Изграден е зелен покрив на ГТЦ, ќе се раззеленат и Домот на градежници и Мавровка

Зелениот покрив на ГТЦ Фото:skopje.gov.mk

Ветување: Зелени и отворени покриви за подобри пејзажи на градот!

Се залагаме за примена на светските стандарди за идните станбени градби во Скопје, со зеленило на покривите... Постепено ги заменуваме и ги адаптираме покривите на јавните објекти под надлежност на градот Скопје, објектите на администрацијата и на јавните претпријатија, средните училишта, културните институции…

 [Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.22 – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.) градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вети зелени кровни површини за јавните градски објекти. Досега (27.01.2021) во Скопје има само еден зелен покрив – на Градскиот трговски центар, а во тек е изградбата на уште два, на „Домот на градежници“ и на ТЦ „Мавровка“. Така што, ова ветување на Шилегов дадено во неговата изборна програма  „Живот во Скопје за сите!“ (стр.22),  го сметаме за делумно исполнето.

Градскиот трговски центар во Скопје доби зелен покрив кон крајот на 2019 година. Тој беше отворен за посетители на 29 ноември 2019 г, откако Град Скопје заедно со УНДП и ГТЦ, заврши со уредување на просторот од 1.800 квадратни метри на кој се засадени над 3.600 разни видови садници. Поставени се и неколку фонтани и базени, монтажна бина, шаховско поле, кафуле, модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.

Kонечно го ставаме во употреба новиот квалитетен јавен простор на скопјани, простор којшто сум убеден дека полека ќе си го заземе своето место во таканаречените скопски приказни и дека тука ќе се раѓаат многу убави спомени за нашите сограѓани, рече тогаш Шилегов.

Вториот зелен покрив  – на Домот на градежниците,  почна да се гради на 18 декември минатата година. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри ќе бидат засадени повеќе од 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило, ќе има тревна површина и вертикално зеленило поставено на ѕидовите, ќе се постават и клупи и друга урбана опрема, а ќе се врати и култното кино. Според најавите од градските власти, овој зелен покрив треба да биде готов во април оваа година.

Денеска (27.01.2021) беше презентиран проектот за уредување на третата и најголема зелена кровна површина во Скопје – покривот на „Мавровка“. На овој простор се планира да бидат засадени над 40 различни видови на садници на вкупна површина од 4.000 квадратни метри.

Одбравме да го правиме овој зелен покрив од две причини. Првата е да го покажеме нашиот пристап на еднаквост на градот кон сите страни. Другата причина е да се надомести за уништеното зеленило со изградбата на барокните згради кои беа дел од проектот Скопје 2014”, рече градоначалникот  Шилегов.

 

Информации и фотографии за уредувањето на зелените кровови на ГТЦ, Домот на градежници и ТЦ „Мавровка“ се објавени на  веб-страницата на Град Скопје и во повеќе медиуми.

Имајќи го сето ова предвид, според методологијата на „Вистиномер“, ветувањето на Шилегов за изградба на зелени покриви го оценуваме делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција