Интервјуто на Иванка Василевска за српскиот портал натежнува од невистини и спинови

 

 

Иванка Василевска, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и професорка на Правниот факултет во Скопје, деновиве го привлече вниманието со своето интервју за српскиот портал „Стање Ствари“, со кое испровоцира остри реакции во јавноста.

Во ова обемно интервју, кое натежнува од манипулации, спинови и невистини, Василевска говори за повеќе теми, меѓу кои, за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, за Преспанскиот договор,  за можна федерализација на Македонија и некаков иден сојуз со Србија, но и за автокефалноста на МПЦ.

Уште на самиот старт, зборувајќи за тоа како дошло до смена на власта во Македонија, Василевска изнесува невистина:

Според нашиот Устав, второ рангираната политичка партија нема право да формира влада. Требаше да се распишат нови парламентарни избори.

Ова тврдење не е точно. Во Членот  90  од Уставот е  дефинирано дека:

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Уставот воопшто не споменува прворангирана или второрангирана партија, туку кандидат кој ќе обезбеди мнозинство.  Во конкретниот случај, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов му го додели мандатот најпрво на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но откако тој на 30.01.2017 година не успеа да направи коалиција со ДУИ (која се премисли во последен момент), по многу перипетии Иванов конечно на 17.05.2017 година му го довери мандатот на Заев.

Што се однесува до настаните од 27 април 2017година, Василевска вели дека се „манипулација“ и „холивудско сценарио“, наводно, креирано за да се смени тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и притоа изнесува уште една невистина:

Тој ден, на редовната седница на Собранието, Зоран Заев дојде  придружуван од 15 вооружени лица…

Ова едноставно не е точно. Целата јавност виде кој влезе насилнички во Собранието, а на судскиот процес подоцна се разјасни кој ги отвори вратите и овозможи да влезат демонстрантите внатре во парламентот и како потоа настана хаосот. Па, во најмала рака делува дури смешно како тоа Василевска се чуди дека настаните ги нарекле „крвавиот четврток“ (!) и уште прашува ако: „Незадоволната маса имаше намера некого да убие, дали некој жив би излегол од Собранието, кој би можел да ги запре?

Познато е дека во овој крвав инцидент најтешко беше повреден пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој едвај спаси жива глава,  а повредени беа и други пратеници, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.

Во ова интервју Василевска искажува и повеќе дискутабилни тези за Преспанскиот договор и обвинува странски дипломати за мешање во внатрешните работи на земјата:

Преспанскиот договор е донесен под ултиматум. Нам тој ни е претставен како единствен пат за членство во НАТО и за почеток на преговори за пристапување кон ЕУ. Тој е донесен во околности на директно мешање на западните дипломати во внатрешните прашања на Република Македонија, спротивно на Виенската конвенција и на начелата на дипломатското однесување на странските амбасади. Водечката улога во овој договор ја имаше тогашниот амбасадор на САД Џес Бејли, вели Василевска

И зборувајќи во тој дух Василевска повторно изнесува невистини и  ја спинува вистината:

Со овој договор, македонската нација се претвора во аморфна граѓанска маса на државата Северна Македонија за разлика од другите национални малцинства кои го задржуваат правото на идентитет…

Никој при здрав разум не би можел да прифати вакви услови. Тука е на дело етноцидот и бришењето на една суверена демократска национална држава од геополитичката карта на светот…

Несомнено дека граѓаните не се среќни поради промената на името во Република Северна Македонија, но факт е дека тоа беше компромисот кој мораше да се направи како услов за членството во НАТО, но и како важен услов (не и единствен) за продолжување на патот за нашата евроинтеграција. Што се однесува до идентитетот, тезите на Василевска се целоно неточни. И со Преспанскиот договор етничките Македонци се етнички Македонци, додека терминот за државјанство е дефинирано како: „Македонско – граѓани на Република Северна Македонија“, а и јазикот е „македонски“.

Така што, ниту е направен етноцид, ниту македонската нација е претворена во „аморфна маса“. Ниту пак, е можно „да се поништат сите одлуки донесени за време на владеењето на Зоран Заев, кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт“, како што ветува Василевска. Затоа што се работи за меѓународни договори, а исто така, во прашање е процедура за која е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.

Понатаму во интервјуто, таа, исто така, неточно констатира дека „за жал Македонија нема вистински, искрени пријатели во меѓународната заедница и тоа токму сега, кога земјава влегува во НАТО. Интересно е и тоа што Василевска споменува некаков вид сојуз со Србија доколку, како што вели, бидеме принудени на федерализација. Зошто, пак, би биле „принудени на федерализација“ останува нејасно кога тоа никој не го бара и не се спомнува во програмите нан иедна политичка партија. Интересен е и делот од интервјуто во кој таа  му се восхитува на српскиот претседател Александар Вучиќ поради „неговата политиката на неутралност“, која, според неа, треба да ја практикува и Северна Македонија.

Јас му се восхитувам на Вучиќ и на неговата политика на неутралност. Тоа е вистински пример како една држава треба да се однесува во меѓународните односи. Штета што Македонија не се раководеше од примерот на Србија. За почеток, ние прво треба да добиеме легална власт, потоа да изградиме функционални институции. Треба да промениме некои работи што не уназадуваат, па дури потоа да одлучиме што понатаму и како да ги сочуваме регионалните и глобалните интереси на нашите народи –  вели Василевска.

Но, токму овие нејзини ставови наидоа на жестока критика кај дел од партиското членство. Поранешниот министер за образование и здравство, Никола Тодоров и Петар Богојески, еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ,  нејзините тези ги квалификуваа како  спротивни на стратегиските цели на партијата и државата и повикаа да таа биде отстранета од сите органи на партијата.

Да споменеме и тоа дека Василевска  во интервјуто се осврнува и на црковниот спор, велејќи дека проектот за „независна самостојна македонска црква не заживеал“ и дека  политичарите не би требало да се мешаат во црковниот спор. Притоа додава дека:

Мене лично  ми е сеедно, сѐ додека се држиме до Библијата и  до духот на православната религија

Па, откако со изречените ставови за спрскиот политичко-православен портал во текст со наслов: „Срби се братски народ, проектот македонска црква не заживеа“, го навлече гневот на домашната јавност, вклучително и на луѓе од нејзината партија (ВМРО-ДПМНЕ) , Василевска излезе со  демант во кој тврди дека воопшто не дала интервју, туку се работи „слободен разговор, академско толкување на состојбите на Балканот“, при што вели дека е направено „целосно извртување на нејзините ставови“. Таа појасни и дека незаживеаниот „проект македонска црква“ од насловот се однесувал на црквата на Јован Вранишковски, а не на МПЦ-ОА.

Дури и овој дел од демантот да е точен, во целото интервју едноставно има премногу дезинформации и извртувања на вистината и тоа и во однос на историјата и во однос на толкувањата на современите и актуелните настани. Наративите кои ги користи Василевска за да ги илустрира своите поенти потекнуваат од погрешни премиси и неточни информации и водат кон погрешни заклучоци, кои немаат подлога и поддршка во јавноста зашто најголем дел од нив никогаш не биле искажани и толкувани на таков начин, дури ни од експерти блиски до нејзината партија.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција