Иванов не го исполни ветувањето: „Промотори на култура на уставноста“

Од отворањето на првите Народни канцеларии Фото: Скриншот

 

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во својата Програма „Мојот избор“, за мандатот од 2014-2019 година вети:

Промотoри на култура на уставноста

За функционално општество неопходно е почитување на основните вредности преточени во највисокиот документ кој нè дефинира како нација, а тоа е Уставот на Република Македонија. Во нашата држава Уставот треба да ужива уште поголема важност и почит. Ќе воспоставам стипендија за млади научници – „Промотори на култура на уставност“ кои ќе го проучуваат Уставот и ќе даваат свои предлози како да се подобри културата на уставност во Република Македонија. Добитниците на стипендиите ќе пишуваат есеи и статии за важноста на уставот и низ уставна призма ќе објаснуваат некои од актуелните случувања и идни предизвици во Република Македонија. Овие млади научници, преку веќе воспоставените Народни канцеларии ќе имаат и задача да ги информираат македонските граѓани за нивните уставно загарантирани права и слободи. Со ова сакаме да дадеме симболичен придонес за да се подобри културата на уставност и законитост во Република Македонија, да се зајакнат македонските вредности и принципи и да се зголеми свеста за владеењето на правото.

[Извор: Изборна програма на Ѓорге Иванов „Мојот избор 2014-2019“, стр.28, рок: 2014]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова е едно од ветувањата од изборната Програма на претседателот Иванов, со рок на реализација до 2014 година. Сепак, од упорното пребарување со пребарувачот Гугл, како и низ македонските агрегатори на вести не произлезе ниту еден запис, дека имало некој настан на кој била доделена стипендија за „Промотори на културата на уставност“.

Во дел од ветувањето е наведено дека овие млади научници, преку веќе воспоставените Народни канцеларии ќе имаат и задача да ги информираат македонските граѓани за нивните уставно загарантирани права и слободи.

Инаку,  првата Народна канцеларија  се отвори во Скопје на 30 април 2010 година, а како што тогаш беше кажано

граѓаните имаат можност поблиску да се запознаат со институцијата Претседател и со конкретните активности на Претседателот на Република Македонија, како и да ги изнесат своите барања, визии, согледувања и идеи преку поднесување на претставки и предлози.

На веб-страницата на Претседателот од проектите кои се наведени стојат следниве:

  • Школа за млади лидери

  • Најдобар млад научник

  • Духовни дијалози

  • Народни канцеларии

  • Претприемаштво

На веб-страницата на Претседателот на Република Македонија, во делот „Народни канцеларии“ нема никаков податок за „Промотори на културата на уставност“

Ниту по пребарувањето на целата веб страница не наидовме на податок дека имало, или се подготвува ваков проект. Во прозорецот за пребарување, по направената проверка ни излезе следниов податок: „Нема пронајдено резултати за побараното: Промотори на културата на уставност“.

Од сето ова може да се заклучи дека ветувањето „Промотори на културата на уставност“, дадено во изборната програма на претседателот Ѓорге Иванов  не е исполнето.

*Забелешка

Одговор за ова се обидовме да добиеме и од лицата задолжени за односи со јавност во Кабинетот на Претседателот, но никој не одговараше на нашите повици.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција