Исполнето: Изградена катната гаража на улица „Даме Груев“
Проектот: ДОИЗГРАДБА НА КАТНА ГАРАЖА НА УЛИЦА „ДАМЕ ГРУЕВ“
Доизградба на катната гаража на улица „Даме Груев“, со што ќе се добијат нови 650 паркинг-места. (Рок: 2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Катната гаража на улица на улица „Даме Груев“ почна со работа во септември 2015 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот на Скопје, со забелешка дека објеткот е завршен со задоцнување од една година. Рокот за реализација на овој проект наведен во Изборната програма (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“, ( во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 53), на Коце Трајановски, е 2014 година.
Оваа катна гаража беше свечено пуштена во употреба на осми септември 2015 година, а на церемонијата присуствуваа тогашниот премиер Никола Груевски и градоначалник Коце Трајановски. Како што беше соопштено, гаражниот објект е со капацитет за паркирање на 604 автомобили и 120 велосипеди. Влезот во катната гаража е од североисточна страна преку новоизградената подземна улица, додека излезот е од првото подземно ниво преку подземната улица на југоисточна страна, директно на улицата „Даме Груев“. Движењето на возилата по катови се одвива преку спирална рампа. Паркингот за велосипеди е сместен во клунот на објектот, до кој води посебен лифт. Трајановски тогаш објасни дека:
катната гаража „Тодор Александров“ е опремена со современи системи за откривање и јавување на слободни паркинг места, систем за наплата на паркирањето, видео надзор со 87 камери и контролна соба, систем за противпожарна заштита, систем за откривање и јавување на CO2 и гас, систем за заштита од атмосферски празнења, како и систем за климатизација и вентилација. Објектот има корисна површина од 29.183 метри квадратни, на приземје, седум надземни и две подземни нивоа. На приземјето и на првиот кат се сместени деловни простории.
Во Отчетот на Трајановски за минатата година (стр.12), за овој проект, меѓу другото, е наведено дека:
Градот Скопје за овој значаен зафат издвои околу 780 милиони денари
Овој објект почна да се гради во 2011 година (во претходниот мандат на Трајановски ), а според првичните проекции требаше да биде готов до 2013 година.
ИЗВОРИ:
- ИЗВОРИ: Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! (во делот Урбанизам, булевари, мостови стр. 53) [Пристапено: 27.05.2016]
- Otcet_2015_godina Отчет 2015 на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски стр.12. [Пристапено: 27.05.2016]
- Тајм.мк (08.09.2015): Скопје доби нова катна гаража [Пристапено: 27.05.2016]
- Билд (08.09.2015): Отворена новата катна гаража „Тодор Александров“[Пристапено: 27.05.2016]
- Билд (22.05.2011): Камен темелник за катна гаража кај „Беко“[Пристапено: 27.05.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар