Избори и дезинформации во Србија: Лажни снимки, изјави извадени од контекст и обвинувања за странско мешање

Народното собрание на Р. Србија Фото: Bestalex, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Од тврдења дека студентската листа сака да ја урне државата, преку видеа генерирани со вештачка интелигенција, до обвинувања за странско финансирање – проверките на факти откриваат како манипулациите се користат за дискредитација на политичките противници пред парламентарните избори на 25 октомври

 

Од тврдења дека студентската листа сака да ја урне државата, преку видеа генерирани со вештачка интелигенција, до обвинувања за странско финансирање – проверките на факти откриваат како манипулациите се користат за дискредитација на политичките противници пред парламентарните избори на 25 октомври

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Неколку дена пред предвремените парламентарни избори во Србија, политичката конфронтација се одвива не само преку предизборните ветувања и јавните настапи, туку и преку фотографии, видео снимки, изјави извадени од контекст и непотврдени обвинувања што се шират во медиумите и на социјалните мрежи. Во фокусот на дел од овие манипулации е студентската изборна листа, која произлезе од антикорупциските протести, но мета се и нејзините кандидати, нивните ставови и наводните политички врски.

Проверките на српскиот портал „Истиномер“ и на косовската платформа за проверка на факти „Хибрид.инфо“ документираат повеќе конкретни примери на невистинити или манипулативни содржини во предизборниот период. Заедничко за дел од нив е обидот да се создаде впечаток дека политичкиот противник претставува закана за државата, дека крие неприфатливи ставови или дека дејствува во интерес на странски центри на моќ.

Пејзажот во предизборието во Србија, се отсликува и преку истражувањето на неделникот од Србија „Недељник“ каде се изнесени наводи за пропагандата со вештачка интелигенција на социјалните мрежи во Србија пред претстојните парламентарни избори. Според истражувањето, откриени се бројни фантомски профили кои поддржуваат опции блиски до Александар Вучиќ и неговата коалиција, а ги користат сликите генерирани со вештачка интелигенција , гласови и лажни видеа за дискредитација на опозициското студентско движење и нивната листа.

Во истражувањето се откриени заткулисни кампањи во кои се користат „синтетички личности“ и автоматизирани операции со податоци.

Профилите што користат вештачка интелигенција за генерирање лица и гласови сп пропагандна содржина насочена против „Студентска листа“ се множат од ден на ден на Фејсбук пред парламентарните избори на 25 октомври. Во моментот на пишување, забележавме најмалку десет профили од овој тип, но нивниот број постојано расте, пишува во истражувањето.

Извештаите од организациите за дигитални права, вклучувајќи ги Citizen Lab и Share Foundation, документираа распоредување на воено-квалитетен, високо наметлив шпионски софтвер (како што се варијанти на „Предатор“ или „Пегасус“) против најмалку 14 опозициски личности, граѓански активисти и студентски организатори.

Нашите форензички наоди откриваат дека мирното про-демократско движење во Србија е агресивно таргетирано од платенички шпионски софтвер пред клучните изборни циклуси во 2026 година, изјави Џон Скот-Рејлтон, виш истражувач во „Ситизен лаб“.

Изјава извадена од контекст за да се претстави студентската листа како закана

Еден од примерите е начинот на кој таблоидите и профилите на социјалните мрежи ја пренеле изјавата на Александар Бауцал, кандидат на студентската листа, дадена во емисијата „Таковска 10“.

Како што наведуваат проверувачите на факти на „Истиномер“ на 16 октомври, неговата изјава беше извадена од контекст и претставена како признание дека целта на студентското движење е наводно „уривање на Србија и нејзините институции“. Но, кога ќе се погледне целосната изјава на Бауцал, се доаѓа до заклучокот дека таа е извадена од контекст. Имено, зборувајќи за застојот на Србија во евроинтеграциите, Бауцал оцени дека еден од проблемите е внатрешната состојба во земјата и односот на институциите кон граѓаните, кои, како што наведе, понекогаш се соочуваат со скратување на правата поради учество во протести. Во тој контекст, тој рече дека граѓаните мора да се борат против државата за да ги остварат своите легитимни права. Со методата „селективно цитирање“  она кое е евидентно е дека не мора да се измисли целосно нова изјава за да се пренесе погрешна порака, туку доволно е да се изостават делови од разговорот, да се промени контекстот и да се објави наслов што на публиката ѝ сугерира сосема поинакво значење.

 

Вештачката интелигенција како алатка за фабрикување политичка поддршка

Во предизборната кампања во Србија се појавија и визуелни содржини што создаваат лажен впечаток за ставовите и постапките на јавни личности. На 13 октомври „Истиномер“ објави проверка на фогорафија генерирана со вештачка интелигенција, која се ширеше на социјалните мрежи со тврдење дека тенисерот Новак Ѓоковиќ за време на турнирот во Пекинг јавно ја поддржал студентската изборна листа. Содржината иако претставена како автентичен настан, претставува фотографија генерирана со вештачка интелигенција. Во тој контекст, споделувани беа и фотографии од наводна партиска книшка на кандидатот Илија Срдановиќ, за која визуелните нелогичности укажуваа дека е создадена со вештачка интелигенција. Се прошири и видеоснимка на која активистката од Студентска листа, Мила Пајиќ наводно го прегрнува Срдановиќ, при што изложени се хрватското и српското знаме. И оваа фотографија е направена со вештачка интелигенција. Особено е значајно што во овие случаи визуелните материјали се поврзани со конкретни кандидати и со позната јавна личност, што може да им помогне побрзо да се шират.

 

Лажен звук на автентична снимка

Уште една забележлива карактеристика во предизборието во Србија се манипулациите со изменет звук врз автентична снимка. Така, на 12 октомври беше објавена видео снимка од навивачи на Црвена звезда, со невистинито тврдење дека тие скандирале „Ацо Србине“ во поддршка на Александар Вучиќ. Всушност, звукот на снимката е дополнително вметнат, а на оригиналната снимка се слуша скандирање „Звезда ле“.  Вака изменетата снимка може да создаде лажен впечаток за политичка поддршка на спортски настан во смисла на тоа што се користи како „доказ“ за расположението на јавноста. Нејзината убедливост произлегува од тоа што гледачот препознава вистински стадион, навивачи и автентична атмосфера, па може да се залаже дека и звукот е оригинален.

Друг значаен дел од предизборните манипулации се однесува на наводните врски на студентската листа со косовскиот премиер Албин Курти. Во неделниот преглед објавен на 19 октомври, платформата „Хибрид.инфо“ анализираше тврдења што се појавија во српските медиуми, меѓу кои „Информер“ и „Новости“, дека Курти наводно им наложил на албанските партии во Србија да ја поддржат студентската листа и да формираат коалиција со неа. Ваквиот наратив е политички чувствителен затоа што прашањето за Косово има длабоки историски и национални димензии во Србија.

Манипулациите не се ограничени на фотографии и видеа. На 6 октомври „Истиномер“ анализираше објава на социјалната мрежа „Инстаграм“ во која на студентската листа ѝ била припишана наводна „изборна програма“ која вклучувала намалување на сите пензии за 25 проценти, отпуштање на сите припадници на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Србија, зголемување на факултетските школарини за 300 проценти и претворање на културните и спортските објекти во места за притвор на членови на Српска напредна странка. Но, програмата предвидува отпуштање на полициските службеници кои го прекршиле законот при постапувањето кон студентите и граѓаните, ама не и отпуштање на сите припадници на Министерството за внатрешни работи или на Армијата на Србија.

 

Погрешни совети за гласање може да ги доведат избирачите во заблуда

Посебен ризик претставуваат објавите што не се однесуваат директно на кандидатите, туку на самото гласање.  „Истиномер“ провери видео во кое корисник дава совети како да се избегне наводна уцена при гласањето. Во видеото се предлага фотографирање на гласачкото ливче како доказ, а потоа менување на ознаките за да се гласа за друга листа. Но, ова погрешно и манипулативно толкување на изборните правила всушност може да предизвика проблеми при самото гласање, бидејќи фотографирањето на ливчето може да го наруши тајното гласање, а предложената постапка не гарантира дека ливчето ќе биде признаено за важечко.

Примерите покажуваат неколку повторливи механизми како изјави кои се вадат од контекст, создавање на визуелни „докази“ со вештачка интелигенција и непоткрепени обвинувања за странско влијание што се претставуваат како факти. „Вистиномер“ веќе пишуваше за регионалните дезинформации во пресрет на изборите во Србија. Како што се трошат последните денови пред гласањето, проверката на изворот, целосниот контекст и оригиналниот материјал станува особено важна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција