Избрзана навивачка вест за „смртта“ на бунтовничкиот лидер во Сирија

Абу Мухамед Ал-Голани (Фото: Стејт департмен на САД)

Страница на Фејсбук, позната по своите проруски пропагандистички содржини, јави дека лидерот на бунтовниците во Сирија бил убиен во руски напад, а тоа го поткрепила со скриншот од еден медиум. Меѓутоа, тој предупредил дека веста е непотврдена, што авторот на страницата го игнорирал, брзајќи да прогласи победа за Русија

Страница на Фејсбук, позната по своите проруски пропагандистички содржини, јави дека лидерот на бунтовниците во Сирија бил убиен во руски напад, а тоа го поткрепила со скриншот од еден медиум. Меѓутоа, тој предупредил дека веста е непотврдена, што авторот на страницата го игнорирал, брзајќи да прогласи победа за Русија. Веста потоа се покажа неточна, а „покојникот“ не само што е жив, туку тој веќе го зазеде главниот град на Сирија и го собори режимот на Башар Ал-Асад, кој таму владееше со поддршка од Русија

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Бреј, “лошите“ Руси им го убија нај топ терористот вреден 10 мио $. Во Берлин, Измир  и Вашингтон сите фрапирани 😃

Објавата говори за наводното загинување на сирискиот бунтовнички лидер Абу Мухамед Ал-Голани, кој фигурира и како Жулани, Џулани и сл., а причината за тоа е следна. Во арапските имиња понекогаш се додава дел, кој укажува на географското потекло, а во случајов тоа е регион, кој е предмет на спор меѓу Сиријците и Израелците. Ние го знаеме под израелскиот назив Голан, а Арапите како Жулан или Џулан (различни извори различно ги транскрибираат арапските називи).

Но, тие лингвистички детали не се најбитни, туку тоа што Ал-Голани не е убиен. Што е за право, авторот на објавата неа ја поткрепил со скриншот од вест од неделникот Фокус, под насловРуски бомбардери го убија најбараниот криминалец во светот“, па дури со жолто потцртал делови од неа за да ги нагласи, но тенденциозно занемарил некои други и мошне битни, кои предупредуваат дека веста е непотврдена. Значи, иако Фокус згрешиле што објавиле таков наслов, тие, сепак, покажале доза на воздржаност и претпазливост, па додале дека тоа е „наводно“ и „непотврдено“, цитираме:

Лидерот на милитантната група Хајат Тахрир ал-Шам, Абу Мохамед ал-Голани, чии сили вчера упаднаа во сирискиот град Алепо, наводно е убиен во руски воздушен напад, според непотврдени извештаи на арапските медиуми.

Авторот на објавата ова тенденциозно го занемарил, а ние веќе имаме забележано дека тој шири дезинформации и дека неговите објави се необјективни и пристрасни кон Русија (примери: тука и тука). Со објавата што сега ја рецензираме, тој сакал да прогласи победа на Русија над Ал-Голани, но подоцна тој се појави жив и даде интервју, а на крај дури го зазеде главниот град на Сирија и го собори нејзиниот лидер Башар Ал-Асад, кој имаше поддршка од Русија. Кулминација на тоа беше победничкиот говор на Ал-Голани во Големата (Омајадска) џамија на Дамаск, на 8.12.2024 г.

Објавата нема врска со реалноста, со исклучок на еден мал дел, кој вели дека САД го бараат Ал-Голани за тероризам, за што понудиле награда во износ до 10 милиони долари (објавата тоа неуредно го пренесува, но тоа е вистина). Наводно, Ал-Голани посакал да се реформира и да го отфрли своето терористичко минато, но колку е тоа искрено е под знак прашалник, па САД сè уште го сметаат за терорист и следат како нештата ќе се развиваат понатаму.

Спротивно на она што го тврди објавата, ние не најдовме ништо за некаква фрапираност од наводната елиминација на Ал-Голани кај САД, ЕУ и Турција, а западните медиуми просто известија дека имало непотврдени гласини за негово загинување, но без некаква фрапираност (пример тука).

Коренот на таа вест се некои арапски медиуми, а од нив тоа го презеле оние иранските и индиските (примери: тука и тука), па тоа некако дошло и до оние западните, а и до нашите медиуми. Повеќето од оние кои ја ширеле веста барем споменале дека таа е непотврдена, а авторот на објавата што ја рецензираме навивачки избрзал со славење.

Исто така, објавата создава впечаток дека САД биле неспособни да го елиминираат Ал-Голани, што им успеало на (од нивна гледна точка) лошите Руси, кои со тој чин се покажале во позитивно светло како поитри и поспособни, но тоа нема никаква врска со реалноста.

Најчесто самостојно, но понекогаш заедно со своите сојузници, САД ги имаат елиминирано најопасните терористи на светот: Осама Бин Ладен, Ајман Ал-Завахири, Абу Бакр Ал-Багдади, Абу Ибрахим Ал-Хашеми Ал-Курајши, Хаџи Иман, Абул Хасан Ал-Мухаџир, Турки Ал-Бинали, Абу Џандал Ал-Кувајти, Абу Абдулах Ал-Косова и многу други, а такви успеси Русите немаат. Дури и главниот град на Исламската држава, Рака во Сирија, беше ослободен благодарение на коалицијата предводена од САД, а не на Русите.

Тие и во далечната 2017 г. тврдеа дека „критично го раниле“ Ал-Голани и дека тој дури „ги загубил екстремитетите“, но се испостави дека тоа е неточно, а во 2013 г. нешто слично објавија и сириските режимски медиуми. Едноставно, тоа не се кредибилни извори, а таков не е ни оној, што сега го рецензираме.

Фото: Принтскрин

Најголемиот дел од оваа објава е невистинит, а исклучок е само тврдењето дека САД го бараат Ал-Голани за тероризам, па само поради тоа генералната оценка ќе биде дека објавата е делумно невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција