Инвалидизираните лица на маргините: Живот со предизвици, недостапни институции и бариери

Венко Голабоски, претседател на здружение „Мобилност“ од Охрид Фото: Вистиномер

Секое излегување од дома нова битка. Поради бројните бариери мора внимателно да се избираат тротоари и патеки, возење со инвалидска количка по сообраќајници – изложени на ризик од бројните автомобили, само за да се стигне до градскиот кеј на една мала прошетка крај езерото. Ова е секојдневието на инвалидизираните лица во Охрид

Секое излегување од дома нова битка. Поради бројните бариери мора внимателно да се избираат тротоари и патеки, возење со инвалидска количка по сообраќајници – изложени на ризик од бројните автомобили, само за да се стигне до градскиот кеј на една мала прошетка крај езерото. Ова е секојдневието на инвалидизираните лица во Охрид

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Од здружението „Мобилност“ велат ништо не се променило изминативе години. Иако често се слушаат декларативни заложби на надлежните, во пракса нема ништо.

Состојбата со години е иста. Безброј бариери и препреки. Телесните инвалиди се потполно исклучени. Воопшто не се води грижа за достапност до институциите, ниту движење низ градот, вели Венко Голабоски, лице со телесен инвалидитет и претседател на здружение „Мобилност“ од Охрид.

Лицата со попреченост се жалат на неповолниот квалитет на живот. Велат често се жртви на дискриминација. Општеството изобилува со стереотипи и предрасуди за овие граѓани. И покрај тоа што државата пристапи кон носење Закон за заштита од дискриминација, сепак, еден од алармантните проблеми останува непристапноста до објектите и до информации за граѓаните со попреченост.

Голем број, 67 отсто од инвалидите во земјава посочиле на недостапноста на здравствените услуги, а најмногу поради физичката непристапност на здравствените установи. Здравствените услуги се најнедостапни за глувите, поради отсуство на обучен кадар за работа со глуви лица. Добри колички чинат од 1.000 до 2.000 евра и ретко кој може да си ги дозволи. Во Република Македонија нема квалификуван кадар кој ќе ги научи лицата во количка како да ја користат, односно како да седат и да се движат.Ова се дел од поплаките изнесени во анализата на состојбата на лицата со физичка попреченост во С. Македонија, направена во 2017 година од страна на Хелсиншкиот комитет.

 

СОЦИЈАЛНО ИСКЛУЧЕНИ

Во Охрид има 150 лица со телесен инвалидитет, тие секојдневно се соочуваат со безброј препреки. Нема пристапни рампи по охридските улици, ниту во институциите. Велат се чувствуваме дискриминирани и социјално исклучени.

Ние не сме прифатени како инвалиди од околината од луѓето околу нас. И другиот проблем е што до ден денес се градат објекти без стандарди за пристапноста или достапноста за инвалидите во смисла на спуштени тротоари, на рампи за пристап, на гелендери каде инвалидите ќе може да дојдат до некоја институција, посочува Голабоски.

Живеат на брегот на Охридското езеро, а немаат можност да одат на плажа. Повеќе од една деценија здружението „Мобилност“ бара плажа за телесни инвалиди. Не станува збор за голема инвестиција, само треба да се постават специјални гелендери, за кои инвалидизираното лице ќе може да се држи при влегувањето во вода. Треба да има санитарен чвор, соблекувални и лежалки покриени со платно, по теркот на високоразвиените земји. Избрана е и локација, во близина на градот, веднаш после подвижниот мост кај каналот Студенчишта. Добрите познавачи велат плажата за лица со физичка попреченост ќе ја збогати и туристичката понуда на градот Охрид.

Ние имаме проект за пристапност и достапност на плажите за инвалидизирани лица. Токму во тој проект имаме предвидено и место каде да биде таа плажа за инавлиди и не само на охридските инвалиди, тука се работи за инвалидите од цела земја, бидејќи ние во Охрид имаме 13 апартмани како здружение, каде во лето престојуваат некаде преку 600 инвалидизирани лица со придружници. За жал после 15 години тапкање во место, сега добивме известување дека нема можност за адаптација на плажа за инвалидизирани лица, поради препораките на Унеско, вели Голабоски.

 

ПРИСТАПНИ РАМПИ ИЛИ ПАРКИНЗИ?

Воопшто не е подобра сликата ниту во соседна Струга. Секое излегување од дома со количката е ризик.

Од високите рабници на тротоарите, лицата со физичка попреченост не можат да пристапат ниту на пешачките зони, па уште потешко може да стигнат до некоја институција или продавница. Надлежните немаат слух за оваа категорија на граѓани.

Освен тоа што нема пристапни рампи, самите тротоари се многу високи. Често апелираме до советниците и на Форуми на заедници и до општината дека има голем проблем со кој се соочуваат лицата со попреченост. Дури и на некои места каде што има пристапна рампа тоа е паркинг, се нема предвид и од самите граѓани дека треба да остават простор да помине инвалидизирано лице. Пред некое време бев во Прилеп и видов дека тротоарите не само што им се пристапни за со колички, туку имаат и бекатонки пристапни за лицата со оштетен вид. За да се тактилни и да видат каде може да поминат. Тоа е нешто што го има секаде низ Европа и светот, вели Анита Гугоска од ЗГ „Порака Нова“ Струга.

За да го привлече вниманието на јавноста, стружанецот Ергин Борова, кој две децении живее во Холандија, пред еден месец го преплива Охридското езеро и испрати апел до надлежните да се изгради Дом за лица со посебни потреби. Вели, сонувам за достојна грижа и нега на лицата со попреченост. Иницијативата ја започнал со холандска фондација, а мотив биле секојдневните предизвици во семејството, грижата за неговиот внук од брат, дете со посебни потреби во Струга.

Јас сонувам за еден модерен центар каде ќе има место за лица со попреченост со дневен престој, но и за групно живеење. Има доста родители, кои немаат никакви услови да се грижат за лицата со посебни потреби. Ние имаме дете во нашата фамилија и знам со какви предизвици секојдневно се соочува нашето семејство. Сметам дека итно е потребен современ центар за згрижување, бидејќи и тие заслужуваат достоен живот, вели Ергин Борова.

Во Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, потпишана од 156 земји, е нагласена токму потребата од пристапност за овие лица, но тоа во практика не се применува. За жал, во двата туристички центра во земјава изминативе пет години воопшто не се подобрени условите за живот на инвалидизираните лица.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција