Историја, идентитет и православие: Про-Кремљ наративи во македонскиот Фејсбук простор
Тврдењата дека Украинците се Руси, дека Западот го присвојува украинското наследство и дека Украина сама ги уништува своите цркви не се изолирани дезинформации што се појавуваат во македонскиот Фејсбук простор, туку дел од поширока приказна. Таа приказна го негира посебниот украински идентитет и ја претставува Русија како заштитник на историското и православното наследство.
Тврдењата дека Украинците се Руси, дека Западот го присвојува украинското наследство и дека Украина сама ги уништува своите цркви не се изолирани дезинформации што се појавуваат во македонскиот Фејсбук простор, туку дел од поширока приказна. Таа приказна го негира посебниот украински идентитет и ја претставува Русија како заштитник на историското и православното наследство. Во македонскиот дигитален простор овие наративи се прилагодуваат на локалните политички и културни поделби
Пишува: Ана Анастасовска
Во македонскиот Фејсбук простор повторно се појавуваат неколку меѓусебно поврзани наративи околу војната во Украина: дека Украинците, всушност, се Руси, дека украинската историја е дел од руската историја, дека Западот систематски го ограбува украинското национално и културно богатство и дека самите Украинци ги гранатираат своите цркви за потоа вината да ѝ ја префрлат на Русија. Иако на прв поглед станува збор за различни тврдења, тие функционираат како една приказна: Украина не е претставена како независна држава со сопствен идентитет, туку како историски и духовен дел од Русија кој Западот го „киднапирал“, додека Русија е претставена како сила што го брани православието.
Токму ваквата конструкција е препознатлива во анализите на EUvsDisinfo. Во нивните анализи се документира како руската информативна манипулација ја присвојува украинската историја и го претставува Киев и средновековното наследство на Киевска Рус како исклучиво руско наследство. Особено се користи приказната за кнезот Владимир и покрстувањето во 988 година, при што се занемарува фактот дека Владимир бил кнез на Киев, додека Москва била основана дури 159 години подоцна. Така, заедничкото средновековно наследство се претвора во аргумент дека современа Украина нема целосно сопствен историски идентитет.
Тука е првиот важен механизам: заедничкото историско наследство се претвора во аргумент за политичка сопственост. Фактот дека постојат историски и културни врски меѓу Русите, Украинците и Белорусите не значи дека современата украинска нација е „руска“. Но, во пропагандниот наратив сложената историја се сведува на едноставна формула: Киев е „колевката“ на руската цивилизација, Украинците се „Руси“, а современата Украина е производ на западно мешање. Така историскиот спор се претвора во аргумент против самото право на Украинците да имаат сопствена држава.
Вториот елемент е приказната за „ограбениот“ украински идентитет од страна на Западот. Во македонскиот простор ова може да се види во објави и споделувања во кои привременото изнесување на уметнички дела или икони од Украина заради заштита од руските напади се претставува како трајна кражба.
Токму ваков случај во 2023 година го анализираше Вистиномер. Во објавата што ја проверуваше Вистиномер се тврдеше дека украинските свети мошти и вредни уметнички дела ќе бидат трајно изнесени од Киевско-Печерската лавра и пренесени во музеи во Франција, Италија, Германија и Ватикан. Проверка на фактите покажа дека нема докази за таква кражба. Дел од византиските икони биле привремено евакуирани за да се заштитат од опасноста од руските ракетни напади, со уверување дека ќе бидат вратени во Украина кога условите ќе го дозволат тоа.
Третиот, можеби најемоционален елемент, е православието. Русија во овој наратив не е само геополитички актер, туку „бранител на христијанството“. Украина, напротив, е претставена како држава која го напушта православието под влијание на Западот.
EUvsDisinfo токму религијата ја препознава како важен елемент на руските ФИМИ-операции – странско информативно манипулирање и мешање. Во анализата од јули 2026 година се наведува дека Кремљ со години ја користи религијата за да ја претстави Москва како заштитник на православието и притоа го присвојува историското наследство на Киев.
Оттука лесно се создава и наративот дека Украина сама си ги уништува црквите. Тој не е нов. EUvsDisinfo има посебен запис за тврдењето дека „Русија не ги напаѓа храмовите и црквите во Украина“, туку дека Украина или самата ги оштетува верските објекти. Во поновата анализа се посочува дека по рускиот напад врз Киевско-Печерската лавра во јуни 2026 година, Кремљ повторно тврдеше дека Украина сама го нападнала сопственото религиозно светилиште.
Случајот со Лаврата е особено значаен. Според EUvsDisinfo, на 15 јуни 2026 година руски ракетен и дронски напад предизвикал голем пожар во Успенската катедрала во Киевско-Печерската лавра, едно од украинските места на светското наследство на UNESCO. Истовремено, руската страна тврдела дека Украина сама го нападнала објектот.
Според истата анализа, до јуни 2026 година експерти на UNESCO верификувале и документирале 536 културни локалитети во Украина оштетени или уништени како последица на руската агресија, меѓу кои верски објекти, музеи, споменици, библиотеки и архиви. Руски проектили погодиле и четири од осумте украински локалитети на светското наследство на UNESCO.
Овој механизам е опфатен и во поширока академска литература за политичката (зло)употреба на културното наследство во војна. Во научниот труд „Empires of Lies? The Political Uses of Cultural Heritage in War“, историчарите Nour A. Munawar и James Symonds анализираат како руската власт ја користи историјата, културната меморија и музејските збирки за да создаде приказна за руската моќ и „враќањето на предците земји“. Авторите покажуваат дека културното наследство во руско-украинскиот конфликт не е само жртва на војната, туку и инструмент за нејзино оправдување: со присвојување, отстранување или пренаменување на предмети, споменици и историски наративи се гради претстава дека украинската територија и нејзината култура природно припаѓаат во пошироката руска историска сфера. На тој начин, тврдењето дека Западот „го краде“ украинското наследство станува дел од многу поширока борба околу тоа кој има право да ја толкува украинската историја и кому таа историја му припаѓа.
Овој аспект го потврдува и понова анализа на KU Leuven, објавена преку REKA Network во јуни 2026 година, насловена „Weaponising Cultural Heritage: The Use of Strategic Narratives in Russia’s full-scale invasion of Ukraine“. Авторите не го разгледуваат културното наследство само како жртва на војната, туку како поле на информациска и политичка борба. Преку анализа на стратешките наративи покажуваат дека уништувањето и ограбувањето на украинските музеи, библиотеки, архиви, споменици и верски објекти е придружено со поширока борба околу значењето на украинската историја и идентитет. Особено важен е нивниот пристап кон тоа што е кажано, но и што намерно останува неизговорено. Така, руските наративи за „заштита“ на културното наследство, неговото наводно спасување од украинските власти или обвинувањето на Украина за сопственото уништување го одвлекуваат вниманието од основното прашање – кој ја контролира територијата и кој ја создава физичката опасност за наследството. Со други зборови, културното наследство не е само нешто што пропагандата се обидува да го „објасни“ по нападите; самата борба за историјата, меморијата и културниот идентитет станува дел од војната.
Тука се гледа целосната логика на наративот на Кремљ. Прво, Украинците не се навистина посебен народ. Второ, нивната историја и култура не се навистина нивни, туку се дел од „рускиот свет“. Трето, Западот го краде она што Русија го смета за свое наследство. И конечно, Русија не може да биде уништувач на украинската култура, бидејќи, според истиот наратив, таа наводно е нејзин заштитник. Затоа секое уништување мора да биде објаснето на друг начин: Украина сама го направила, Западот го направил, или станува збор за измама.
Токму затоа овие објави не треба да се анализираат изолирано како десетина „лажни вести“. Тие се делови од поширока приказна која комбинира историски ревизионизам, антизападна реторика, православен идентитет и негирање на украинската државност. Во македонскиот Фејсбук простор таа приказна се локализира со јазик што е близок до овдешните политички и културни поделби – „Западот краде“, „православието е нападнато“, „историјата се фалсификува“ и „големите сили повторно си играат со малите народи“.
Проблемот со ваквата пропаганда затоа не е само во тоа што содржи неточни информации. Нејзината посуштинска функција е да ја направи агресијата логична и морално прифатлива: ако Украинците се само „Руси“, ако Украина нема вистинска сопствена историја, ако Западот ја ограбува, а Русија го брани православието, тогаш руската интервенција може да се претстави не како агресија врз соседна држава, туку како „враќање на нешто што отсекогаш било руско“. Тоа е суштината на наративот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар