Изборите во Србија регионален фронт на дезинформации
Aнализи објавени во септември 2026 година предупредуваат дека руските наративи за „обоена револуција“ во Србија се преклопуваат со дел од реториката што ја користат провладините медиуми. Ова само по себе не докажува координација, но претставува индикатор што заслужува понатамошно следење
Aнализи објавени во септември 2026 година предупредуваат дека руските наративи за „обоена револуција“ во Србија се преклопуваат со дел од реториката што ја користат провладините медиуми. Ова само по себе не докажува координација, но претставува индикатор што заслужува понатамошно следење
Пишува: Мирослава Симоновска
Предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври 2026 година, веќе создаваат силен информациски одек и надвор од границите на земјата. Во последните 30 дена, покрај класичната политичка кампања, во медиумите и на социјалните мрежи се појавија низа манипулативни и проверливо неточни содржини поврзани со студентската листа, протестите, странското влијание и наводната улога на странски центри во политичкиот процес. Дел од овие наративи остануваат во рамките на Србија, но други веќе се прелеваат во Македонија и на поширокиот западнобалкански информациски простор.
На почетокот на изборната кампања, известувањето во онлајн медиумите е доминирано од тврдокорни наративи што ја прикажуваат опозицијата како поделена и неспособна, додека студентското движење и протестите постојано се поврзуваат со хаос, насилство и странско влијание. До 13 септември, овие толкувачки рамки се засилуваат – придружени со тврдења за „обоена револуција“ – додека властите ја задржуваат контролата врз медиумската агенда преку економски теми и високата медиумска видливост на Александар Вучиќ. Истовремено, известувањето за надворешната политика обликува слика за САД како империјална сила, за Русија како цел на западен притисок и за ЕУ како актер што ѝ наметнува услови на Србија, наведува фондацијата „Шер“ во својот мониторинг.
Студентската листа мета на дезинфо наративи
Еден од највидливите наративи во српскиот информациски простор е претставувањето на студентското движење и неговата изборна листа како проект кој е управуван или финансиран од странство. На 6 септември, претседателот на Србија Александар Вучиќ – кој најави дека деновиве ќе си поднесе оставка за да може да се кандидира како предводник на владејачката Српска напредна странка (СНС) на парламентарните избори и да освои премиерски мандат – дека кандидатите на студентската листа се избираат „однадвор“, односно од странство. За овие тврдења не беа презентирани конкретни докази, но овој тип пораки се вклопува во поширок наратив кој во Србија се користи од почетокот на студентските протести – дека „тие се дел од обоена револуција“, односно „операција за дестабилизација организирана со странска поддршка“.
Регионалната мрежа SEE Check претходно документираше дека ваквите тврдења биле ширени од српски политички актери и провладини медиуми, а потоа се пренесувале и во Босна и Херцеговина. Во тековната кампања, овој наратив добива нова форма, наместо само протестите да се претставуваат како „странски проект“, самата студентска изборна листа се прикажува како инструмент на странски политички центри.
И во Северна Македонија, на одредени изолирани профили на социјалните мрежи, кога се пренесува таканаречениот „студентски план“, односно дека Студентска листа бара формирање на специјална полициска единица која самостојно истражува корупција – студентите се нарекуваат „прозападни марионети“, а самото нивно барање се изедначува со формирањето на Специјалното јавно обвинителство.

Дезинформацискиот наратив се засилува и со тоа што се тврди дека „агентури ги повторуваат истите работи од шарената револуција 2015 година“. Наративот дека „западни агентури ставаат лица на студентската листа“, а кој се појави на социјалните мрежи во Северна Македонија, потсетува на тврдењата на Вучиќ дека „кандидатите на листата се бираат однадвор“.

Не секоја политичка изјава или напад врз противник е дезинформација. Меѓутоа, во последните недели се регистрирани конкретни случаи во кои проверливо неточни тврдења се користат за поткрепување на политичките наративи. Српскиот сервис за проверка на факти Раскринкавање, на пример, идентификуваше тврдење дека студентската листа е „измама“ затоа што на неа немало студенти. Во други случаи, провладини медиуми ја претставувале листата како проект контролиран од поранешни политичари.
На социјалните мрежи се прошири и дезинформациско видео од протест во Приштина, на кое наводно се гледа група луѓе што носат транспарент со натпис „Студентите победуваат“. Во описот на видеото се наведува:
Скандал во Приштина. Албанци носат транспарент „Студентите победуваат“ на протест за поддршка на Тачи.
Сепак, како што веќе објави „Раскринкавање“, снимката е креирана со вештачка интелигенција.
Според анализата, видеото првично било објавено од профил на Тик Ток, кој отворено ја поддржува владејачката Српска напредна странка и претседателот Вучиќ, а содржината достигнала околу 350.000 прегледи.

Друг пример е кампањата против носителот на студентската листа, Илија Срдановиќ. Во српските и црногорските медиуми се појавиле тврдења кои го поврзуваат со поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, како и наводна комуникација преку апликацијата Скај. Црногорската платформа на Центарот за демократска транзиција (CDT), Раскринкавање.ме, утврди дека дел од овие тврдења се засноваат на неточни информации, а приказната ја пренеле повеќе српски и црногорски портали.
Слична манипулативна тактика е забележана и во Хрватска. „Фактограф“ утврди дека изјава на европратеникот Тонино Пицула за глорификацијата на Ратко Младиќ, била претставена во српски медиум како дел од политичката програма на студентската листа и како доказ дека листата има „покровители од странство“, иако Пицула во оригиналната изјава не зборувал за програмата на студентската листа.
Регионална циркулација на дезинформации
Досегашните примери покажуваат дека ширењето не се одвива само преку директно копирање на една дезинформација, туку почест е моделот на регионална циркулација – тврдењето се појавува во српски медиум или на социјална мрежа, потоа го преземаат други портали, а дополнително се засилува преку други платформи и социјални мрежи.
Во случајот со Срдановиќ, на пример, „Раскринкавање.ме“ забележува дека повеќе црногорски портали активно се вклучиле во српската предизборна кампања преку позитивно известување за Вучиќ и напади врз носителот на студентската листа. Така, информацискиот простор на соседната земја станува поле за ширење дезинформации од политичката кампања во Србија. Овој феномен е особено значаен за Западен Балкан затоа што медиумскиот простор е меѓусебно поврзан и содржини на српски јазик лесно се пренесуваат во Црна Гора, Босна и Херцеговина и делови од регионот, а темите поврзани со Косово, Република Српска, Црна Гора и Србија имаат силен прекуграничен политички и идентитетски потенцијал.
Еден од новите елементи во оваа кампања е употребата на генеративна вештачка интелигенција за создавање политички содржини. Примерот со наводниот транспарент во Приштина е особено илустративен бидејќи содржината е дизајнирана да создаде впечаток дека косовски Албанци ја поддржуваат Студентската листа. Со тоа се гради поширок политички наратив и студентите се претставуваат како движење кое има поддршка од актери кои во дел од српската јавност се доживуваат како противници на српските национални интереси.
Европската служба за надворешно дејствување (EEAS) во својот извештај за FIMI наведува дека руските државни институции во 2025 година ширеле лажни или непотврдени тврдења за наводни заговори на ЕУ и НАТО за дестабилизација на Србија. Извештајот исто така го опишува изборниот процес како една од главните цели на руските FIMI операции и идентификува повторлив модел: контрола на информацискиот простор, продлабочување на домашните поделби и, во доцната фаза, поткопување на довербата во изборниот процес.
Регионалните сервиси за проверка на факти веќе реагираат на содржините поврзани со српската кампања. Во Црна Гора се регистрирани повеќе случаи во кои локални портали преземаат или дополнително развиваат тврдења насочени против студентската листа. Во Хрватска се проверуваат тврдења со кои изјави на европски политичари се поврзуваат со студентската кампања во Србија. Во Босна и Херцеговина, пак, постои пошироко искуство со проверка на наративите за „странски организирани“ протести во Србија и нивното регионално ширење.
Дополнително, анализи објавени во септември 2026 година предупредуваат дека руските наративи за „обоена револуција“ во Србија се преклопуваат со дел од реториката што ја користат провладините медиуми. Ова само по себе не докажува координација, но претставува индикатор што заслужува понатамошно следење.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар