Избори во Бугарија 2026: Како лажните наративи и паниката ја киднапираа претседателската кампања

Парламентот на Бугарија и кабинетот на претседателот на Бугарија (десно), во строгиот центар на Софија, 17 јуни 2021 г. Фото: Мета.мк

Изборната кампања во Бугарија за 2026 година јасно покажува дека дезинформациите повеќе не се само спорадични лажни вести, туку добро осмислени стратешки наративи. Преку таргетирање на трите најчувствителни точки на гласачите – војната, личните финансии и националниот идентитет – пропагандистите успешно го манипулираат јавното мислење

Изборната кампања во Бугарија за 2026 година јасно покажува дека дезинформациите повеќе не се само спорадични лажни вести, туку добро осмислени стратешки наративи. Преку таргетирање на трите најчувствителни точки на гласачите – војната, личните финансии и националниот идентитет – пропагандистите успешно го манипулираат јавното мислење

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Предизборната кампања за претседателските избори во Бугарија, кои се закажани за крајот на октомври 2026 година, се одвива во исклучително поларизирана атмосфера, дополнително загреана од досега незапаметен бран на дезинформации и политички манипулации. Со цел да ги придобијат гласовите на неодлучните граѓани или да предизвикаат страв и паника, одредени политички субјекти и координирани мрежи на социјалните мрежи пласираат комплетно измислени вести.

Локалните платформи за проверка на факти, предводени од реномираниот сајт Фактчек.бг, периодов работат со полн капацитет за да ги разобличат највлијателните лажни наративи кои директно се одразуваат врз изборниот процес.

 

Стравот од војна: Измислени воени сценарија 

Најексплозивната тема во финишот на кампањата останува безбедносната криза и војната во Украина. Националистичките и проруските структури во Бугарија со месеци го користат овој страв за да ги дискредитираат прозападните кандидати.

Најсвеж пример за ваква агресивна дезинформација е насочен против еден од главните претенденти во претседателската трка, Андреј Ѓуров. Како што пишува Фактчек.бг, на социјалните мрежи масовно се рашири цитат во кој лажно му се припишуваше изјава дека доколку победи, веднаш ќе испрати бугарски војници на фронтот. Ѓуров никогаш нема дадено таква изјава, туку темата била сосема поинаку коментирана од неговата противкандидатка Илијана Јотова. Целта на овој наратив е да се претстават демократските кандидати како „воени хушкачи“ кои ќе ја вовлечат државата во директен конфликт со Русија, пишува Факти.бг.

 

Економски терор: Лагата за „конфискација на парите“ со еврото 

Бидејќи Бугарија веќе функционира во рамките на Еврозоната, економските стравови и понатаму остануваат најплодна почва за манипулации. Евроскептичните партии и популистичките кандидати во оваа кампања повеќе не плашат со самиот влез, туку со наводните „скриени правила“ на Брисел кои наводно ќе ги осиромашат граѓаните.

Кулминацијата на овој страв се случи преку вирално видео кое масовно се споделуваше на Фејсбук и Тик-ток, каде експлицитно се тврди дека Европската Унија планира целосно да ги одземе и конфискува заштедите на граѓаните доколку тие не ги потрошат во рок од шест месеци, а парите наводно ќе се користеле за купување оружје. Платформата Фактчек.бг веднаш реагираше со детална видео-проверка. Анализата докажува дека во оваа дезинформација се злонамерно измешани две сосема различни теми –  европската иницијатива за инвестиции и плановите за заедничка одбрана. Вакво правило за одземање на приватни заштеди во ЕУ не постои, а самата објава е чиста измислица дизајнирана да предизвика финансиска паника кај постарите граѓани и да ги сврти против проевропските политички опции.

 

Медиумски заговори и „сечење“ на интервјуа 

Домашните актери во кампањата користат и методи за делегитимизација на јавните медиуми, обвинувајќи ги за пристрасност и цензура со цел да се прикажат како „жртви на системот“.

Во средината на октомври, под ваков напад се најде и Бугарската национална телевизија (БНТ). Имено, поддржувачи на Илијана Јотова започнаа кампања на социјалните мрежи тврдејќи дека сајтот на националниот сервис намерно исекол и цензурирал делови од нејзиното интервју во влијателната емисија „Оште от денја“. Но, независната истрага на проверувачите на факти докажа дека ниту една секунда од видеото не е избришана и дека целото гостување е достапно во интегрална форма на официјалните канали. Оваа тактика се користи за дополнително уривање на довербата во независните институции и медиумите за време на избори.

 

Фабрикување на бројки за ксенофобичен ефект 

Како последно оружје во кампањата се користи и миграцијата, каде преку драстично преувеличување на бројките се поттикнува ксенофобија и национализам. Одредени кандидати јавно пласираа тврдење дека Бугарија неконтролирано примила над 240.000 странски работници кои ќе ги заземат местата на бугарските граѓани. Меѓутоа, официјалната проверка на статистиките преку алатката PolitiCheck на Factcheck.bg утврди дека овие бројки се целосно фабрикувани. Склучените договори со странски државјани се минимални, а реалните бројки се неколкукратно помали од она што свесно се пласира во јавноста за да се подигне рејтингот на радикалните десничарски партии.

 

Институционален одговор на ЕУ

Како одговор на ваквиот координиран бран од лажни наративи, институциите на Европската Унија веќе преземаат конкретни чекори за заштита на изборниот интегритет во Бугарија. Земјата се смета за една од најранливите членки на ЕУ во однос на хибридните закани, поради што Брисел активно го применува новиот Акт за дигитални услуги (DSA) со цел да ги принуди големите технолошки платформи како Мета и Тик-ток поостро да ги модерираат и отстрануваат политичките дезинформации. Дополнително, преку регионални центри финансирани од ЕУ, како што е Бугарско-романската опсерваторија за дигитални медиуми (БРОД), која е дел од Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO), постојано се следат и анализираат дезинформациските мрежи. На пример, во извештајот на BROD (EDMO Hub) насловен како „At the beginning of 2026: Prebunking narratives in Bulgaria“, експертите предупредија дека ЕУ веќе развива напредни стратегии за т.н. „прибанкинг“, (своевидно превентивно разоткривање на дезинформациите – опремување на граѓаните со факти пред лажната вест воопшто да се рашири), со цел да се пресретнат кампањите кои намерно ја уриваат довербата во воведувањето на еврото и во демократските институции.

Изборната кампања во Бугарија за 2026 година јасно покажува дека дезинформациите повеќе не се само спорадични лажни вести, туку добро осмислени стратешки наративи. Преку таргетирање на трите најчуствителни точки на гласачите – војната, личните финансии и националниот идентитет – пропагандистите успешно го манипулираат јавното мислење. Написите и проверките на бугарските фактчекери остануваат клучниот бедем за зачувување на вистината и демократскиот интегритет на гласањето.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција