Изградбата на џамија во Топанско Поле почна од 2014 г., а не сега
Изградбата на оваа џамија не е нешто ново, ниту пак, таа почнала сега, како што тоа е пренесено во објавата што ја анализираме. Имено станува збор за џамија за чијашто изградба темелите беа удрени уште во 2014 година, значи пред 11 години
Изградбата на оваа џамија не е нешто ново, ниту пак, таа почнала сега, како што тоа е пренесено во објавата што ја анализираме. Имено станува збор за џамија за чијашто изградба темелите беа удрени уште во 2014 година, значи пред 11 години
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која споделува фотографија од напис објавен на 10 февруари 2025 година во кој се тврди дека во центарот на Скопје почнала да се гради најголемата џамија на Балканот.
Ама, оваа џамија нема да биде толку гласна како тие што им сметаа на вмровците до пред 8 месеци. Башка Мицкоски ќе ја рачуна како странска инвестиција, стои во објавата.
Во написот кој ја споделува информацијата се наведува:
Во срцето на Скопје, во општина Чаир, во тек е изградбата на најголемата џамија на Балканот – проект кој предизвикува многу реакции во јавноста. Со површина од 10.000 квадратни метри, две минариња од 48 метри и купола од 34 метри, оваа џамија ќе биде најголемиот исламски објект во регионот. Финансирана од Претседателството за верски прашања на Република Турција (Diyanet) и Турската верска фондација (TDV), нејзината изградба отвора низа прашања во однос на приоритетите, транспарентноста и влијанието врз урбаната средина.
Но изградбата на оваа џамија не е нешто ново, ниту пак, таа почнала сега, како што тоа е пренесено во објавата што ја анализираме.
Имено станува збор за џамија за чијашто изградба темелите беа удрени уште во 2014 година, значи пред 11 години.
Во општина Чаир ќе се подигне една од поголемите џамии во Македонија. Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити и поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи пред неколку дена ги поставија темелите на новото верско здание, во чии рамки се предвидени научно – едукативен центар, амфитеатар, библиотека, читална и останати содржини што ќе дадат поттик за проучување на исламот. Новата џамија ќе има трапезоидна форма, со четири минариња и ќе биде лоцирана во населбата Топанско поле, во непосредна близина на Балканскиот универзитет и новиот комплекс на Државниот универзитет во Тетово, пишува порталот Билд на 27 јули 2014 година.
Како што објавил порталот Скопје инфо на 19 април 2017 година, изградбата на џамијата веќе била почната.
На огромна парковска површина со многудеценски дрвја во населбата Топанско Поле ќе се гради џамија. Просторот е веќе ограден со лимена ограда, а со забрзано темпо речиси за два дена е изградена монтажната лимена куќа, која веројатно ќе се користи за градежните работници, пренесува Утрински. Пред оградениот простор на огромен билборд може да се види како ќе изгледа новиот верски објект. Меѓу околното население се шират шпекулации дека оваа џамија е инвестиција на некоја турска фирма и ќе претставува една од најголемите џамии во Европа. Од паното се гледа зданието со голема површина и две минариња, пишува Скопје инфо.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека на објавата која ја анализираме ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар