Изгубените прилики на потенцијалната „прва дама“ на опозицијата

Фото: Принтскрин

Од соработник на Груевски за акцијата „компјутер за секое дете“, преку член на ЛДП, па на СДСМ, до независен пратеник во Парламентот, Солза Грчева деновиве откри дека навистина била миленичка и едно време фаворит за претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ. Во секој случај, таа е класичен пример за политичар „прелетувач“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во својот наплив на исповедништво пред камерата на емисијата „Во центар“ на водителот Васко Ефтов, екс-професорката по информациски технологии, Солза Грчева, не криеше дека ВМРО-ДПМНЕ, која сега е под претседателство на Христијан Мицкоски, ѝ дала шанса да стане претседателски кандидат на опозицијата за последните претседателски избори. Имало, всушност, повеќе такви моменти на покажување висока доверба кон неа, ама најважниот е дека ѝ било понудено да биде претседателски кандидат на изборите кои се одвиваа лани (2019) во април. Таа требалo да биде противник на Стево Пендаровски, а не професорката Гордана Давкова, која била второпонудена, откако Грчева ја одбила понудата.

Според  Грчева, некаде во средината на 2018 година, пред одржувањето на референдумот за името на земјава, била повикана од страна на социјалистот Љубисав Иванов – Ѕинго во Кратово со споменатата понуда. Придружена од пратеничката од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ, таа по една од тие понуди во форма на испраќање на возило со шофер, го ислушала пледоајето на газдата на Силекс. Во него стоело дека ВМРО ДПМНЕ и коалициските партнери се свесни дека ќе ги изгубат претседателските избори ако одат со свој кандидат, политичар од своите редови, но дека таа, со своите реторички вештини би можела да добие околу 50 илјади гласови повеќе од постојниот опозициски квантум. Тоа би гарантирало победа, се муабетело во дневната соба на Ѕинго.

За Грчева, таа понуда во основа содржела оградување на ВМРО ДПМНЕ и сојузниците од „горење“ на свои кадри на изборите. Дали тука постоела  и проценка дека поголем дел од вмроовските кадри се на лош глас во обвиненијата на СЈО и дека во оваа партија им треба ново лице, кое може да донесе гласови меѓу неутралните или од оние кои народот ги нарекува „прелетувачи“?

 

ПОЛИТИЧАР-ПРЕЛЕТУВАЧ

За волја на вистината и самата Грчева (65) спаѓа во редот на политичарите – прелетувачи, бидејќи како што велат некои наши колеги, за неа е тешко да се напише точна политичка биографија, бидејќи минатото често си го крие доста систематски. Грчева е по раѓање Шопова, дел од семејството на познатиот револуционер, поет и амбасадор во времето на СФРЈ – Ацо Шопов. Тоа ја прави, објективно, да е дел од политичката класа која секогаш може да смета на добра отскочна штица во кариерата, каде и да е насочена.

Во портретот за Грчева, објавен на порталот „Магазин“ (26.08.2018), под наслов: „Солза Грчева – член на сите партии и професор на сите Универзитети?“, стои дека „д-р Грчева е енигма самата за себе“. Покрај на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, таа во одреден период беше дел од колективот на Факултетот за информациски и комуникациски технологии при Универзитетот ФОН, каде „просперирала” од вонреден професор, па сè до декан на истоимениот факултет. Но, таа во мигот кога ФОН западна во финансиска кома, кога плати не се исплатуваа со месеци заради претходно  рушење на објектот „Космос“, реши да замине во политиката и тоа промптно.

Знаеме дека била член на Либерално-демократската партија, иако таа тоа јавно го оспорува, но ЛДП, поточно тогашниот претседател Андреј Жерновски, излезе со изјава дека не само што била нивни член, туку во одредени сегменти држела партиски прес-конференции на тема образование – комисија со која раководела.

Грчева била и дел од колективот на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип каде, исто така, имала успешна кариера, па од вонреден професор бргу стигнала до функцијата проректор за меѓународна соработка. Инаку, со одлука од 24-ти ноември 2017-та година Солза Грчева е избрана за професор при Факултетот за технички науки, овојпат при Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје.

Од ЛДП Грчева преминува во СДСМ од каде во 2014-та година станува и нивен пратеник. Во споменатата емисија на Ефтов таа малку неволно, со многу избегнувања на директен одговор, сепак признава дека е од штипската „курија“, односно дека нејзин ментор била Радмила Шекеринска. Без речиси ден во партијата која ја кандидираше, Грчева стигна до Парламентот каде по одлуката на СДСМ да излезе од законодавниот дом,  премина во независни пратеници и си ја задржа пратеничката плата. Потоа таа формираше и сопствена политичка партија и стана најгласен критичар на политиките на СДСМ и на Заев оттогаш наваму. (Другата колешка, пак, која ја следеше неа во одлуката да дејствува независно, Љубица Буралиева  – беше дел од „струмичката курија“, што покажува дека кадровските грешки во партијата се со вирусно обележје.)

 

ХОНОРАРЕН СОРАБОТНИК – СПЕЦИЈАЛЕН СОВЕТНИК

Колку е необјаснив нејзиниот избор, своевремено за пратеничка функција во СДСМ, говори фактот дека наводно пост фестум се открило оти во 2007-ма година, иако критичар на политиките на ВМРО–ДПМНЕ, таа била во одлични релации со тогашната владејачка партија предводена од  Никола Груевски. Така, Грчева била  хонорарен соработник, функција што денес популарно е именувана како „специјален советник“ на тогашниот премиер Груевски за проектот „Компјутер за секое дете”. Ова е проект на извршната власт од 2007 година, а е дел од владината иницијатива за „образование и обука на сите” која се темели на Националната програма за развој во образованието 2005-2015 година.

Како што кажува  Ефтов во емисијата „Во центар“, од нејзината активност во последните четири години, кога давала голема поддршка на активностите на ВМРО-ДПМНЕ и била нарекувана: „Солза Грчева вмровка“,  сега стигнала до фаза кога е забрането да ја споменуваат во сите медиуми кои ги контролира Мицкоски (како што се изразуваат двајцата соговорници во емисијата „Во центар“). Дополнителен хендикеп за неа во очите на Мицкоски е нејзиното залагање за постоење на една изборна единица, што впрочем, е сон на секоја мала партија.

Од најавата на уште едно видување со Ефтов, таа прилично јасно порача дека е „патриотки настроена“ и дека е подобар кадровски избор од сите оние кои во опозицијата се нудат како т.н. независни кандидати.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.