Исмевање и невистини за маските искористени за кампања против нивната употреба

Фото: скриншот од дел од постот

Невистина составена од неточни податоци поврзани со носењето маски и од фотографија/плакат или „меме“, кое има основна намена да се исмева со заштитните маски, но во случајот на овој пост, се разбира, како вистина, е објавен неодамна на македонски јазик и е искористен како дел од кампања што се разви против носењето и корисноста на маските во борбата против пандемијата со коронавирусот

Невистина составена од неточни податоци поврзани со носењето маски и од фотографија/плакат или „меме“, кое има основна намена да се исмева со заштитните маски, но во случајот на овој пост, се разбира, како вистина, е објавен неодамна на македонски јазик и е искористен како дел од кампања што се разви против носењето и корисноста на маските во борбата против пандемијата со коронавирусот

 

Пост објава на Фејсбук во која се детектира манипулација со фотографија – хумор, комбинирана со невистинит текст, пропагира неносење и непочитување на мерката за носење заштитни маски како дел од заштита и неширење на пандемијата со коронавиусот што го продуцира за многумина смртоносното заболување Ковид-19.

Објавата е составена од плакат/„меме“ на која се прикажани шест типа маски и текст од авторот на постот кој гласи:

О бо бо, сега пак задолжително маска и на отворено, пак и сам??? Алооо утој, присилно спречување на природен доток на кислород е убиство во обид Почнавте воздухов да го наплаќате 1€ маска, 20€ казна без маска знајме дека севернава вукојебина ви е во тотален колапс банкротирана ви снемвит за плати и пензии и сеа воздух ке наплаќате

FUCK THE SYSTEM

п.с најјака ви е приказнава дека парче текстил или обична маска штитела од “најопасниот вирус” на планетава…

Ваквиот текст е целосна невистина. Тој е поттикнат од најавата на министерот за здравство, Венко Филипче, на прес конференцијата одржана на 22.09.2020 година, каде тој вели дека во борбата со ширењето на коронавирусот ќе се преземаат и порадикални мерки за заштита, ако е потребно и дека тоа може да оди дотаму здравствените власти да предложат и носење на маски на отворено, дури и кога граѓаните се сами…

Без оглед на дилемите во јавноста дали ваквата евентуална мерка е потребна или не и дали ќе ги даде очекуваните резултати ако биде воведена, авторот на постот веднаш зад таквата опција напишал неколку невистини.

 

НЕ Е ДОКАЖАНА ХИПОКСИЈА ОД НОСЕЊЕ МАСКИ

Првата невистина е дека со носењето маски се спречувал дотокот на воздух и дека тоа можело да се смета „за убиство во обид“. Иако постојат многу линкови со кои интернет просторот во земјава и светот е преполн со вакви тврдења, а еден од оние кои тоа го аргументираат и од позиција на научен работник е и доктор Вело Марковски, постојат, исто така, бројни линкови во кои стручни лица објаснуваат дека носењето маска не го намалува дотокот на воздух. Напротив, дека маските, доколку правилно се носат, заедно со физичката дистанца остануваат главно оружје во спречување на ширењето на корона вирусот, се до појавата на вакцините.

Ваквите ставови се предизвикани и од менувањето на ставот на Светската здравствена организација во почетоците на пандемијата, кога оттаму најпрво препорачуваа само заболените да носат маски, а се стигна до препораката за што поширока употреба на маските, некаде во почетокот на јуни. „Вистиномер“, само пред еден ден објави рецензија во која се цитирани редица стручни институционални меѓународни извори, кои тврдат дека носењето на заштитните маски ниту предизвикува канцер, ниту, пак, го намалува дотокот на воздух или кислород во човековото тело.

 

АПЕЛ ДА НЕ СЕ ПОЧИТУВА СИСТЕМОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВСТВО

Во постот натаму се шири тезата дека задолжителното носење заштитни маски во РСМ било затоа да заработат оние што ги продаваат, како и да се наполнел буџетот зашто снемувало пари, што е комплетен апсурд. Тие маски се и премногу евтини за од нивната продажба да може „да се наполни“ државниот буџет. Од друга страна, пак, ако за 4 месеци има 50 илјади казни за неносење заштитни маски, тоа значи дека по овој основ во буџетот би влегле максимум 1 милион евра, ако тие изнесуваат по 20 евра и ако сите се наплатат, што претставува капка во „буџетскиот океан“ од 3,9 милијарди евра, колку што се очекува државата да потроши годинава.

Порачувајќи „f**k the system“, т.е. да не се почитуваат мерките и препораките што доаѓаат од државата или од други институции инкорпорирани во системот, сите препораки се ставаат во ист кош, т.е. авторот на постот ги оценува за лажни и непотребни, што е, ем невистинито, ем штетно за системот на јавно здравје.

Конечно, последната реченица во постот – најјака ви е приказнава дека парче текстил или обична маска штитела од “најопасниот вирус” на планетава – е директно поврзана со фотографијата објавена покрај текстот. Но, тука, исто така, станува збор за невистина.

„Мемето“ во постот што е искористено како вистина

 

ФОТОГРАФИЈА/„МЕМЕ“ ИСПОЛЗУВАНА КАКО ВИСТИНА ЗА МАСКИТЕ

Имено, фотографијата е плакат или „меме“, кое е доста вирално и на кое се претставени шест лица со различни типови маски. Оваа вирална содржина, која има за цел да го исмее носењето маски против коронавирусот, опишан како „најсмртносниот вирус во историјата“, е сарказам во кој има претерување. Се разбира дека новиот коронавирус не е ни оддалеку најсмртоносниот вирус. Шпанскиот грип од 1918 година одзел повеќе човечки животи отколку сите жртви во Втората светска војна. Патем речено, носењето заштитни маски во текот на таа пандемија било широко распространето, како што покажуваат овие фотографии. Ебола и Марбург вирусите се неспоредливо посмртоносни од новиот коронавирус, да спомнеме само два, иако ги има многу, при што смртноста кај овие два вируси е дури 90 отсто, што е далеку, далеку повеќе отколку овој коронавирус со кој се справуваме денес. Но, вака поставено во постот што го рецензираме, ова „меме“ не може веднаш да биде разбрано од корисниците како форма на исмевање, туку постои опасност да биде разбрано како реална порака дека маските навистина не штитат од корона вирусот. Па така, на „мемето“ има луѓе кои носат маски што штитат од чад, од фарбите, од пестицидите, па дури и од радијација (иако е добро познато дека ниту една маска не штити од радијација) и на крај е прикажан човек со хируршка заштитна маска, со текст дека се носи „против најсмртносниот вирус во историјата“.

Пребарувањето на интернет покажа дека оригинално ваквото „меме“ се појавило и на сајтот на шпански јазик „Коронавирал“ (покрај и на редица други места на интернет), кој објавува интересни и често смешни вести поврзани со пандемијата. Но, сајтот има и рубрика „мемиња“, каде се објавуваат најсмешните графички прикази поврзани со коронавирусот и каде може да се најде споменато „меме“.

Според тоа, Фејсбук објавата што ја рецензираме и која е составена од текст што е полн со невистини и со „меме“, кое иако има намена на исмевање во постот, се подразбира како вистина, во целост може да се означи како лага. Ваквиот пост е доста вирален и до моментот на рецензија е споделен 60-тина пати и има околу 40 коментари, а е погледнат околу 20 илјади пати.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција