Истражување: Антикорупциските столбови во Македонија се пред колапс
Сеопфатно и длабоко истражување на Tранспаренси интернешнл – Македонија покажа дека имаме растечка корупција и дека институциите кои треба да ја спречуваат немаат интегритет во практиката, иако во ресурсниот капацитет, во што спаѓа и законската рамка, оценките не се лоши. Меѓу најслабите алки во системот се медиумите, додека тој се крепи, практично, само на Народниот правобранител и на Државниот завод за ревизија
Сеопфатно и длабоко истражување на Tранспаренси интернешнл – Македонија покажа дека имаме растечка корупција и дека институциите кои треба да ја спречуваат немаат интегритет во практиката, иако во ресурсниот капацитет, во што спаѓа и законската рамка, оценките не се лоши. Меѓу најслабите алки во системот се медиумите, додека тој се крепи, практично, само на Народниот правобранител и на Државниот завод за ревизија
Пишува: Теофил Блажевски
Системската борба против корупцијата во Македонија е пред колапс, доколу под итно не се преземат мерки во насока на јакнење на интегритетот на сите клучни институции задолжени за спречување на корупцијата. Овој заклучок беше искажан на презентацијата на наодите од темелното истражување на оваа тема што цела година го правеше Транспаренси интернешнл Македонија, во рамките на регионален проект наречен „Зајакнување на Националниот систем за интегритет во земјите од Западен Балкан и Турција и следење на развојот на анти-корупциските напори“, а финансиски поддржан од Европската унија и Кралството Холандија.
Во текот на истражувањето беше опфатена рамка од основните институции што ја сочинуваат државата, т.е. сите гранки на власта, потоа јавниот и приватниот сектор, како и медиумите и граѓанското општество. Во оваа рамка беа дефинирани 15, т.н. столбови на националниот систем за интегритет (НИС), при што со употреба на многу детална методолошка анализа изготвена од Транспаренси интернешнел, која содржи околу 1.000 точки за истражување, беше направена проценка на актуелната состојба на системот за интегритет. Воедно, за сите столбови беа дадени и препораки.
Резултатите се лоши и ние не треба да бегаме од реалноста. Столбовите, покажа истражувањето, се во такава состојба што доколку не се преземат итни мерки, ќе дојде до колапс на интегритетот на институциите задолжени за борбата притив корупцијата, – изјави д-р. Слаѓана Тасева, претседателка на ТИ-М на презентацијата, во присуство на амбасадорите на ЕУ и на Холандија, како и на амбасадори на други земји членки на ЕУ и високи гости од сите сфери на општествениот живот во Македонија.
Како поткрепа на наодите и илустрација за степенот на волјата за борба против корупцијата, Тасева посочи дека истражувачите на столбовите многу често се среќавале со одбивање на соработка од страна на институциите или пак страв, па одредени извори морале да се среќаваат со претставниците на ТИ-М безмалку инкогнито, надвор од институциите.
ПРАВНА РАМКА НАСПРОТИ ПРАКТИКА
Генералниот заклучок произлезен од просекот од оценките дадени за секој столб на НИС-от е дека правната рамка, т.е. законите се релативно добри и во голем дел усогласени со законодавството во ЕУ. Наспроти тоа, практиката, т.е примената на законите е многу лоша, а со тоа и состојбата со интегритетот на целиот национален систем.
И покрај тоа што Македонија има добра правна рамка за борба притив корупцијата, има слабо спроведување на анти-корупциските закони. Со институциите задолжени за спречување и борба против корупцијата не се раководи ефективно и не се доволно независни да се справат со корупцијата. Дополнително на тоа им недостасува интегритет – гласи еден од клучните наоди.
Во нив се нагласува дека „генерално постојат доволно ресурси и релативно задоволителни се нивоата на формална независност, транспарентност, отчетност и интегритет во повеќето институции, меѓутоа, постојат и сериозни недостатоци во практиките на институциите во однос на показателите за интегритет, независноста и отчетноста…“
Како пример е наведена Државната комисија за спречување на корупција, која заедно со другите негативни елементи доведуваат до раст на корупцијата.
Дури и ДКСК, која е избрана од Собранието и е независна според закон, се соочува со значителни проблеми во однос на отчетноста, интегритетот и транспарентноста, што придонесува за нејзина незначајна улога во борбата против корупцијата. Заедно со ограничената институционална соработка, недостигот на владеењето на правото, недоволната независност на правосудството и ограничената слобода на медиумите, поставуваат услови што во Македонија доведуваат до неконтролирано растење на корупција.
Уште една од клучните оценки во извештајот е таа дека „Националниот систем за интегритет се карактеризира со доминација на извршната власт и слабост на другите клучни институции“.
МЕДИУМИТЕ МЕЃУ НАЈСЛАБИТЕ, РЕВИЗИЈА И ПРАВОБРАНИТЕЛОТ МЕЃУ НАЈСИЛНИТЕ
Кога ќе се проанализираат наодите од 15-те столба, јасно се гледа дека медиумите, кои се еден од клучните столбови за функционирањето на секоја демократија, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата во општеството, стојат на долната страна од табелата од најслаб до најсилен интегритет. Во ова истражување медиумите се оценети со вкупен интегритет од 36,1 на скалата од 0 до 100. Како клучни наоди за медиумите, во кои се наведени и извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, се наведени и следниве:
Преку неограниченото владино рекламирање се врши силна државна контрола врз медиумите…на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на Јавниот радиодифузен сервис им недостасува независност…сопственоста на медиумите не е транспарентна…финансирањето на медиумите не е транспарентно…новинарите не можат да ја вршат својата работа ослободени од страв. Како резултат на тоа, во Македонија речиси и не постои вистинско истражувачко новинарство, а одредени водечки медиуми не известуваат објективно.
И тука, кај медиумите, се гледа огромната дискрепанца меѓу правото и практиката, при што за законодавството за медиумите се дадени високи оценка од 50 до 75 од можни 100, додека во практиката, интегритетот оценет со 25, а информирањето на јавноста за корупцијата и нејзиниот ефект е оценет со нула!
Од другите столбови ќе ги спомене и оние што се поврзани директно или индиректно и со политичката криза и со Извештајот на Прибе и со Договорот од Пржино, а кои се неопходни за функционално владеењето на правото – правосудството и Јавното обвинителство.
Правосудството е на самата граница меѓу лоша и средна оценка, со 51,3 од можни 100, додека Јавното обвинителство со оценка од 42,3 од 100, е оценето како лошо во однос на вкупниот интегритет.
Судството страда од несоодветно влијание од политичките лидери и извршната власт во кривичните случаи, како и во случаи во кои се доведени во прашање интересите на политичкото раководство… изборот и унапредувањето на судиите е политизирано… Судскиот совет е слаб... – се наведува во генералните заклучоци за овој столб.
Во однос на Јавното обвинителство, иако со Законот за кривична постапка од 2010 правниот систем во Македонија е претворен од „инквизиторски во обвинителски“, во праксата, Обвинителството делува лошо:
Во практиката oбвинителскиот систем не е независен… постои јавна недоверба во интегритетот на Државниот јавен обвинител и има барања за негова оставка. Обвинителството се обвинува за селективно спроведување на законите, како и дека одлуките на обвинителството се подложни на политички влијанија.
Од другите институции за спроведување а законите, нешто подобра оценка има добиено МВР, со вкупна оценка на столбот од 51,3 од можни 100, додека Државната изборна комисија е оценета со 40,2 од 100.
Практично произлегува дека Националниот систем за интегритет се потпира само на два столба – Народниот правобранител со оценка од 76, 3 и Државниот завод за ревизија со 73,6 од 100. Извршната власт, иако е оценета со вкупна висока оценка од 65,2 од можни 100, тоа се однесува повеќе до ресурсите со кои располага и во однос на независноста (оценката тука е 100 од 100), но во однос на управувањето со јавниот сектор има добиено оценка 50, додека во однос на отчетноста само 25 од 100.
Значаен дел од истражувањето се препораките. За секој столб има најмалку по две препораки за тоа што треба да биде преземено за да се подобри состојбата со националниот интегритет на институциите на државата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар