Истрагите на СЈО висат над главите на челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години многупати реагирала дека СЈО се занимава само со луѓе блиски до оваа партија. А, барем досега (31.03.2017) во предметите обелоденети од СЈО не се споменуваат функциуонери или бизнисмени блиски до ДУИ
На четвртото продолжение на конститутивната седница на Собранието на РМ (30.03.2017), на чиј дневен ред е изборот на составот на Комисијата за избори и именувања, како и изборот на претседател на Собранието, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во една од репликите и контрарепликите со пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми, меѓу другото, рече:
… Проблемот со СЈО е ваш проблем, не е наш проблем (им се обраќа на пратениците од ДУИ-н.з.). Од кога СЈО почна да води истраги за политичари Албанци, наеднаш некако коалицијава со СДСМ треба да функционира.
[Извор: Нова ТВ, (од 2,50 до 3,06 минута од видеото), датум: 30. 03.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, според кого Специјалното јавно обвинителство не е проблем на ВМРО-ДПМНЕ, туку на ДУИ, ја сметаме за невистина. Ваквиот изказ на Димовски фактички е испровоциран од настапите на пратениците од ДУИ, кои во текот на маратонската собраниската расправа неколкупати кажаа дека проблемот за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ било единствно СЈО и дека сѐ друго било прифатено вклучително и законот за јазиците. Тоа најекслицитно од парламентарната говорница го соопшти интегративецот Џеват Адеми, кој рече:
Морам од оваа говорница и како член на најтесното партиско раковдство на ДУИ да ви кажам, нека знае цела јавност проблемот не беше јазикот, проблемот беше СЈО. СЈО беше проблемот! (од 0,58 до 1,19 минута од видеото)
За тоа кој има проблем со СЈО, доволно е да се погледне кои случаи во изминатиот период ги отвори СЈО и за кои личности досега се покренати истраги. Од вкупно 16 случаи, 15 се однесуваат на лица од ВМРО-ДПМНЕ, или се поврзуваат со оваа партија поради бизнис или пријателски релации.
Сите досегашни случаи на СЈО започнуваат на буквата Т: „Таргет“ , „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Транспортер“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Тенк“, „Труст“, како и последните четири предмети кои беа обелоденети пред една недела (23.03.2017): „Тотал“, „ Триста“, „Табла“ и „Тифани“. И, во нив се осомничени (а за некои има и обвиненија) актуелни и поранешни државни, локални и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои партискиот лидер Никола Груевски, екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, потоа бизнисмени (Сеад Кочан), како и лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ (новинарите Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талеска) . Со ДУИ би можел са се поврзе само еден случај („Табла“), кој се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на директорот на основното училиште „Реџо Ружит Зајази“ од село Зајас во 2006 година. Како што беше соопштено, осомничениот без постапка за јавна набавка на фирма од Кичево ѝ овозможнил противправна имотна корист од 200.000 евра.
Така што, според тоа што официјално е соопштено од Специјалното јавно обвинителство, лесно може да се забележи дека истрагите за криминал, корупција и изборна кражба, водат до ВМРО-ДПМНЕ и највиското партиско раководство. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години многупати реагирала дека СЈО се занимава само со луѓе блиски до оваа партија. А, барем досега (31.03.2017) во предметите обелоденети од СЈО не се споменуваат функциуонери или бизнисмени блиски до ДУИ. Па, имајќи го сето ова предвид, изјавата на Димовски ја оценуваме како невистинита.
ИЗВОРИ:
- Нова ТВ (30.03.2017): Димовски VS Адеми: Како изгледаше коалицијата меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ [Пристапено на 31.03.2017]
- Нова ТВ (28.03.2017): Адеми: Проблемот со коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше само СЈО [Пристапено на 31.03.2017]
- Дојче Веле (23.03.2017): Која загатка ќе ја одгатне денеска СЈО? [Пристапено на 31.03.2017]
- Локално (23.03.2017): „ТРИСТА“, „ТАБЛА“, „ТОТАЛ“ И „ТИФАНИ“ – СЈО СО НОВИ ИСТРАГИ [Пристапено на 31.03.2017]
- Тајм.мк ((23.03.2017): Медиумски личности со даночно затајување до скапи гаќи и часовници [Пристапено на 31.03.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар