Иванов бара правен лек за неправна одлука
Претседателот Ѓорѓи Иванов на 12.03.2016 соопшти:
Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање на можно правно решение.
Од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, ве информирам дека не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката. Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение.
Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и Законите на Република Македонија.
Јас како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и Законите на Република Македонија…
[Извор: Кабинет на Претседателот – Датум: 12.03.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Станува збор за недоследна изјава на Ѓорѓи Иванов, соопштена преку неговиот Кабинет на 21.06.2016 година, на ден кога од него во дел од јавноста се очекуваше да ја повлече целата одлука за аболиција/помилување на 56 лица, донесена на 12.04.2016 година.
Оваа одлука е донесена со подолго образложение кое беше предмет на анализа на Вистиномер и кое беше оценето како, речеиси, целосно извртување на вистината, односно спин. Одлуката, како што е познато, предизвика бура на политичката и јавната сцена во државата, како и бројни негативни реакции од страна на претставници на меѓународната заедница и меѓународни организации и институции. Таа беше директна иницијална каписла за бранот протести и контрапротести во земјава, кои се уште траат.
Одлуката исто така наиде на серија негативни реакции од страна на стручната јавност, на врвни и видни професори по право, од уставно, до казнено. Тие реакции се движеа од оценки дека одлуката е спротивна на законот и ги надминува уставните надлежности на претседателот, зашто е донесена спротивно на постоечкиот закон, па се до целосно уривање на правната држава и институциите во земјата. Впрочем, самиот Иванов, кој на оваа функција дојде од местото професор Правниот факултет во Скопје, признава дека со одлуката е доведено во прашање владеењето на правото.
Изјава на Иванов во тв интервју пренесувано од МРТ со повеќе уредници на национални телевизии: Точно е, се доведува владеењето на правото во земјата, но кажувам, никој не може да спречи по оддржувањето на слободните избори, конституирање на институции, да поведе постапка за одговорност на било кој, па и за мене (38 мин.- н.з.).
Ако се има предвид дека самиот носител на одлуката во еден момент признава дека со нејзе се доведува во прашање владеењето на правото, ако се имаат предив бројните авторитети кои кажуваат дека одлуката на Иванов е неправна, ништовна, т.е. не е во согласност со Уставот и законот, како тогаш Иванов може да бара правен лек за неправна одлука? Имено, претседателот, иако и натаму тврди дека секогаш работел и ќе работи согласно Уставот и законите, според правните авторитети, во врска оваа одлука малку растегливо го толкувал правото, па недоследно е сега да се бара правен начин како да ја измени одлуката…Иако му беа дадени такви совети од истите авторитети.
Но, не е само тоа во прашање. Иванов, својата одлука ја оправда со големи идеи и мисли за смирување на состојбата, за времињата пред нас кои барале растоварени политичари од товарот на сомнежи, истраги, обвиненија, бидејќи ќе требале да решаваат за идентитетот, нацијата, итн, дека постојат сериозни игри околу земјава кој се додека е претседател нема да ги дозволи, дека се плашел оти ќе се влезе во круг на атентати на политичари и уште неколку други образложенија со кои сакаше да ја оправда својата цврста намера и одлука за помилување (види ја одлуката – н.з.).
По само два дена, Иванов во споменатото групно тв интервју упати апел до сите заинтересирани писмено да се обратат до неговата канцеларија ако сакале да бидат тргнати од списокот на помилуваните, а вчера, само 9 дена подоцна, тој ги повикува сите стручни лица, како и сите политички партии, да помогнат со своето знаење да се најде правен начин одлуката да биде изменета.
Поради погоре наведените аргументи, вчерашната изјава на Ѓорѓе Иванов ја сметаме за врв на хипокризија и ја оценуваме како недоследна.
ИЗВОРИ:
- (12.03.2016) Кабинет на Претседател на РМ – Обраќање на Претседателот Иванов -[Пристапено на 22.04.2016]
- (21.04.2016) – Кабинет на Претседател на РМ- Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р-Ѓорѓе Иванов-[Пристапено на 22.04.2016]
- (15.04.2016) – Кабинет на Претседател на РМ – Интервју на претседателот Иванов со главните и одговорни уредници на телевизиите – [Пристапено на 22.04.2016]
- (13.04.2016) Вистиномер – Контраспин: Говорот на Иванов за помилувањето е преполн со спинови – [Пристапено на 22.04.2016]
- (19.04.2016) Плус инфо: Иванов на средба со амбасадори: Изразена загриженост поради одлуката за помилување -[Пристапено на 22.04.2016]
- (12.04.2016) Шкариќ за Фактор: Одлуката на Иванов ќе падне, таа е незаконска – Пристапено на 22.04.2016]
- (13.04.2016) – Револуционер – Камбовски: Ако Иванов донел таква одлука извршил државен удар – [Пристапено на 22.04.2016]
- (18.04.2016) – Либертас – Камбовски го учи Иванов: Европската конвенција е посилна од твојата аболиција – [Пристапено на 22.04.2016]
Оценето од: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар