Истражување на МИМ: Што мислат граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19

 

Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во соработка со агенцијата М-Проспект, спроведе истражување за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19. Истражувањето беше спроведено телефонски, во периодот од 14 декември до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1.003 испитаници, известува „Критинк“.

Испитаниците беа прашани колку се согласуваат со ставот дека „медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно“. Според нивните одговори секој четврти испитаник (25%) целосно се согласува со оваа изјава, 39% донекаде се согласуваат, 21.8% донекaде не се согласуваат, а 13.6% вооопшто не се согласуваат. 64.1% сметаат дека се известувало професионално и непристрасно, а процентот на оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35.4%.

Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците  најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми (28.8%) и телевизиските канали (26.8%). Речиси 19% од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8.7% во печатените медиуми, а околу 4% на радиото. 12% не забележале дезинформации и мисинформации. Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации.

Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент (84.5%) го посочиле Фејсбук, 7.6% Јутјуб, а 5.8% социјалната мрежа Твитер.

Погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што мнозинството испитаници (39.7%) го посочиле дека им пречи во начинот на новинарското известување. На 15.3% од прашаните им пречи пристрасноста на медиумите кон одредени политички центри на моќ, 13.5% имаат проблем со дискриминација кон одредени групи во општеството и говорот на омраза, 12% посочиле дека им пречи сензационализмот во известувањето, а 8.3% непочитувањето на приватноста. Притоа, 9.6% истакнале дека ништо не им пречи во новинарското известување.

Како теми во врска со кои испитаниците забележале погрешни информации и дезинформации, во најголем процент (22.7%) бил посочен бројот на заболени од вирусот, потоа безбедноста на вакцината (13.7%), начините на лекување на вирусот (12.1%), потеклото на вирусот (11.3%), достапноста на тестовите (11.2%), религиозните одбележувања Рамазан Бајрам и Велигден (8.8%), како и парламентарните избори и пандемијата (4.7%) и почетокот на училиштната година за време на кризата (2.7%). 8.4% не забележале дезинформации и погрешни информации.

За тоа кој ги создава дезинформациите и мисинформациите, секој четврти испитаник смета дека тоа се политичките партии и елити (25.5%), повеќе од петтина (22.5%) мислат дека тоа се самите новинари и медиуми, 19.3% ги посочиле поединците на социјалните мрежи, а 12.7% ги издвоиле  здравствените власти. Стручњаците од областа на медицината и меѓународните актери биле посочени од 3% од испитаниците.

Две третини од испитаниците (69.6%) се задоволни од квалитетот на информирање од страна на институциите за време на пандемијата, односно 22% рекле дека се целосно задоволни, а 47.6% донекаде задоволни.

Целото истражување за тоа што мислат граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19, може да ја прочитате не веб страницата на Македонскиот институт за медиуми.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција