Изграден е водоводот во штипската населба „Балканска“

Од пуштањето во употреба на водовод во Балканска Фото: stip.gov.mk

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, за локалните избори (октомври 2017 г.),  како кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, во рамките на еден поширок проект, меѓу другото, вети:

Изградба на водоводна линија за населбата Балканска

[Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година,  „Живот во Штип за сите“ (стр. 18), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Водоводната линија до штипската населба Балканска е изградена и пуштена во употреба на крајот на август оваа година (2019), па споменатото изборно ветување на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски го сметаме за исполнето. Сепак, да напоменеме дека тоа е сторено со неколкумесечно задоцнување со оглед на тоа што предвидениот рок за неговата реализација  е 2018 година. Ова ветување на  Бочварски е дел неговата изборна програма „Живот во Штип за сите “,  каде се споменува меѓу капиталните објекти во склоп на проектот „Чиста и здрава вода за Чардалкија, Балканска и Македонка“ (стр.18),  при што е наведено дека  „првата фаза  од проектот опфаќа изградба на транзитна водоводна линија до населба Балканска во должина од 1500 метри и секундарни водоводни краци низ населбата“.

На 22 август (2019)  беше свечено пуштен во употреба  водоводот во населбата Балканска, а жителите по речиси 30 години конечно добија чиста вода за пиење од градскиот водовод. Дотогаш, оваа населба се снабдуваше со вода за пиење од бунарите на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“.

Во дел од медиумите беше пренесена изјава од градоначалникот Бочварски во која тој вели:

Денеска ја завршиме првата фаза, а тоа е приклучувањето на околу 200 жители од нас. Балканска на градскиот водовод, што значи дека денеска реализиравме проект од околу 300 илјади евра и водовод со должина од околу 2 километри. Сакам да им честитам на сите вработени од ЈП Исар, на целиот раководен тим предводен од директорот Живко Тасев, на сите кои беа инволвирани и ангажирани во работата и во донесувањето на овој многу значаен водовод после 28 години во нас.Балканска.

Бочварски тогаш најави дека веднаш ќе продолжат со приклучување и на домаќинствата кои се во горниот дел на населбата.

Информација и фотографии поврзани со пуштањето во употреба на  водоводот во Балканска, се објавени и на веб-страницата на Општина Штип.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција