Изборниот законик и платеното политичко рекламирање – извори на нефер изборен натпревар

Димитар Апасиев. Фото: Мета.мк

Иако може да се чини дека реакциите на Апасиев и на Левица се поради големите суми буџетски пари со кои партијата би била многу повеќе медиумски застапена на овие избори – не може да се негира фактот дека сега Левица е медиумски исклучена од значаен сегмент од времето за претставувањето по телевизиите и радијата, со што е ставена во подредена позиција од многу помали партии. Впрочем, големите недостатоци и контроверзи во Изборниот законик и проблемите кои се предизвикани од трошењето на јавни пари во медиумите преку избори, се одамна детектирани проблеми

Иако може да се чини дека реакциите на Апасиев и на Левица се поради големите суми буџетски пари со кои партијата би била многу повеќе медиумски застапена на овие избори – не може да се негира фактот дека сега Левица е медиумски исклучена од значаен сегмент од времето за претставувањето по телевизиите и радијата, со што е ставена во подредена позиција од многу помали партии. Впрочем, големите недостатоци и контроверзи во Изборниот законик и проблемите кои се предизвикани од трошењето на јавни пари во медиумите преку избори, се одамна детектирани проблеми

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев деновиве жестоко реагираше на еден навидум технички документ, Упатство за радиодифузерите за локалните избори 2025 година што редовно го носи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (ААВМУ). Тоа е документ со кој се прави распоред кој и како ќе се претставува на изборите во медиумите и во контекст на платеното политичко рекламирање (ППР) и генерално. Ваквиот документ беше едногласно усвоен на седница на Советот на ААВМУ денеска (26.09.2025), на три дена пред официјалниот почеток на изборната кампања, што е податок што доволно говори и сам за себе.

Реакцијата во која има тешки обвинувања и за политичка дискриминација и за рушење на принципите на демократијата кога станува збор за еден од темелите – фер и слободни избори – наиде на молк на големите партии и во власта и во опозицијата во претходните два три дена, иако се однесува токму на нив, бидејќи преку ААВМУ и Државната изборна комисија (ДИК), како што вели Апасиев, ја остваруваат главната нивна цел, задржување на бипартизмот во земјата.

Од ААВМУ пак, директорот на оваа агенција Зоран Трајчевски пред два дена (24.09.2025) кратко одговори на новинарско прашање, велејќи дека и во Агенцијата не биле среќни со такво упатство, ама дека таков бил Изборниот Законик (ИЗ), дека реагирале навреме до претседателот на Собранието, ама измените биле блокирани, а регулаторот морал да се држи до Законот, а таму немало категорија партија со 6 пратеници?!

Контекст

Сите овие информации и клучни одлуки се носат на само неколку дена од почетокот на изборната кампања за локалните избори 2025 година кои ќе се одржат во октомври. Обвинувањата на Апасиев се сериозни – тој тврди дека за првпат во историјата на земјата, на една политичка партија ѝ е забрането платено претставување во медиумите, т.е. на приватните телевизии и на радиостаниците, а Левица тврди Апасиев, дури ако сака и со свои пари да се рекламира не може, бидејќи и тоа е регулирано со прописите како невозможно.

Изборниот законик и ППР веќе стануваат извор на недемократија

Кратка проверка на клучните документи кои ја регулираат оваа материја покажува дека реакцијата на Левица е на место и дека ИЗ и политичкото рекламирање со јавни пари веќе создаваат сериозни проблеми. Критиките и за ИЗ, кој е менуван „стопати“ и „на парче“, како и критиките за рекламирање по медиумите со јавни пари, од буџетот, не се нови. Тие може да се сретнат во секоја посериозна анализа на спроведување на изборниот процес, за слободата на медиумите или за изворите на корупција, за што, впрочем, истражувала и Фондацијата Метаморфозис. Се разбира, сето ова е континуирано нотирано и во сите извештаи на релевантни меѓународни институции, тела и одделни држави, од ЕУ, ОБСЕ/ОДИХР, Совет на Европа, САД, итн.

Клучниот член во Изборниот Законик што го прави проблемот е во членот 75-ѓ во кој се пропишува начинот на тоа која политичка партија добива време за претставување по медиумите:

(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договор и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати можат да одвојат триесет секунди кои се распределуваат по претходен писмен договор.

Врз основа на ова  и повикувајќи токму на овој член ААВМУ го носи фамозното Упатство до радиодифузерите кои пак слепо го следат, бидејќи во документот прецизно се именувани и политичките партии и коалициите. И така, во ова упатство кое завчера е претставено како нацрт, а денеска веќе усвоено, прецизно се набројани ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и  СДСМ и ДУИ, кои ќе имаат како власт и опозиција со најмногу пратеници вкупно 8 минути, а една минута ќе делат ЛДП, Демократска партија на Турците и Демократската партија на Србите. Преостанатите 30 секунди се оставени за сите други кандидати и партии кои не се застапени во Собранието, а имаат поднесено листи за учество на локалните избори.

Левица со 6 пратеници и ЗНАМ со 6 пратеници се изоставени, но според Апасиев тоа е така затоа што тие ќе бидат „поддржани“ во времето што ќе го користат од ВМРО-ДПМНЕ и нивната Коалиција, што е овозможено со членот 10 од Упатството на ААВМУ:

Во случаите кога подносител на потврдена листа одлучил дел од своето закупено време за ППР да го искористи за да поддржи други учесници во изборната кампања, радиодифузерите треба да го наведат точниот назив на нарачателот на рекламирањето, а не на поддржаните учесници во изборната кампања.

Апсурдноста на ова изоставување на Левица и на ЗНАМ веднаш се согледува и е во целосна спротивност и со Уставот и темелните вредности запишани во член 8, но и со претходниот член 70 од истиот Изборен Законик, каде во став 2 се наведува:

(2) Учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето.

Оттаму, се чини дека е во право Апасиев кога наведува дека од ААВМУ не знаат „телеолошки“ (целно) да го толкуваат ИЗ, туку се сведуваат на „граматичко-позитивистичко“ толкување, но и потенцира, на пример, дека тоа не важеше кога неодамна ДИК со свој подзаконски акт ја пополни празнината со укинатиот член од ИЗ од страна на Уставниот суд.

***

Иако може да се чини дека реакциите на Апасиев и на Левица се поради големите суми буџетски пари со кои партијата би била многу повеќе медиумски застапена на овие избори – не може да се негира фактот дека Левица сега медиумски е исклучена од значаен сегмент од времето за претставувањето по телевизиите и радијата. Гледајќи го Изборниот законик и посебно членот 70, став 2 и Упатството што го донесе ААВМУ кое се базира на членот 75-ѓ од истиот документ, недвосмислено е дека Левица и ЗНАМ се во подредена позиција и без исти услови за политичката пропагандна кампања со која ќе им се претстават на гласачите во споредба и со партиите кои се со еден пратеник или дури и партиите и кандидатите без пратеници. Тоа што ЗНАМ реагира контра Левица може да се објасни со фактот што сега се партија на власт и поради нивниот цврст договор за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на овие избори. Но тоа не го негира фактот дека и Изборниот Законик и финансирањето со јавни пари – кое изнесува стандардно помеѓу 4 и 6 милиони евра за секои избори, веќе се извор на нефер изборен натпревар и мора да се променат темелно.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција