Ивермектинот и фенбендазолот не лекуваат рак и не се побезбедни од хемотерапијата
Објавата не нуди никакви медицински докази што би го потврдиле тврдењето дека ивермектинот и фенбендазолот лекуваат рак или дека се побезбедни од хемотерапијата. Иако постојат лабораториски и студии врз животни кои ја испитуваат нивната потенцијална улога во лекувањето на одредени видови рак, досега нема квалитетни клинички докази дека овие лекови се ефикасни или безбедни како третман за рак кај луѓето.
Објавата не нуди никакви медицински докази што би го потврдиле тврдењето дека ивермектинот и фенбендазолот лекуваат рак или дека се побезбедни од хемотерапијата. Иако постојат лабораториски и студии врз животни кои ја испитуваат нивната потенцијална улога во лекувањето на одредени видови рак, досега нема квалитетни клинички докази дека овие лекови се ефикасни или безбедни како третман за рак кај луѓето. Ниту една релевантна здравствена институција не ги одобрила за оваа намена. Од друга страна, хемотерапијата е научно потврден и стандардизиран третман за многу видови карцином. Иако може да предизвика несакани ефекти, тие се добро познати, внимателно се следат и во голем број случаи можат да се ублажат со современа поддржувачка терапија
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
УДРИ ЈА ФАРМАКОМАФИЈАТА!
Оваа вчерашна објава/изјава на американскиот министер за здравство Кенеди на Х (Твитер) е речиси револуционерна.
Иако е мошне блага во однос на хемотерапијата, таа е директен удар в чело на светската фармакомафија.
И отворен пат за оздравување на болни од рак.
Вели:
“Ивермектинот и фенбендазолот се побезбедни од хемотерапијата!
Не ми е грижа што велат вашите лекари!
Фактчекирајте ме, молам.”
Да, знаевме од порано, и пред пландемијата, но никогаш не е кажано вака и од вакво официјално место. Ако не револуционерен, ова е пресвртен момент.
И повторно никаков медиум не објавува вакво нешто.
Случајно ли, немаат ли поим што се случува, или најверојатното: не смеат?
Објавата без никакви докази, било медицински извештаи, изјави од лекари или пациенти, тврди дека ивермектинот и фенбендазолот лекуваат рак и се побезбедни од хемотерапијата. Но, фактите говорат поинаку – ивермектинот и фенбендазолот не лекуваат рак.
Ивермектин е лек против паразити кој се користи за лекување на паразитски болести. Тој е одобрен од американската администрација за храна и лекови ФДА за употреба кај луѓе за лекување на различни паразитски инфекции, вклучувајќи паразитски црви, анкилостома и сл. Ивермектинот може да се користи и како ефикасен третман за широк спектар на други состојби и како третман на онхоцерцијаза, интестинална стронгилоидаза и онхоцерцијаза или речно слепило.
Антивирусното дејство на ивермектин е докажано против широк спектар на РНК и ДНК вируси, на пример, денга, Зика, жолта треска и други.
Денес, ивермектинот сè повеќе се користи ширум светот за борба против други болести кај луѓето, како што се стронгилоидоза (која заразува околу 35 милиони луѓе секоја година), шуга (која предизвикува 300 милиони случаи годишно), педикулоза, гнатостомијаза и мијаза. Се користи и против друга занемарена тропска болест, лајшманиоза. Но, никаде не се спомнува дека лекот се користи во борбата против рак кај луѓето.
Вистиномер веќе има пишувано дека нема докази оти фенбендазол лекува рак кај луѓето
Имаше некои студии за потенцијалното потиснувачко дејство на фенбендазол врз клетките на ракот надвор од живите суштества и кај глувците. Се чини дека тоа го прави со запирање на правилниот раст на микротубулите во клетките на ракот, кои во суштина обезбедуваат структура на сите клетки.
Иако нормалните телесни клетки ги имаат овие микротубули, и клетките на ракот ги имаат и нивното насочување е веќе воспоставен метод за одобрени третмани за рак.
Сепак, се чини дека немало никакви студии за фенбендазол како третман за рак кај луѓето. Додека студиите за лекови во клетките и животинските модели понекогаш може да изгледаат ветувачки, не знаеме дека нешто навистина ќе функционира (или е безбедно) додека не се тестира кај луѓе, пишува сајтот за проверка на фактите Фулфакт.
Што се однесува до употребата на ивермектинот како лек против ракот, тој не лечи рак.
Д-р Сузан Арнолд од Центарот за рак Марки во Кентаки, во изјава за Асошиејтед прес вели дека има претклинички студии кои истражуваат користење на ивермектин и слични лекови за забавување на растот на клетките на ракот во лаборатории, со некои интересни резултати. Таа, сепак, истакна дека таквите студии не се исти како докажување дека лековите делуваат кај луѓето.
Не знам за извештаи за клинички испитувања кои дале успешни резултати кај луѓе со рак, изјавила Арнолд.
Д-р Питер П. Ли, претседател на одделот за имуно-онкологија во сеопфатниот центар за рак „Сити оф хоуп“ (City of Hope) во Калифорнија, проучувал користење на ивермектин во комбинација со специфично антитело, наречено анти-PD1, за лекување на рак на дојка – со позитивни резултати кај глувци. Накратко, истражувањето ја проучува улогата на ивермектин во поттикнувањето смрт на канцерогените клетки и дозволувајќи им на Т-клетките да се инфилтрираат во туморите.
Секако, сам по себе ивермектинот не е лек, па дури и ефикасен третман за рак на дојка, рекол Ли во едно интервју, пренесува АП.
Ниту ФДА, ниту Светската здравствена организација (СЗО) не одобриле ивермектин за лекување на ракот.
Иако некои студии покажаа дека ивермектинот може да го забави растот на туморот во истражувачки услови, тој не е опширно проучуван кај луѓето. Во студиите, истражувачите напишаа дека треба да се направат повеќе истражувања за потенцијалната улога на лекот во лекувањето на ракот и како точно може да го инхибира растот на ракот.
Дали телото може да толерира дози на лекот на доволно високо ниво за да делува е клучното прашање што истражувачите не го утврдиле, се вели во една студија.
Ниту една од студиите не вклучува тестирање на лекот на луѓе, а авторите не тврделе дека лекот треба да ја замени хемотерапијата или други лекови за лекување на рак.
Што се однесува до хемотерапијата, таа е стандардна терапија за многу видови рак. Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином.
Иако хемотерапијата е ефективен начин да се третираат многу видови на карцином, хемотерапискиот третман исто така носи со себе и ризик од несакани дејства. Некои се благи и се третираат, додека други може да предизвикаат сериозни компликации. Хемотерапијата може да се користи како примарен или единствен третман за карцином, може да се користи после други третмани како операција, ккао и да убие канцерогени клетки кои можеби преостанале во телото. Хемотерапијата може да помогне да се намалат знаците и симптомите на карциномот преку уништување на некои од канцерогените клетки, пишува на сајтот на клиниката Мајо.
Таму се додава дека чести несакани ефекти од хемотерапија се нагони за повраќање, дијареа, губење на слухот, губење на косата, губење на апетитот, замор, треска, ранички во устата, болка, констипација, лесно модреење на кожата и крварење.
Многу несакани ефекти денес можат да се превенираат или ублажат со современи лекови (на пример, против гадење), со прилагодување на дозата и со поддржувачка терапија.
Пред секоја хемотерапија пациентот е тој што одлучува дали ќе го прифати третманот и пред него, лекарите му ги кажуваат и несаканите последици и тоа што може да го искуси после нејзиното примање.
Некои видови на хемотерапија се поврзуваат со секундарни карциноми. Карциномите најчесто поврзувани со хемотерапијата се некои типови леукемија. Ризикот се зголемува со поголема доза, подолго време на лекување и подолг интензитет на дозата (поголема количина од хемотерапијата дадена за пократок временски период). Сите агенти во хемотерапијата што го зголемуваат ризикот од секундарни карциноми се наведени овде.
Сепак, според студија од 2019 на списанието Лансет, повеќе од половината случаи на карцином во светот изискувале хемотерапија. Студијата предвидува дека во иднина најчестите видови карцином што ќе се лекуваат со хемотерапија ќе бидат рак на бели дробови, на дојка и на дебело црево.
Објавата не нуди никакви медицински докази што би го потврдиле тврдењето дека ивермектинот и фенбендазолот лекуваат рак или дека се побезбедни од хемотерапијата. Иако постојат лабораториски и студии врз животни кои ја испитуваат нивната потенцијална улога во лекувањето на одредени видови рак, досега нема квалитетни клинички докази дека овие лекови се ефикасни или безбедни како третман за рак кај луѓето. Ниту една релевантна здравствена институција не ги одобрила за оваа намена.
Од друга страна, хемотерапијата е научно потврден и стандардизиран третман за многу видови карцином. Иако може да предизвика несакани ефекти, тие се добро познати, внимателно се следат и во голем број случаи можат да се ублажат со современа поддржувачка терапија.
Поради сето ова, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар