Иванов, сепак, прости изборен криминал

Иванов покажа милост за нарачателите на изборно насилство Фото: Скриншот

 

На 18 март (2016) претседателот Ѓорѓе  Иванов, одговорајќи на новинарско прашање дали  по Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнувања на Законот за помилување, ќе ги искористи вратените надлежности за помилување криминали, изјави:

Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам педофили, наркодилери, силеџии на избори, терористи , екстремисти, криминалци и сето она што е.,„Како и досега, ќе го правам исклучиво она што е исправно и она што е во интерес на државата

 [Извор: 24 Вести ( 0,15 до 0,32 минута од видеото) Датум: 18.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иако, пред само еден месец ( март 2016) претседателот Ѓорѓе Иванов изјави дека  нема намера да амнестира изборни силеџии, шефот на државата вчера  (12.04.2016) објави  дека донел Одлука со која ќе бидат  прекинати  сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето. Оваа Одлука, фактички,  ги вклучува  и лицата кои од СЈО се осомничени за изборен криминал, а против дел е покрената и истражна постапка во рамките на случајот „Титаник“ .  Нивните имиња може да се прочитаат на списокот на лица  за кои претседателот Ѓорге Иванов објави помилување, односно донесе одлука за ослободување од гонење без спроведување постапка. Ваквиот  потег на Иванов го  сметаме за недоследен,  бидејќи како  „изборни силеџии“, не може да се третираат само директните извршители на изборно насилство, оние кои кршат избирачки кутии и директно го нарушуваат гласачкото право, туку и инспираторите и нарачателите на ваквите дела. Така што, бесмислено е да се кзнуваат  „силеџиите на избори“ – извршителите, а да се покаже милост за нарачателите.

Имено, првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството (СЈО) во февруари (2016) отвори истражна постапка и  побара мерка притвор за осуммина лица,  е „Титаник“ и тој се однесува на десетина дела поврзани со изборите. Тогаш  обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата во СЈО посочи дека „е отворена истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година“. Без да им бидат соопштени имињата и презимињата беше кажано дека поранешните министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.

Една недела подоцна (20.02.20160 Основниот суд Скопје 1 ги  одби барањата  на Специјалното јавно обвинитество (СЈО) за одредување притвор на осомничените во акцијата „Титаник“, како неосновани.

Иванов вчера (12.04.2016) ја потпиша Одлуката која стапи на сила веднаш, а со која се  прекинуваат сите постапки и на Јавното обвинителството и на Специјалното јавно обвинителство, за случаите  во кои се осмнчените функционери од власта и од опозицијата („Пуч“, „Титаник“, „Тортура“, „Тврдина“ „Надеж“….)

Свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и на нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано – да се пресече јазолот, рече Иванов, соопштувајќи ја   одлуката на прес-конференција во неговата резиденција

Со вавката Одлука, Иванов практично им простува на личности за кои СЈО се сомнева дека се дел од „злосторничко здржување“, нарачатели и организатори на изборен криминал. Па оттаму, неговата изјава, дадена пред еден месец, во која, меѓу другото, вели: „ Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам  силеџии на избори“, како што кажавме погоре,  ја оценуваме како „недоследна“.  

Потегот на Иванов, инаку,  наиде на  реакции кај странските дипломати кои изразија загриженост и го повикаа претседателот да ја преиспита Одлуката.

Европратеникот Ричард Ховит, кој посредуваше во носењето на Договорот од Пржино, за „Мета изјави :

Кршењето на Договорот од Пржино ќе има сериозни последици

Ховит потсетил дека Иванов, по Одлуката на Уставниот суд да му одобри на претседателот да аболицира лица за изборен криминал, педофилија и трговија со дрога, ги уверил дека нема да презема такви чекори.

 Истакнувам дека претседателот Иванов претходно даде уверување дека нема да дава амнестија за политички криминал и оти ќе го почитува Договорот од Пржино, кој вклучува и широка меѓупартиска поддршка на Специјалното обвинителство ,  рече Ховит.

Еврокомесарот Јоханес Хан за Радио Слободна Европа изјави:

Изјавата на претседателот Ѓорге Иванов сите да бидат помилувани, е нешто што според моите сфаќања не е прифатливо и не е во согласност со владеењето на правото

Ги повикувам сите политички лидери да се вратат на преговарачка маса и да се фокусираат на фер и транспарентни избори и мислам дека дел од тоа е прочистувањето на Избирачкиот список, но исто така и небојкотирањето на изборите.

Амбасадата на САД во Скопје,  соопшти дека споменатата одлука на Иванов го доведува во прашање владеењето на правото во земјата.

Изјавата на македонскиот претседател покренува сериозна загриженост околу заложбата на Македонија за владеење на правото

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет  во порака на Фејсбук напиша:

Денешната изјава на претседателот бара појаснување. Ако одлуката е да се аболираат политичарите се однесува на истрагите околу сомненијата содржани во прислушуваните разговори, тогаш тоа е предмет на сериозна загриженост. Целосната истрага на овие сомненија, и соодветен законски процес, се клучни елементи на договорот од Пржино. Како такви тие се централни на секое трајно решение на актуелната политичка криза.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција