Изградена е нова грaдинка во Штип

Новата детска градинка „Виножито“ во населбата Сењак во Штип Фото: stip.gov.mk/

Нова детска градинка во населба Сењак 4

[Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година,  „Живот во Штип за сите“ (стр.12 и стр. 26), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски за изградба на нова детска градинка во населбата Сењак 4, дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), е исполнето. Проектот е дел од неговата предизборна програма  „Живот во Штип за сите “, (на стр.12 во делот „Општина за сите нас“ и на стр. 26. во делот „Месни проекти“ – Урбана заедница „Сењак“).

Новата градинка „Виножито“ во оваа штипска населба е изградена и пуштена во употреба на крајот на декември минатата година (2019). На свеченоста по повод отворањето на градинката (28.12.2019), градоначалникот Бочварски рече дека:

Ова е еден од најважните капитални проекти за Општина Штип, којшто го ветивме во предизборната кампања. Ваков објект триесет години не е изграден во Општина Штип, а само две години од преземањето на локална власт, присуствуваме на неговото отворање.

Информација и фотографии за отворањето на градинката обавија повеќе медиуми, а може да се најдат и на веб-страницата на Општината.

Изградбата на градинката почна на 30 октомври 2018 година,  кога беше поставен камен-темелникот на овој објект. Претходно беше средена процедурата околу градежното земјиште, техничката документација , по што беше распишан тендер.   „Вистиномер“ во 2018 година го провери ова изборно ветување на Бочварски и тогаш оценката беше „во тек“.

Според објавените информации, оваа детска градинка е со големина од 1.600 метри квадратни и има капацитет за 200 дечиња. Се работи за инвестиција во висина од речиси 1 милион евра, пари од буџетите на Општина Штип, Министерство за локална самоуправа преку Биро за рамномерен и регионален развој и Министерство за труд и социјална политика.

 

ИЗВОРИ:

  • Изборна програма на Благој Бочварски за локаните избори 2017 година – „Живот во Штип за сите“(стр.12 и стр.26) [Пристапено на 17.01.2020]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција