Избори – повеќе од 1 милион евра потрошени за десет дена!

Во периодот од 21 до 27 ноември, политичките играчи на изборите само за митинзи потрошиле 300.000 евра и уште толку за медиумско рекламирање.

Во периодот од 21 до 27 ноември, според првиот Извештај за предизборните трошења на политичките паритии, Транспаренси интернешнал констатира дека од страна на политичките играчи на изборите само за митинзи се потрошени 300.000 евра и уште толку за медиумско рекламирање.

 

Според пријавените финансии, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за десет дена изборна кампања потрошиле шест пати повеќе пари отколку што собрале преку донации. Така, во анализираниот период на сметка на паријата легнале 120.838 евра а се потрошиле 714 819 евра.

 

Пишува: Анета Додевска

(Неделна економска анализа на „Порталб“)

 

Во период од десет дена, само четири политички партии, ДУИ, ДПА, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за изборни цели потрошиле 1,1 милион евра. Во законскиот рок партиите ги објавија првите финансиски извештаи за собраните и потрошените пари во изборна кампања. Дел од невладините организации задолжени за следење и мониторирање на изборниот процес, упатуваат на можни прекршувањаНајмногу пари за првите десет дена од изборната кампања потрошила ВМРО-ДПМНЕ.  

 

САМО ЗА МИТИНЗИ И РЕКЛАМИ ПОТРОШЕНИ 600.000 ЕВРА

Во периодот од 21 до 27 ноември, според првиот Извештај за предизборните трошења на политичките паритии, Транспаренси интернешнал констатира дека од страна на политичките играчи на изборите само за митинзи се потрошени 300.000 евра и уште толку за медиумско рекламирање.

Во вкупно 43 големи собири што беа организирани во текот на една недела може да се заклучи дека околу 300.000 евра веќе се потрошени.  За 11 ТВ станици (Канал 5, Сител, Телма, Алфа, ТВ Нова, Алсат М, ТВ 21, 24 Вести, Ера, Шења, Арт) потрошени околу 325,000 евра, се наведува во извештајот на ТИ Македонија. 

Според Слаѓана Тасева, текот на парите, односно транспрентнста и отчетноста, кои се обврзувачки со закон, се показател за односот на една партија кон идните политики. 

 

Зародишот на корупцијата воопшто се наоѓа токму во овие процеси на избори и финансирање на политичките кампањи затоа што начинот или патот на парите, односно изворот на парите што влегуваат на партиски сметки и се трошат за кампањи ќе биде показател за тоа каква политика потоа ќе се води, вели за Portalb.mk Слаѓања Тасева од Транспаренси Интернешнал.  

 

КОИ СЕ ДОНАТОРИТЕ И ЗА ШТО СЕ ТРОШЕЛЕ ПАРИТЕ?

За десет дена Демократската унија за интеграција потрошила скоро 87.000 евра, додека на партиската сметка по основа на донации се собрани 111.882 евра. На страната на приходите, кај ДУИ во првите десет дена се регистрирани осумнаесет донатори, од кои девет се правни лица, односно фирми а останатите девет се физички лица. Компанијата „Голец Транс ДООЕЛ со скоро 30 илјади евра, колку што е максималниот дозволен износ за донирање на правно лице, најмногу донирала во првите десет дена од изборната кампања на партијата на Али Ахмети. Сумирано, ДУИ во овој период потрошиле 75.000 евра помалку отколку што собрале преку донации. Најголем дел од парите, или 76.600 евра се потрошени за реклама и пропаганда.

Според пријавените финансии, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за десет дена изборна кампања потрошиле шест пати повеќе пари отколку што собрале преку донации. Така, во анализираниот период на сметка на паријата легнале 120.838 евра а се потрошиле 714 819 евра. На страна на приходите, парите се обезбедени од 427 донатори. Меѓу нив, познати сегашни и поранешни функционери на партијата: министерката Марта Арсовска – Томовска; директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Оливер Ромевски; потоа Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за ТИРЗ; Жарко Карџоски, директор на Македонски шуми; потоа Диме Спасов, Силвана Бонева, Владимир Талески, Емил Димитриев и други. Од вкупно потрошените пари, 461.000 евра биле наменети за реклами и пропаганда. 

Според првиот финансиски извештај за изборна кампања, најмногу пари од донации собрал СДСМ и коалицијата предводена од оваа партија. Така, во првите десет месеци на партиска сметка се слеале 155.788 евра од донации и уште 379.539 евра од членарина или вкупно 535.327 евра. Од друга страна, биле потрошени 320.000 евра. За реклами и пропагадна здружената опозиција потрошила 155.700 евра.  Најголема сума, 184.350 денари се донирани од Бетиане Китев, Рената Дескоска донирала 180.000, а Радмила Шекеринска 120.000 денари.

Според финансискиот извештај за парламентраните избори 2016 година, Демократската партија на Албанците преку донации обезбедила скоро 10 илјади евра. Најголем донатор е претседателот на партијата Мендух Тачи со 2.800 евра, воедно тој е и единствен партиски лидер кој донирал во изборната кампања. Во период од десет дена, ДПА потрошила скоро 7.000 евра. 

 

СТРОГИ КАЗНИ ЗА НЕПРИЈАВУВАЧИТЕ

Инаку, партијата која нема да го пријави изворот на финасирање, односно организаторот, според законските решенија ќе се соочи и со затворска казна, пишува Portalb.mk. Така. според Член 165-а од Кривичниот законик: 

Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски  извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Според мониторингот на дел од невладиниот сектор, финансирањето на политичките партии беше проследено со низа прекршувања и во претходните изборни циклуси.

Имаше и случаи кога лица се наоѓаа на списокот на донатори, а тие тврдеа дека воопшто и не донирале. Дел од сметките на партите на крајот од изборниот процес не беа во согласност со законската регулатива, односно суми на пари останаа без покритие.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција