Истражување: Изборниот систем – сериозен извор на кризи во РМ

 

Изборниот систем ваков каков што е сега, е сериозен извор на кризи во Република Македонија. Ова е генералниот заклучок од истражувањето на Фондацијата Метаморфозис во рамките на регионален проект за оцена на исполнувањето на политичките критериуми за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

Истражувањето кое е правено врз база на претходно развиена прецизна методологија и со помош на интервјуа со експерти, покажа дека во изборниот систем во Македонија треба да се сменат повеќе работи – од промена на моделот на шест изборни единици во една, преку промени во начинот на оформување на избирачкиот список, до промени во делот медиуми и избори, вграден во изборното законодавство.

Целосното истражување можете да го погледнете на следниот линк.

Препораките произлезени од истражувањето се следни:

  • Промена на изборниот модел – една наместо шест изборни единици и отворени листи, со соодветен изборен праг достижен и за помалите партии или независните кандидати;
  • Промена на начинот на регистрацијата на избирачите во Избирачкиот список;
  • Зајакнување и прецизирање на казнената политика за притисоци врз избирачи и за клиентелизам;
  • Зајакнување и прецизирање на казнената политика за злоупотреба на државни ресурси и административни капацитети за изборни кампањи;
  • Зајакнување на казнените одредби и глоби за финансирањето на кампањите, т.е. за изготвувањето на финансиските извештаи;
  • Зајакнување на капацитетите на ДИК (Државната изборна комисија) и трансформација на ова тело или во професионално или во мешовито (професионално политичко);
  • Зајакнување и прецизирање на законските и подзаконските акти што ја гарантираат транспарентноста на изборниот процес, особено во делот на приговорите и жалбите;
  • Доуредување на законската рамка за обврските на медиумите во текот на избори, кратење на времето што им е обврска за платени политички кампањи и нова проценка преку јавна расправа за користењето јавни пари во медиумите.

Истражувањето е прво од петте што се планирани в рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Следните истражувања ќе се однесуваат на реформите во правосудството, на борбата против оргнизираниот криминл и корупцијата, на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција