Истиномер: Во Србија граѓаните од властите добиваат спротивставени пораки во однос на Ковид-19

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs го анализираше искажаното од политичарите, државниот и здравствениот врв на Србија во изминатите седум дена и откри голема неусогласеност во однос на тоа што им се препорачува на граѓаните.

Од „маската повеќе не е задолжителна“, „повеќе не треба да се носи маска“, „нема да биде можен влез во Србија без тест“, „се покажа дека тестот не е толку добар“, „на влез во Србија од 22 мај повеќе нема да биде потребен негативен тест на Ковид-19“, „најновите епидемиолошки податоци за Србија се извонредно добри“,„драстичен скок – денеска три пати повеќе заразени од вчера“, многу изјави и препораки се слушнале во Србија, а голем дел од нив се во потполна спротивност на она што го кажале надлежните пред само една седмица.

Како што пишува istinomer.rs, од најавата дека казната за неносење маска ќе биде 20.000 динари (околу 10.700 денари), бидејќи ќе биде законска обврска, за само една седмица, Србија дошла до отворени граници без никакво тестирање. Во меѓувреме докторите од Кризниот штаб за одбрана од корона вирусот давале главно оптимистички изјави, а имало и предупредувања – но сè било оставено на граѓаните да бендисаат самите што повеќе им се допаѓа.

Според Истиномер, казните од 20.000 денари биле најавени од весникот „Вечерње новости“ на 14 мај, со оградување дека тоа ќе се случи „ако се остварат стравувањата на епидемиолозите и бројот на заразени со корона вирусот почне нагло да расте до 14 мај“.

Оттогаш, Србите чуле изјава на епидемиолот Бранислав Тиодоровиќ дека најновите епидемиолошки податоци за Србија се „извонредно добри“ и дека „жариштата во Лесковац и Врање се ставени под контрола“. И директорот на Инфективната клиника во Белград, Горан Стефановиќ, изјавил дека „помалиот пораст на заболени е нешто што беше очекувано со релаксацијата на мерите и преминувањето на овој полиберален систем, но тој број е очекуван и во овој момент не е загрижувачки“. Сепак, Стевановиќ истакнал дека мора да се биде спремен за евентуално зголемување на бројот на заболени.

Друг член на кризниот штаб, Бранимир Несторовиќ, порачал дека веќе не е потребно да се носи маска и дека оддалеченоста од еден метар меѓу луѓето е доволна, како и дека вирусот нема да биде присутен во текот на летото и не се знае дали ќе се врати во зимата.

Во истиот ден пулмологот Тања Радосављевиќ рекла дека Србија е уште далеку од крајот на епидемијата, и дека она што се слуша во медиумите е многу контрадикорно.

Од друга страна, епидемиологот проф.д-р Зоран Радовановиќ рекол дека Кризниот штаб би требало да се изјасни „дали тоа што др Бранислав Несторовиќ го кажал, дека носењето маски повеќе не е неопходно, е воедно и нивни став“. Појаснил дека Кризниот штаб рекол дека маските повеќе не се неопходни во отворен простор, но во затворен, би требало да се носат“. Радовановиќ рекол и дека овој случај не е прв пат др Несторовиќ да дава изјава од коишто неговите колеги се оградуваат, од кои една е и пораката до граѓаните „да излезат надвор и да се заразат“.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција