Италијанците не ги симнуваат масовно знамињата на ЕУ, помошта од ЕУ не изостана

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.ba анализираше дезинформација што првин се појавила на еден портал на српски јазик, а потоа била преземена од други портали на српски, хрватски или босански јазик. Станува збор за тврдење дека Италијанците масовно ги симнуваат знамињата на ЕУ, откако Кина и Русија донираа помош за Италија за справување со Ковид-19 и дури и тврдењe дека ги менуваат со руски или кинески.

Но фактите зборуваат дека оваа појава не е масовно и дека некои објави на поединци на социјалните мрежи се користат за манипулативно известување. Исто така е неточно тврдењето дека ЕУ пропуштила да и даде помош на Италија, пишува Raskrinkavanje.ba.

Првиот текст со ваков наратив што бил анализиран од сервисот за борба против дезинформациите бил објавен на 23 март, заедно со видео на кое се гледа како еден граѓанин на Италија го отстранува знамето на ЕУ и го поставува знамето на Русија. Потоа оваа статија ја преобјавиле и други портали од српско-хрватското јазично подрачје, меѓу кои и агенцијата „Спутњик“, и тоа следниот ден, на 24 март, со тврдење дека човекот тоа го прави „огорчен од отсуство на солидарност во ЕУ кон Италија“. Оваа агенциска вест била уште повеќе преземана и ширена, стои во проверката на фактите направена од Raskrinkavanje.ba.

Дополнително, на истиот ден, 24 март, руската агенција „Спутник“ објавила нов текст за симнување на знамето на ЕУ, но овој пат станува збор за фотографии, на кои се гледа дека потоа маж го закачува кинеското знаме. И таа статија била преземана, а медиумите на босански, српски, хрватски јазик речиси во сите преобјавувања пренесувале тврдења дека Италијанците се гневни бидејќи изостанала „помош“ или „поголема реакција“ од ЕУ среде страотната епидемија на новиот корона вирус.

Raskrinkavanje.ba потоа ја изнесува приказната за тоа како настанале фотографиите на кои маж закачува кинеско знаме на јарбол, посочувајќи на раскринкувањето направено од Atlatszo, кој на 27 март објави анализа „Лажна вест: Италијанците не ги заменија ЕУ знамињата за кинески“.

Проверката на фактите направена од Atlatszo покажала дека фотографијата е направена пред компанијата Svecom P.E.S, во индустриска зона меѓу Верона и Падова. Контактирале со компанијата, од каде што им кажале дека на фотографијата е само документирано дека знамињата на постоечките четири јарболи пред зградата ги менуваат секоја седмица и рекле дека знамето на Кина го кренале како знак на благодарност „но не станувало збор за каква било замерка кон ЕУ“ и дека фотографијата е злоупотребена со квалификацијата дека е изразен револт кон ЕУ.

Во врска со прво споменатото видео, на кое се гледа како маж (Федерико Кане) го симнува ЕУ знамето и крева руско, Raskrinkavanje.ba утврдува дека снимката е направена пред работилница во Омега, во близината на Милано, а анализата направена понатаму утврдила и оти се неточни тврдењата во статиите на босански, српски и хрватски јазика, дека италијанските медиуми интензивно пишуваат за симнување на знамињата на ЕУ.

„Со пребарување на италијанските медиуми не успеавме да најдеме примери за масовно известување, а посебно не дека кредибилни медиуми пишувале за ова“, наведува Raskrinkavanje.ba.

Во однос на тврдењата дека не помага или не помага доволно, босанско-херцеговскиот сервис за борба против лажните вести потсетува дека на 22 март на официјалниот сајт на ЕУ, „Europa“ е објавено дека ЕУ одобрила 50 милиони евра помош на Италија, само 48 часа откако Италија ја побара.

„22 март е сепак еден ден порано од 23 март, кога во домашните медиуми се појавија статии со тврдења дека помошта од ЕУ изостанала“, стои во анализата на Raskrinkavanje.ba.

Дополнително, пишува сервисот, на 26 март на фејсбук-профилот на Европската Комисија се објавени инфографици на кои се прикажува помошта што ја дале Франција и Австрија, во рамките на програмата „Европска солидарност во акција“.

Од наведените работи, па се гледа дека помогнале и ЕУ и Русија и Кина пишува босанско-херцеговскиот сервис за борба против лажните вести.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција