Изграден цевководот во Црквино
Проект: Водоснабдување на населеното место Црквино
Опис: Со проектот е предвидена изградба на доводен цевковод од изворот до резервоарот со препумпна станица, со вкупна должина од 1.620 метри. По должината на трасата за нормално функционирање на цевководот кај пороите предвидена е изградба на анкерни блокови а.б. шахти за воздушни вентили и за испусни вентили. (Средства: 4.900.000 денари, Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија, Рок: 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во својата изборна програма, на 37-та страница, Славчо Чадиев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Велес, пред локалните избори во 2013 година вети изградба на цевковод од изворот до резервоарот за Црквино, со кој би се решил проблемот со снабдувањето со вода на околу 360 жители на селото, кои претходно се снабдувале со вода од селска чешма, пумпи и бунари. Рокот за реализација на овој проект е 2015 година и според утврденото при истражувањето, ова ветување е исполнето.
Почетокот на реализацијата на цевководот е на 16 јули 2014 година. На почетокот на изградбата жителите на ова велешко село за порталот „Дума“ изјавиле дека вода добиваат од пумпи и бунари, а оние што не можеле да инвестираат во такво нешто, носеле вода од селската чешма. Но, независно од каде црпеле вода, таа била бактериолошки загадена и непогодна за користење.
Градоначалникот на општина Велес при отпочнувањето на работите назначил дека цевководот ќе биде долг речиси три километри, а ќе завршува во резервоар со препумпна станица. Парите се обезбедени од Владата на Република Македонија.
Изградбата на водоснабдителниот систем во Црквино ќе чини над сто илјади евра. Општината парите ги обезбеди преку проектот на Владата за водоснабдување и одведување на отпадни води во рурални средини. Црквинчани сега очекуваат да почне и изградбата на селските улици.
На 27 ноември 2014 година, медиумите објавија информација дека изградбата е во завршна фаза.
Во завршна фаза е изградбата на водоснабдителниот систем во велешкото село Црквино, кој треба да биде готов до крајот на годинава, најави Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.
– Со водоснабдителниот систем конечно ќе биде решен проблемот за водоснабдување на околу 360 жители од ова населено место.Воедно чиста вода пиење ќе се донесе до секоја куќа во селото, со што ќе се подобри и стандардот на жителите, потенцира Чадиев.
Системот е пуштен во употреба после безмалку една година, на 16 ноември 2015 година. Односно, во употреба се пуштени цевководот и резервоарот, по што ќе следува изведување приклучоци за домаќинствата.
Заедно со градоначалникот на Велес Славчо Чадиев Премиерот Груевски го пушти во употреба новиот систем за водоснабдување во целото Црквино.
Жителите од ова населено место изразија благодарност што конечно го надминуваат долгогодишниот проблем и ќе добијат чиста вода за пиење.
Изградбата на резервоарскиот простор е комплетно изведена со средства одобрени од Министерството за транспорт и врски, а во следната фаза ќе се обезбеди приклучок на домаќинствата.
Што се однесува до втората фаза, односно изведувањето приклучоци во куќите, Чадиев ветува (од 23 секунда до 51 секунда во видеото) дека до крајот на јуни ќе бидат приклучени на водоводот сите што тоа ќе го побараат. Дали е тоа сторено, не најдовме информации пребарувајќи за вести на агрегаторите „Тајм“ и „Грид“, ниту на веб-сајтот на општина Велес.
Сепак, имајќи предвид дека е завршена првата фаза, односно изградба на цевководот (проектот наведен во изборната програма на Чадиев), според методологијата на „Вистиномер“, ова негово изборно ветување го сметаме за исполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Славчо Чадиев – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Велес“ (стр. 37) [Пристапено: 03.08.2016]
- (16.07.2014) Дума – Конечно, Црквино пред изградба на водовод, жителите на селото бараат и бетонски улици [Пристапено: 03.08.2016]
- (27.11.2014) МИА – Во завршна фаза изградбата на водовод во велешкото село Црквино [Пристапено: 03.08.2016]
- (16.11.2015) Канал 5 – Груевски на средби со жителите во Башино село, Црквино и Караслари [Пристапено: 03.08.2016]
- (17.11.2015) ТВ Здравкин – До крајот на јуни чиста вода до секој дом во Црквино [Пристапено: 03.08.2016]
- Тајм – Пребарување за „Црквино вода“ [Пристапено: 03.08.2016]
- Грид – Пребарување за „Црквино вода“ [Пристапено: 03.08.2016]
- Веб-сајт на Општина Велес – Пребарување за „Црквино“ [Пристапено: 03.08.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар