Изграден кружниот тек во Берово
Проект: АСФАЛТИРАЊЕ ПАТИШТА И УЛИЦИ
Изградба на современо сообраќајно кружно решение на влезот на град Берово.
(Рок: 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Кружен тек на влезот на Берово вети во својата изборна програма за локалните избори во 2013 година кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Берово, Драги Наџински. Овој проект е наведен на страницата 32 од програмата, каде стои дека рокот за исполнување на ветувањето е 2015 година. Според утврденото, ова ветување на Наџински е исполнето со задоцнување од осум месеци.
Кружниот тек, односно како што е именуван во програмата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, „сообраќајно кружно решение“ требаше да ја замени доскорешната крстосница на улицата Маршал Тито на влезот на Берово, патот кон Струмица и патот кон селото Смојмирово. Првите конкретни најави за реализација на ветувањето се некаде пред истекот на наведениот рок, односно на 3 ноември 2015 година. Како што се наведува во веста, изведувачот е избран, а новото решение е дел од Програмата за развој 2016 – 2018 година на Општина Берово. За кружниот тек се обезбедени 8.530.000 денари од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделието и руралниот развој и од Буџетот на општина Берово.
Инвестицијата на целиот проект ќе чини 8.530.000 денари кои се обезбедени од страна на Агенцијата за финансиска подршка на земјоделието и руралниот развој и од Буџетот на општина Берово и за истиот веќе е изберен изведувач со кој во тек е потпишување на договор за изведба.
Пребарувајќи ги веб-сајтовите на македонските медиуми, најдовме многу малку вести за реализацијата на ова ветување. Во една вест од 3 август годинава, дознаваме дека кружниот тек на влезот на Берово е речиси финализиран, односно тој е во функција, а останало само хортикултурно уредување на кругот и изведба на тротоари, како што може да се види и од фотографијата. Дека кружниот тек се користел уште од почетокот на август ни потврди и жител на Берово.
Работите потоа се завршуваат и на 8 септември годинава кружниот тек е свечено пуштен во употреба, дознаваме од информација објавена на веб-сајтот на Општина Берово, како и од фотографиите објавени со неа.
Според тоа, ветувањето на Драги Наџински за „современо сообраќајно кружно решение на влезот на град Берово“ е исполнето, иако со задоцнување од малку повеќе од 8 месеци.
ИЗВОРИ
- (2013) Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013-2017 – Драги Наџински – НОВИ ДЕЛА ЗА НОВ НАПРЕДОК, НОВИ ДЕЛА ЗА ПОДОБРО БЕРОВО! (Стр. 32) [Пристапено на 23.11.2016]
- (03.11.2015) Канал+ – Берово ќе добие нов кружен тек [Пристапено на 23.11.2016]
- (03.08.2016) Вечер – Кружен тек на влезот во Берово [Пристапено на 23.11.2016]
- (19.09.2016) Општина Берово – Пуштена во употреба кружната раскрсница на влезот во Берово [Пристапено на 23.11.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар