Интервјуто на Мицкоски за „Брајтбарт“: Манипулации, факти и спинови во приказната за Вашингтон и ЕУ 

Најважниот спин во интервјуто на Мицкоски за американскиот портал „Брајтбарт“ не е тврдењето дека Северна Македонија треба да биде блиска со САД. Проблемот е кога политичката блискост со Вашингтон се претставува како нов механизам за решавање на прашањата поврзани со европските интеграции на земјава. С. Македонија може истовремено да биде силен американски сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, за второто постојат конкретни процедури, услови и договори. Во моментов тие вклучуваат и уставни измени договорени во склоп на преговарачката рамка, како и напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и другите реформски области  

Најважниот спин во интервјуто на Мицкоски за американскиот портал „Брајтбарт“ не е тврдењето дека Северна Македонија треба да биде блиска со САД. Проблемот е кога политичката блискост со Вашингтон се претставува како нов механизам за решавање на прашањата поврзани со европските интеграции на земјава. С. Македонија може истовремено да биде силен американски сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, за второто постојат конкретни процедури, услови и договори. Во моментов тие вклучуваат и уставни измени договорени во склоп на преговарачката рамка, како и напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и другите реформски области  

   

Пишува: Ана Анастасовска  

   

Во интервју за американскиот портал „Брајтбарт“ објавено на 24 август 2026 година, премиерот Христијан Мицкоски ја претстави С. Македонија како близок сојузник на администрацијата на Доналд Трамп, но истовремено порача дека членството во Европската Унија останува стратешка цел, иако како „втора пресвртница“.  

Мицкоски притоа даде и свое видување на историјата на европските интеграции: дека земјата со години исполнувала услови, дека по решавањето на спорот со Грција повторно биле поставени нови услови и дека Брисел и Софија го блокираат процесот.  

Дел од критиките имаат реална основа. С. Македонија навистина со години чека нa напредок кон ЕУ, а бугарската блокада сериозно ја наруши кредибилноста на процесот на проширување. Но, во интервјуто премиерот ги претставвува САД и администрацијата на претседатлеот Трамп како „најголемиот приоритет“ и како таквата политика е онаа која треба на С. Македоннија да ѝ помогне да го деблокира патот кон ЕУ, иако никаде не се кажува како тоа би се спровело во дело.  

   

Дали Брисел ветил дека името е „последната пречка“?  

Мицкоски вели дека на Македонија ѝ било кажано оти промената на името ќе биде последната работа што треба да ја направи, по што „Брисел нè излажал и нè предал“.  

Факт е дека по Преспанскиот договор процесот не се придвижи веднаш кон суштински преговори, а Бугарија потоа стана клучната билатерална пречка. Европската комисија во своите извештаи има нотирано дека билатералните спорови влијаат врз кредибилитетот на проширувањето.  

Но, не постои европска одлука со која се гарантира дека промената на името автоматски значи членство или автоматско отворање на преговорите. Уште во препораката за преговори од 2009 година Комисијата истовремено нагласи дека добрососедските односи и договорено, заемно прифатливо решение за спорот со името остануваат суштински, заедно со продолжувањето на реформите.  

Затоа „Брисел нè излажа“ е тврдење со политчка позадина за кое нема многу аргументи.. Може да се аргументира дека ЕУ постапувала неправедно или дека процесот ја изгубил кредибилноста, но тоа не е исто што и доказ дека постоело формално ветување кое потоа било прекршено.  

   

Каде сме денес?  

Во интервјуто за „Брајтбарт“, Мицкоски ја опишува европската интеграција, пред сè, како низа разочарувања и блокади од страна на ЕУ. Тој потсетува дека С. Македонија го добила кандидатскиот статус во 2005 година, дека подоцна го сменила името со Преспанскиот договор и дека, според неговата верзија, на земјата ѝ било кажано дека тоа е „последната работа“ што треба да ја направи. Потоа, вели тој, следувало ново барање за промена на методологијата од Франција, а потоа и бугарското барање за уставни измени. Мицкоски ова го претставува како доказ дека ЕУ постојано поставува нови пречки и дека С. Македонија била „излажана“ од Брисел. Но, во оваа приказна недостига важна информација – С. Македонија не е земја без одлука за почеток на пристапниот процес.  

Европскиот совет во март 2020 година ја одобри одлуката за отворање пристапни преговори со С. Македонија. Во јули 2022 година се одржа првата меѓувладина конференција, а истиот месец започна скрининг-процесот. Скринингот беше завршен во декември 2023 година.  

Во заклучоците од 2022 година е предвидено С. Македонија да ги направи уставните измени со кои Уставот ќе опфати и граѓани кои припаѓаат на други народи, меѓу кои се наведени и Бугарите. Европската комисија во извештајот за 2025 година констатира дека не биле направени обиди за усвојување на тие измени и дека се потребни одлучни чекори за придвижување на процесот.  

Причината не може да се сведе само на бугарското вето. Во договорената преговарачка рамка е предвидено С. Македонија да направи уставни измени со кои во Уставот ќе се опфатат и граѓани кои припаѓаат на други народи, меѓу кои се наведени и Бугарите.   

Затоа, спинот во интервјуто не е нужно во тврдењето дека Бугарија претставува проблем – тоа е реална политичка пречка. Проблемот е во редуцирањето на целата европска интеграција на приказна во која С. Македонија е само жртва на постојано нови барања од Брисел и Софија, без да се спомене дека во актуелната преговарачка рамка постои и конкретна обврска што треба да ја исполни самата земја.  

И токму тука е разликата меѓу политичка интерпретација и фактичката состојба: ЕУ има свои одговорности и политички одлуки што можат да се критикуваат, но С. Македонија истовремено има и формално преземени обврски без чие исполнување процесот не може да продолжи во следната фаза.   

Тука клучни стануваат можните ризици во однос на усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ (Common Foreign and Security Policy/CFSP). Отвореното позиционирање наспроти ЕУ политиките може да влијае врз нивото на нашата усогласеност со CFSP, што е строг критериум кој Брисел редовно го мери во извештаите за напредок.  

Блиските политички контакти на Владата со кругови околу американските конзервативни кругови блиски до Трамп сами по себе не значат отстапување од CFSP, но ризик би настанал доколку политичкото позиционирање се претвори во несогласување со конкретни позиции, декларации или рестриктивни мерки на ЕУ. Усогласеноста со CFSP е мерлив критериум во процесот на пристапување, а С. Македонија во скрининг извештаите од 2022 година наваму, заклучно со 2025 година, ја има задржано целосната усогласеност на овој план. Во февруари 2026 година Заедничкиот комитет за стабилизација и асоцијација експлицитно ја поздравил „continued full alignment“ на С. Македонија со CFSP.  

  

САД се сојузник, но колку се важни за европските интеграции?  

Во интервјуто Мицкоски јасно ја поставува администрацијата на Доналд Трамп и САД како „највисок приоритет“, додека членството во Европската Унија го опишува како „втора пресвртница“. Самото продлабочување на односите со Вашингтон не е спорно – С. Македонија е членка на НАТО, има стратешко партнерство со САД и со право може да бара поголема американска поддршка за својата безбедност, економија и инфраструктура. Но, како оваа засилено свртување кон Вашингтон треба конкретно да помогне С. Македонија да да го забрза патот кон европските интеграции?  

Во официјалната американска политика кон С. Македонија, Вашингтон не го поставува нашето интегрирње во Европа како алтернатива на стратешкото партнерство со САД. Напротив, во заедничката изјава по Стратешкиот дијалог САД-С. Македонија од 2 јуни 2022 година, американската страна експлицитно ја нагласи важноста С. Македонија и Албанија што поскоро да напредуваат во процесот на пристапување кон ЕУ. Тоа значи дека американската поддршка за Скопје традиционално била замислена како поддршка на евроатлантската ориентација, а не како алтернативен пат надвор од европскиот процес.  

Важно е да се прецизира дека Стратешкиот дијалог не е воспоставен со актуелната влада. Првиот Стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македонија се одржа на 2 јуни 2022 година во Вашингтон, со учество на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи.“  

Тука се појавува суштинската празнина во интервјуто. Мицкоски ја претставува американската поддршка како важен инструмент за надминување на проблемите со европската интеграција, а истовремено остро го критикува Брисел и особено бугарската блокада. Но не објаснува кој е конкретниот механизам со кој Вашингтон би го претворил своето влијание во напредок во пристапниот процес: директен притисок врз Софија, посредување меѓу Скопје и Софија, дипломатски ангажман со клучните европски престолнини или некој друг канал.  

Тоа е важна разлика меѓу политичка блискост и конкретен резултат. САД можат да обезбедат дипломатска поддршка, инвестиции, безбедносна соработка и политичка тежина. Но условите за членство во ЕУ се утврдуваат во европскиот процес, а одлуките во клучните фази зависат од земјите-членки. Затоа, ако американското партнерство се претставува како еден од главните инструменти за забрзување на патот кон ЕУ, јавноста има право да знае што точно Вашингтон треба да направи, со кого треба да преговара и кој мерлив резултат се очекува.  

  

Идеолошкиот профил на „Брајтбарт“  

Важно е да се напомене дека порталот „Братбарт“ (Breitbart News Network), зак ого е дадено ова интервју на Мицкоски е профилиран како десничарско-популистичка веб-платформа исклучително блиска до Трамп и тоа уште од периодот на неовата прв претседателска кандидатура во 2016 година Таа е основана од конзервативниот коментатор Ендру Брајтбарт и таму наоиси објавуваат конзервативни мислители и промотери на политичката десница во поддршка на Трамп и MAGA движењето. Брајтбарт е фокусиран на теми како имиграција и гранична безбедност, критика на демократите и прогресивната политика, критика на мејнстрим медиумите, конзервативни културни прашања, национализам и национален суверенитет, поддршка за конзервативците и популистите блиски до Трамп…   

Media Bias/Fact Check, органзиација која ја оценува пристрасноста на медиумите вели дека известувањето на Breitbart е „десно“, но и дека често межа факти и непоткрепени мислења, оценувајќи го со рејтинг на „низок кредибилитет“..  

Интервјуто на Мицкоски за „Брајтбарт“ е во согласност на неговото политичко лобирање кај администрацијата на Трамп, најотворено искажана за време на посетата на Вашингтон по повод инаугурацијата на американскиот претседател во неговиот втор мандат на почетокот на 2025.  

„Имавме средби кои беа видливи и објавени во јавноста, но и средби со луѓе кои во наредниот период ќе имаат високи улоги во периметарот на претседателот Трамп. Секој оној кој ќе се бори и избори за внимание на оптиката на администрацијата на Трамп ќе влезе во таа оптика. Ние сакаме да се избориме и затоа бевме таму. Да се претстави кои сме и што сме, затоа отидовме, нема втора шанса за прв впечаток. Направивме историски средби и историска посета. Сигурен сум дека Македонија влезе во оптиката на луѓето кои се најгласни во периметарот на претседателот Трамп. Убеден сум дека по ова Македонија е дел од оптиката на новата администрација“, изјави тогаш Мицкоски.  

Последовалетните средби на Мицкоски со Крис Павловски, Хауард Лутник, Девин Нунес и Ричард Гренел можат убедливо да се опишат како политичко и деловно вмрежување со луѓе од конзервативниот екосистем близок до Трамп. ProPublica забележува дека Павловски, Нунес и Лутник биле дел од истиот круг околу Трамп и дека нивната посета на Северна. Македонија се случила во момент кога Трамп повторно се бореше за претседателската функција. Истовремено, Гренел функционирал како неформален/„полуофицијален“ пратеник на Трамп кон странски политички актери.  

Оваа стратегија на барање поддршка преку конзервативните мрежи во САД е идентична на онаа што ја користеше бившиот унгарски премиер Виктор Орбан – посебно во последните години од неговото долгогодишно владеење – и српскиот преседател Александар Вучиќ. Дополнително, интервјуто има силна рефлексија и пред домашната македонска јавност за креирање привид дека актуелната власт е прифатена од високите светски политички кругови и пред традиционалните приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, но и пред популистичките љубителите на Трамп во земјата.   

   

„Безрезервната“ поддршка во ОН  

Мицкоски вели дека С. Македонија стоела „безрезервно“ зад политиката на Трамп во ОН, дури и кога тоа било политички непопуларно.  

Постојат конкретни гласања на кои Скопје и Вашингтон се совпаднале, но од тоа не следи дека постои целосна усогласеност во сите прашања. На 24 февруари 2025 година, на пример, Генералното собрание на ОН усвои резолуција за Украина со големо мнозинство, додека С. Македонија и САД беа меѓу воздржаните. Но, на друга резолуција за Украина на истиот ден С. Македонија гласаше „за“, додека САД гласаа „против“.  

Затоа „безрезервно“ е преширока формулација. Уште поважно, совпаѓањето со позицијата на Вашингтон во конкретно гласање само по себе не е доказ дека тоа ја унапредува македонската европска интеграција.  

Слично е и со тврдењето дека С. Македонија е отворена за американски воени авиони кои слетуваат, се задржуваат и продолжуваат кон Заливот. Тоа може да биде израз на блиско сојузништво со САД, но Мицкоски не објаснува што конкретно добива земјата од оваа политика – ниту во безбедносна, ниту во економска гледа точка, а особено не од гледна точка на европските интеграции. Самото тоа што Скопје му олеснува на Вашингтон, не е доказ дека Вашингтон за возврат може или ќе помогне во надминувањето на пречките со кои земјата се соочува на патот кон ЕУ. Токму тука недостига одговорот на прашањето: како оваа лојалност кон САД се претвора во конкретен интерес за С. Македонија?  

   

Антимон: реален американски проект, но не и готов рудник  

Слична разлика меѓу политичката презентација и фактичкиот статус има и кај антимонот. Мицкоски вели дека американската DFC веќе финансира важен рударски проект и дека С. Македонија ќе го ископува антимонот, кој потоа ќе се испраќа во САД за производство на воена опрема.  

Проектот навистина постои, но неговиот статус е поскромен од впечатокот што го остава изјавата. Американската DFC во април 2026 година потпиша договор за развој на проектот со компанијата Pela Global и обезбеди 5 милиони долари за активности со кои допрва треба да се потврдат техничката и комерцијалната изводливост и да се подготви проектот за потенцијална изградба. Тоа значи дека станува збор за реална американска инвестиција во подготовка, но не и за веќе отворен рудник или започнато производство.  

Не е спорно дека постои конкретен американски ангажман, но спорно е кога финансирањето на подготовката на евентуален проект се претставува како веќе воспоставен синџир на производство и извоз кон САД. За политичката порака дека С. Македонија станува важен американски партнер тоа е значајна разлика.  

   

Економската реалност: ЕУ останува главниот партнер  

Мицкоски во интервјуто ја нагласува можноста за поголема економска соработка со САД. Диверзификацијата е легитимна политика, но таа не ја менува моменталната економска тежина на ЕУ.  

Според Европската комисија, во 2024 година ЕУ учествувала со 61,4 отсто во вкупната трговија со стоки на С. Македонија; 76,9 отсто од македонскиот извоз одел во ЕУ, а 50,5 отсто од увозот доаѓал од ЕУ. Земјите од ЕУ, исто така, сочинувале 44 отсто од приливите на странски директни инвестиции во 2024 година, а уделот на ЕУ-27 во вкупната залиха на странски директни инвестиции достигнал 67 отсто.  

Ова не значи дека земјата не треба да развива американски инвестиции и трговија. Значи само дека американското партнерство не може економски да се претстави како замена за европската интеграција.  

Најважниот спин во интервјуто не е тврдењето дека С. Македонија треба да биде блиска со САД. Тоа партнерство може да биде корисно за безбедноста, инвестициите и економската диверзификација. Проблемот е кога политичката блискост со Вашингтон се претставува како да е сама по себе нов механизам за решавање на европскиот процес.  

С. Македонија може истовремено да биде силен американски сојузник и да продолжи кон ЕУ. Но, за второто постојат конкретни процедури, услови и одлуки. Во моментов тие вклучуваат и уставни измени договорени во рамките на преговарачката рамка, како и напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и другите реформски области.  

Затоа вистинското прашање не е „САД или ЕУ?“. Прашањето е: Ако САД и администрацијата на Трамп се „најголемиот приоритет“, кој конкретен резултат од таа политика ќе го придвижи С. Македонија кон ЕУ?  

Ако постои американска дипломатска стратегија за надминување на спорот со Бугарија, таа треба да биде објаснета. Ако се очекува американските инвестиции и безбедносната соработка да ја зголемат политичката тежина на земјата во Европа, треба да се покаже како. А, ако стратегијата е паралелна – силно партнерство со САД и истовремено исполнување на европските обврски – тогаш тоа треба јасно да се каже. И, се разбира, европските партнери треба да се третираат како вистински партнери, да не се преземаат непотребни ризици и да не фаворизираат стратешките партнери непотребно за да се избегнат моните идни негативни последици од таквите постапки.  

Фактите покажуваат дека американското партнерство може да биде засилување на европскиот пат, но не е негова замена.  

   

   

   

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција