Изграден спортскиот центар „Јане Сандански“ – Самсоненко ќе стопанисува со него до 2049 година

На 27 август 2014 официјално беше отворен мултифункционалениот спортски комплекс „Јане Сандански“. Фото: Принтскрин

Проект: Изградба на спортски центар „Јане Сандански“

Опис на проектот: На местото на старата сала „МЗТ“ ќе биде изграден спортски комплекс „Јане Сандански“ со јавно-приватно партнерство за што Општината објави оглас и склучи договор со приватниот партнер за нејзина изградба.  (Средства: јавно-приватно партнерство Рок: декември 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Спортскиот центар „Јане Сандански“ е свечено отворен во август 2014 година. Изградба на ваков спортски објект  вети  градоначалникот на Аеродром,  Ивица Коневски во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром!  (Спорт и млади, стр. 26), со рок на изведба декември 2014 година . Ова  е исполнето ветување на градоначалникот Коневски реализирано со помош на јавно-приватно партнерство помеѓу сопственикот на ФК и РК Вардар, Сергеј Самсоненко и Општина Аеродром. Како што објавија медиумите, според одредбите на Договорот за партнерство помеѓу Општината и рускиот инвеститор, Самсоненко ќе стопанисува со комплексот 35 години, односно до 2049 година. Локалната самоуправа го ослободи инвеститорот од трошоците за комуналии, но и од плаќање на атрактивното градежно земјиште.

Изградбата на спортскиот центар „Јане Сандански“ почна на 11 март 2013 година,  десетина дена пред првиот круг на локалните избори – 24 март 2013 година. На поставувањето на камен-темелник присуствуваа тогашниот премиер  Никола Груевски,  градоначалниците на Скопје и Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и рускиот инвеститор Сергеј Самсоненко.

Инаку, Општина Аеродром во експресен рок ја спроведе целокупната процедура по објавувањето на огласот, со кој бараше инвеститор за изградба на нов спортски комплекс „Јане Сандански“ по пат на јавно – приватно партнерство. На четврти јануари 2013 година  беше потпишан Договорот  со новоформираната компанија „Спортски центар Јане Сандански“, на која ѝ  беше доверена изградбата на објектот, чија вредност првично беше проценета на околу 8 милиони евра.

На 27 февруари 2014 година на местото на поранешната сала МЗТ во Општина Аеродром,   беше пуштен во употреба  новиот Спортски центар „Јане Сандански“, како мултифункционален спортски објект – спортски дом на машкиот и женскиот ракометен клуб Вардар и на кошаркарскиот клуб МЗТ.

Арената  беше изградена  за 16 месеци, а се простира на парцела од 11.000 метри квадратни, на местото на старата сала на МЗТ – Скопје, која беше урната на почетокот на март 2013 година. За изградбата инвеститорот потроши околу 15 милиони евра. Според одредбите на договорот за партнерство помеѓу Општината и рускиот инвеститор, Самсоненко ќе стопанисува со комплексот до 2049 година. Кпацитетот на големата сала е 6.500 гледачи, а на малата 1.000 гледачи, а во склоп на СЦ „Јане Сандански“  има и конгресен центар, тениски игралишта, фитнес и аеробик центар. Хотелот „Русија“ има четири ѕвездички и располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски и шест „супериор“ апартмани, 28 еднокреветни, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Дел од содржините на хотелот се и спа – центар и „руф“ бар.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција