Иран не ја гаѓал базата Бондстил на Косово и Американците не се повлекле од воениот камп
Објава на Фејсбук тврди дека Иран „ја збришал базата Бондстил“ на Косово, од кај што „САД се повлекле“, но тоа го нема по релевантните светски медиуми, за тоа нема реакции од НАТО, КФОР или сл., а како соседи на Косово ние сигурно не би пропуштиле такви настани ако тие реално се случиле
Објава на Фејсбук тврди дека Иран „ја збришал базата Бондстил“ на Косово, од кај што „САД се повлекле“, но тоа го нема по релевантните светски медиуми, за тоа нема реакции од НАТО, КФОР или сл., а како соседи на Косово ние сигурно не би пропуштиле такви настани ако тие реално се случиле
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Evakuacija
Заедно со тоа во објавата е вметната слика, на која е претставен Доналд Трамп, претседателот на САД, како и мапа со локацијата на нивната воена база во Косово – Бондстил. На сликата има и текст на српски јазик, кој во превод вели:
Американците во страв!
Што е Трампе, Америте вечерва итно го напуштија Косово?! Иран го збришува Бондстил од мапа.
Делот околу „повлекувањето на Американците од Косово“ е во прашална форма, што некои го прават за да избегнат одговорност за она што го напишале, во стилот: „Јас ништо не тврдам, туку само прашувам“, а делот околу „збришувањето на Бондстил“ веќе не е во прашална форма, туку е нафрлен небаре е непобитен факт. Но, ништо од тоа не е вистина, затоа што:
- Американските сили се на Косово уште од 1999 г. и тоа е безбедносно чувствително подрачје, па ако се повлекле оттаму, тоа би била ударна вест, но неа ја нема во ниту еден релевантен и кредибилен светски медиум;
- Ниту еден од нив не јавува дека Иран ја гаѓал и со тоа ја збришал од мапа базата Бондстил, што, исто така, би била ударна вест, а и самите Иранци би се фалеле со тоа, затоа што сега војуваат против САД.
Сликата со тој текст е, всушност, скриншот од некој пропагандистички извор од Србија како овој на следниов линк, а она што е соопштено на скриншотот нема врска со реалноста.
Тоа го шират некои српски автори како одмазда кон Американците за тоа што му помогнале на Косово да се оддели од Србија. Тие автори сега ликуваат за тоа што Иран гаѓа американски бази и тврдат дека тој може да ги погоди дури и оние на Балканот, па повикуваат да се гаѓа Бондстил.
Некои додаваат дека „од Бондстил биле лансирани ракети кон Иран“, но тоа беше демантирано од НАТО-пактот, кој е на Косово со мисијата КФОР. Притоа беше нагласено дека војната против Иран не ја води НАТО. Војната ја водат САД и Израел од свое име. Во демантот се вели и дека американските војници и натаму учествуваат во КФОР, што значи дека не си заминале од Косово.
Навистина, администрацијата на Трамп споменуваше можно повлекување, но не од Косово, туку општо од Европа и не заради некаков „ирански напад врз Бондстил“. Тоа е идеја за дистанцирање на САД од НАТО, по што европската одбрана би им била оставена само на Европејците, но таа идеја сè уште не е реализирана.
Српскиот безбедносен аналитичар Никола Вујиновиќ не верува дека ќе дојде до такво повлекување, особено не од Косово, што би било премногу ризично за стабилноста на регионов. Но, дури и тоа да се случи, тоа нема врска со некаков „напад на Иран врз Бондстил“.
Ако тоа реално се случило, за тоа би имало реакции од НАТО, КФОР и куп други меѓународни фактори, но тоа не го гледаме. Ние сме соседи на Косово, па сигурно не би пропуштиле такви бурни настани и за нив не би дознавале од сомнителни фејсбук-страници како оваа во случајов.
Судејќи по коментарите под објавата, таа страница успеала да доведе во заблуда повеќе свои читатели, па тие прокоментирале:
чичко Трамп бара евакуација. Доказ дека Иран тешко ќе го победат
Така треба за Бонд бришка од Косово
Косово и метохија повторно се враќа на Србија
Страницата, кај што е тоа објавено, има назив во кој се споменува Македонија и се претставува како национал-патриотска, но доста се бави со теми, кои немаат врска со Македонија, туку со Русија и нејзините партнери како Венецуела, Иран или Србија како во случајов. Таа страница претходно била предмет на рецензирање заради ширење на проруски дезинформации (примери: тука и тука).
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар