликата, претпоставите дека сликата или видеото се лажни, невистинити. Почнете од таа премиса, практично не верувајте на ништо и потоа проверете. Прашајте се себеси дали ви предизвикува силна емоција, тоа е исто огромен фактор…, вели Спировски на почетокот од разговорот за интернет измамите.

Доколку сакате да го слушнете целиот разговор со експертот за сајбер безбедност Божидар Спировски можете да го погледнете на Јутјуб каналот на Вистиномер.мк.

Тој ни сподели неколку практични совети:

  • Ако нешто е премногу добро да биде вистинито, тогаш е ЛАГА.
  • Скоро НИШТО на социјалните мрежи не е вистина.
  • Проверете на официјалниот сајт, не следете линкови од промовиран пост на ФБ.
  • Не кликајте на линкови од непознати профили.

Да резимираме, кога станува збор за сомнителни Фејсбук реклами и објави: проверете дали е официјалната страница од каде што се рекламира производот или наградната игра – ако ви се појави на Фејсбук, потврдете го ова преку прелистувачот. Проверете ги основните информации на Фејсбук страницата – кога е создадена, колку следбеници, лајкови и рецензии има страницата, проверете ги коментарите во објавата дали се напишани од вистински профили или ботови. Доколку го отворите линкот, проверете го името на сајтот во полето за УРЛ и проверете дали функционираат сите копчиња на страницата – најчесто таа е целосно нефункционална освен копчињата за плаќање.

Запомнете, вистинските наградни игри ќе имаат јасно споделени правила и кој е организатор – измамничките сајтови нема да го сторат тоа. Вистинските наградни игри и продавачи нема да ве тераат да играте онлајн игра за да стигнете до производот, а ќе има што е можно повеќе детали за производите. Па доколку не сте 100 отсто сигурни за одреден веб-сајт, НИКОГАШ не ги споделувајте податоците од платежната картичка

Најпрактичен совет за да го заштитите вашиот паричник е доколку често користите интернет плаќања,  редовно да ги мониторирате вашите сметки за неодобрени или непознати одливи на средства. А, доколку ретко користите интернет плаќања и електронско банкарство тогаш намалете го лимитот на некоја мала сума или, најбезбедно, тоа да биде на нула. А доколку во даден момент ви затреба картичката, сè што треба да направите е да се јавите во корисничкиот центар и да им кажете повторно да ви го зголемат лимитот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција