Спортскиот центар „Ново Лисиче“ доби модерна фитнес сала, но не и ветената сала за бокс
Проект: Реконструкција на втор дел од спортскиот центар во Ново Лисиче
Опис на проектот: Реконструкцијата опфаќа реконструкција на сала за фитнес и сала за бокс. (Средства: 35.000.000 денари Извор на финансирање: Буџет на Општината Рок: декември 2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски за локалните избори во 2013 година вети модерни сали за фитнес и за бокс во рамките на спортскиот центар „Ново Лисиче“. Во декември 2016 година овој спортски центар доби модерна фитнес сала, но не е направена сала за бокс. Така што, ова е делумно исполнето ветување дадено во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! (Урбанизам и животна средина стр. 37).
На 09.12.2016 година медиумите информираа дека во спортскиот центар „Ново Лисиче“ е пристигната нова фитнес опрема, која ќе внесе нови содржини во Фитнес центарот и ќе овозможи значително да се подобрат условите за спортување во овој спортско-рекреативен објект. Како што беше тогаш соопштено, новата опрема содржи 14 справи за кардио и фитнес вежби, меѓу кои ленти за трчање, степери, статични велосипеди, орбитрек, кросовер машини, справи за истегнување и клупи за вежбање на стомачните мускули. Ваква информација има и на веб-страницата на Општина Аеродром.
Во врска со реализацијата овој проект, „Вистиномер“ се обарти во Општина Аеродром, од каде што одговорија дека во спортскиот центар „Ново Лисиче“ е направена современа фитнес сала, додека пак, за салата за бокс рекоа дека „ќе биде направена во наредниот период“, без да прецизираат кога. Со оглед на тоа дека мандатот на Коневски истекува за еден месец (мај 2017), ова негово изборно ветување го оценуваме како „делумно исполнето“.
Инаку, споменатиот спортски центар „Ново Лисиче“ беше пуштен во употреба пред речиси пет години (јули 2012 во претходниот мандат на Коневски), на површина од околу 1.000 квадратни метри на две нивоа, со вклучена повеќенаменска спортска сала за кошарка, мал фудбал и одбојка, сала за пинг-понг, како и со отворено фудбалско игралиште со капацитет за околу 1.000 гледачи.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Аеродром“,(Комунални работи стр. 37). [Пристапено: 06.04.2017]
- Тајм.мк (09.12.2016): Спортскиот центар „Ново Лисиче“ доби модерна фитнес опрема [Пристапено: 06.04.2017]
- Нетпрес (09.12.2016): СЦ „Ново Лисиче“ доби модерна фитнес опрема [Пристапено: 06.04.2017]
- Вечер (09.12.2016): Спортскиот центар „Ново Лисиче“ доби модерна фитнес опрема [Пристапено: 06.04.2017]
- Општина Аеродром (09.12.2016): Спортскиот центар „Ново Лисиче“ доби модерна фитнес опрема [Пристапено: 06.04.2017]
- Тајм.мк (17.07.2012): Отворен спортскиот центар „Ново Лисиче” [Пристапено: 06.04.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар