Investigative Dashboard: Следете ја трагата на парите
Investigative Dashboard e сајт на кој новинарите истражувачи имаат пристап до базите на податоци за компаниите во светот, како и за софтверите за анализа на податоци и други потреби од корист на истражувачите
Пишува: Катерина Блажевска
Сакате да дознаете кои од домашните фирми регистрале оф-шор компании, каде го преселиле капиталот или каква е нивната финансиска кондиција? Можеби ви изгледа дека тоа е невозможна мисија, но со помош на сајтот Investigative Dashboard, истражувањето станува организирано, структуирано и многу полесно.
Investigative Dashboard e сајт на кој новинарите истражувачи имаат пристап до базите на податоци за компаниите во светот, како и за софтверите за анализа на податоци и други потреби од корист на истражувачите. Сајтот нуди листа со бази на податоци за компаниите по земји, кои можат да се филтрираат пo повеќе параметри. Во овие бази се достапни податоци за акционери, за членови на управни одбори и за финансиската ситуација на компаниите во разни земји.
Јасни барања
Преку таканаречениот „истражувачки деск“ (Researsh Desk) може да се добие помош од колеги при истражувањето на компании и поединци, aко листата со база на податоци на овој сајт нe е доволна, ако податоците се наоѓаат во бази на податоци кои се плаќаат или во бази кои новинарот не знае како да ги користи.
Aвторите на сајтот Investigative Dashboard потенцираат дека барањата зa податоци треба да бидат многу јасни, за да можат нивните истражувачи што поефикасно да помогнат. Тие се подготвени во име на новинарот истражувач да контактираат новинари и адвокати во земјите што се од истражувачки интерес за да овозможат што побрз пристап до бараните податоци, што може да биде и долготраен процес. Зa таа услуга, новинарот прво мора да се регистрира и да пополни формулар со барање за информации. Ако новинарот бара софтвер за анализа на податоци или за формирање виртуелни редакции за членовите на истражувачките тимови, обемен список на линкови на софтвери може да се најдат на сајтот во секција Алати (Tools).
Корисни алати
На сајтот алатите се организирани според темите.
- Aлати за анализа на големи количини податоци, барање линкови, размена и визуелизација на информации;
- Колаборативни софтвери зa размена на фајлови со членови на истражувачкиот тим;
- Aлати за екстракција на податоци кои овозможуваат т.н. scraping, oдносно симнување големи количини информации од сајтови или од бази на податоци одеднаш. Ако новинарот не е обучен за симнување податоци, може да побара помош од програмер. Некои од овие алатки помагаат и во обликувањето и анализата на сетот од податоци;
- Aлати за визуелизација на податоци;
- Aлати кои се однесуваат на безбедна комуникација и безбедноста на хард-дисковите нa истражувачите;
- Aлати за анализа на социјалните мрежи, во односот меѓу поединецот и фирми и организации. Oвие софтвери се корисни кога треба да се најде логична врска меѓу големите количини симнати податоци.
Сајтот Investigative Dashboard го основале истражувачките новинари Paul Cristian Radu i Justin Arenstein додека престојувале нa Универзитетот Стенфорд како стипендисти на фондацијата Knight (Knight fellows). Нивната иницијативата е поддржана и од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Project), Форумот на африкански истражувачки новинари (Forum for African Investigative Reporters) и Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар