Иранско-израелскиот конфликт искривен со дезинформации генерирани од вештачка интелигенција
Неделава реномираниот „Форбс“ го потврди модусот, дека во просторот на дезинформациите, вештачката интелигенција е клучното оружје во засилувањето на лажните наративи, а моделот „Вео 3“ на Гугл, е во центарот на некои кампањи со измислени хиперреалистични фалсификати што циркулираат, со тврдење дека прикажуваат сцени од конфликтот меѓу Израел и Иран
Неделава реномираниот „Форбс“ го потврди модусот, дека во просторот на дезинформациите, вештачката интелигенција (ВИ) е клучното оружје во засилувањето на лажните наративи, а моделот „Вео 3“ на Гугл, е во центарот на некои кампањи со измислени хиперреалистични фалсификати што циркулираат, со тврдење дека прикажуваат сцени од конфликтот меѓу Израел и Иран
Пишува: Мирослава Симоновска
Силен бран од видеоматеријали и фотографии креирани со вештачка интелигенција, чија цел е да прикажат зголемено ниво на успешност на нападите на Иран врз израелски цели и супериорност на Иран, ги одбележаа изминатите недели откако конфликтот се разгоре меѓу овие две држави. Дел од нив завршија и на социјалните мрежи во С. Македонија, откако беа споделувани од различни корисници.
Во дел од нив беше доминантен обидот за засилување на иранската позиција преку техниката на реобјавување на стари снимки, со невистинити тврдења дека се нови.
„Вистиномер“ пронајде еден таков пример споделен на 13 јуни 2025 година, кога беше објавено видео без да се прецизира од кога е, а со оглед на датумот на објавувањето и реактуелизацијата на конфликтот, секако дека создаде невистинита импресија дека е тековно. Станува збор за овој видеоматеријал.
Ирански ракети пробиваат низ облаците и го погодуваат Израел, пишува во описот на снимката од 13 јуни 2025 година.
Меѓутоа, снимката не датира од посочениот датум туку од 8 месеци порано, од 2 октомври 2024 што може да се забележи од датумот на првичното објавување на конкретното видео на „Јутјуб“.
Тогаш беше извршен ракетен напад врз Израел од страна на Иран со речиси 200 балистички ракети. Истиот начин на споделување на старото видео во новиот контекст е забележано и од проверувачите на факти на „Мисбар“, кој го покрива говорното подрачје на арапски јазик, што значи дека истиот вид на дезинформација се појавил и таму.
Дополнително, во низата видеоматеријали коишто беа презентирани на социјалните мрежи, а кои не беа веродостојни, беа и видеа креирани со вештачка интелигенција, со цел да прикажат огромни разрушувања на Тел Авив во Израел. Еден таков пример е материјал од птичја перспектива со прикажани руини од густонаселени градски подрачја, згради што се сосема разурнати и на кои не постои човечко движење.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Фул факт“ (fullfact.org), се работи за видеоматеријал кој не е веродостоен, туку е создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Тоа го покажува поблиско разгледување на различните аспекти на видеото – ако се погледне горниот лев агол каде два автомобили се приближуваат еден кон друг во Т-спојка, тие одеднаш стануваат еден автомобил (се спојуваат во еден) што е јасен знак за манипулирање со видеосодржина со алатки за вештачка интелигенција.
Во катаклизмичните фотографии кои имаа за цел да покажат огромна разрушеност на Израел и надмоќ на Иран, објавена е и една на 17 јуни 2025 година, а за која користена беше вештачката интелигенција. На неа невистинито се презентираше дека „го илустрира моментот на масовен ракетен напад врз Тел Авив“.
Но, фотографијата е на египетскиот автор „Мхамад Јусиф“ кој е графички дизајнер и самиот уште на 13 јуни 2025 година кога ја објавил, навел дека сликата е генерирана со ВИ. За неговиот дизајн изјавил дека е креиран за потребите на медиумот од Египет „Ел Балад Њуз“, за постер на Фејсбук кој е објавен на 14 јуни.
Невистинити фотографии за пробивањето на „железната купола“, исто така го проследија конфликтот меѓу Израел и Иран. Најпознатиот израелски ракетен штит дизајниран за пресретнување ракети со краток дострел навистина беше пробиен, но визуелните резултати на некои фотографии што го прикажуваа тоа, беа преувеличени и со помош на технологијата за манипулација на фотографии.
Конкретната фотографија не е вистинита, туку креирана со вештачка интелигенција која дава „пеколен приказ“.
Неделава реномираниот „Форбс“ го потврди модусот, дека во просторот на дезинформациите, вештачката интелигенција е клучното оружје во засилувањето на лажните наративи, а моделот „Вео 3“ на Гугл, е во центарот на некои кампањи со измислени хиперреалистични фалсификати што циркулираат, со тврдење дека прикажуваат сцени од конфликтот меѓу Израел и Иран.
Емануел Салиба, истражител, за „Форбс“ анализираше што е целта на оваа употреба на алатките за манипулација на фотографии.
Ова е можеби првпат да видиме генеративна вештачка интелигенција да се користи во голем обем за време на конфликт. Исто така, се користи за реплицирање на ракетни напади, понекогаш ноќни, кои се особено тешки за верификација со тактика на визуелни истражувања, анализира тој за „Форбс“.
Минатата недела, Би-Би-Си објави дека пронашла десетици видеа генерирани од вештачка интелигенција, во кои се обидува да се докаже ефикасноста на одговорот на Иран на нападите на Израел.
Пример за такви содржини – кои сè уште не се шират од профили на македонски јазик на социјалните мрежи – е фотографија на која наводно се наоѓа „авион оштетен откако бил соборен во иранската пустина“. Сепак, знаците на манипулација со вештачката интелигенција беа јасни – цивилите околу авионот се со иста големина како и возилата во близина, а во песокта нема вдлабнатини како кога би се урнал авион.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар